ПОТПИШАН ПРВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како единствен репрезентативен синдикат во дејноста образование и министерството за образование и наука – МОН го потпишаа првиот грански Колективен договор за високо образование и наука, на национално ниво, кој важи за вработените во установите од овие дејности. Овој Колективен договор ги нормира и унапредува правата од работен однос во секторот високо образование и наука: вработување, унапредување, право на годишен одмор, право на платено и неплатено отсуство, право на отпремнина, заштита од отказ итн. Во договорот се дефинира начинот на пресметување на платата, кој се темели на степенот на сложеност и одговорност на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната плата на национално ниво. Особено е важно да се спомене дека со овој начин на пресметка на плата се обезбедува систем на валоризација, но и континуиран раст на платите, кои ќе растат заедно со просечната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите како во изминатиот период.  Дополнително, од страна на МОН ќе се исплаќаат минат труд и прекувремена работа.

Кон овој Колективен договор барање за пристапување поднесе Независниот академски синдикат – НАкС, кој активно учествуваше во изготвување на истиот. СОНК позитивно одговори на ова барање и даде согласност за пристапување на членовите на НАкС, за кои ќе важат истите права и обврски од Колективниот договор за високо образование и наука, како што важат за потписниците на овој Договор.

Сметаме дека овој Колективен договор е исклучително важен во однос на решенија на системски проблеми кои ги засегаат вработените во овие дејности со години, социјалниот дијалог и регулирање на односите помеѓу различните чинители. Очекуваме дека статусот и материјалните права на сите вработени во високото образование и науката ќе продолжат да се унапредуваат и дека зацртаните барања во целост и со забрзано темпо ќе се реализираат по завршување на кризата.

 

 

 

 




УЧЕСТВО НА СОНК НА СПЕЦИЈАЛНАTA КОНФЕРЕНЦИЈА НА ETUCE ВО ЛИЕЖ

На 5 и 6 јули 2022 година, во Лиеж, Белгија, се одржа Специјална конференција на ETUCE на тема: „Мобилизирање за квалитетно образование“ (“Mobilising for Quality Education”).

Во текот на Конференцијата, претставниците на синдикатите, членки на ETUCE, се сретнаа и дебатираа на оваа тема, со цел зајакнување на солидарноста помеѓу наставниците и другите вработени во образованието низ Европа.

На конференцијата беа усвоени Предлог-резолуцијата за Синдикалниот ангажман и активност во Европа: „Мобилизирање за квалитетно јавно образование, за придобивките на учениците и подобрување на статусот на наставниците и целиот образовен кадар“, како и „Мировната резолуција за Украина“.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го претставуваа Претседателот на СОНК, Јаким Неделков и Лена Спасеновска Поповска, член на Советот на СОНК.

По усвојувањето на нацрт-документот: „Подигнување на статусот и подобрување на атрактивноста на наставничката професија“, во името на Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, до присутните се обрати Лена Спасеновска Поповска.

Текстот од обраќањето во целост, може да се види тука.

Повеќе детали во врска со Конференцијата може да се  прочита и погледне на следниот линк.




КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ЗА ОСНОВНО И СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ – ТЕМА НА ДЕНЕШНАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

Денес, 17.02.2024 година, Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа својата 26-та редовна седница, на која се дискутираше за завршените преговори помеѓу СОНК и Министерството за образование и наука (МОН) во врска со колективните договори за основно и средно образование.

На седницата, главен акцент беше ставен на причините кои доведоа до непотпишување на двата колективни договори. Беше констатирано дека СОНК и МОН беа на прагот на потпишување на истите, односно дека текстовите на двата договори поминаа на јавна расправа пред членството и повторно беа усогласени помеѓу двете институции.

Како главни причини за непотпишување на договорите беа посочени: необезбедени финансиски средства од страна на Министерството за финансии (МФ), како и немање на репрезентативност во дејноста образование. Во однос на репрезентативноста, беше дискутирано дека подолг временски период се врши опструкција од страна на Комисијата за утврдување на репрезентативност при Министерството за труд и социјална политика (МТСП), па од таа причина е и неможноста за потпишување на колективните договори за основно и средно образование.

По опширната дискусија, членовите на Советот дадоа предлози за надминување на наведените проблеми, а по завршување на седницата, СОНК одржа прес-конференција на оваа тема.




ЧЕСТИТ 1ВИ МАЈ, ДЕНОТ НА СИТЕ РАБОТНИЦИ




РЕАКЦИЈА НА СОНК ПО ОДНОС НА ИЗЈАВАТА НА ПЕТАР АТАНАСОВ,ВИСОК ФУНКЦИОНЕР НА СДСМ

КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ,ВКЛУЧИТЕЛНО И КОЕФИЦИЕНТОТ ЗА КЛАСНО РАКОВОДСТВО, ВАЖАТ САМО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, најостро реагира на изјавата на Петар Атанасов, член на највисокото раководство на СДСМ, дадена денес ( 23-09-2016 година),во изјава за средствата за јавно информирање. Со изјавата, во која споменатиот висок преставник на оваа политичка партија, изнесе исклучително исконструирани невистини против СОНК, со што направи грубо кршење на Уставот на Република Македонија, во делот на гарантирана слобода на организирање и делување на синдикатите, Законот за работни односи, повеќе меѓународни конвенции ,кои ги има ратификувано нашата држава и други правни акти. Отфрлајќи ги изнесените небулози, кои не би требало да си ги дозволи ни сосема неупатен човек во споменатите правни акти, а секако пресметано дадени со цел да му нанесе штета на угледот и вкупното функционирање и работење на најголемиот грански Синдикат во Република Македонија, Петар Атанасов убедени сме дека се судри и со повеќе членови од Кривичниот закон во Република Македонија.

Тврдењето на Петар Атанасов, дека СОНК со  писмен допис им забранувал на директорите на училиштата да распоредуваат класни раководства на наставниците кои не се членови на СОНК, ги надминува сите граници кои можат да бидат толериранина. Патем кажано, СОНК има голема документација за вакви или слични однесувања на високи претставници на СДСМ и во времето кога истата раководеше со Владата на Р. Македонија ( 2002-2006 година).  Како потсетување:- блокирање на ж-ро сметките на СОНК повеќе од 1 месец во 2005 година, без никаква основа; исклучување на службените телефони на СОНК ; асистирање за бркање на раководството на СОНК од зградата на Работнички дом; целосно инволвирање на фингирање на т.н. Конгрес и обид за формирање на паралелен синдикат со исто име и … списокот е многу долг и затоа тука ќе го завршиме овој дел. И тогаш, а сигурно и сега резултатот од ваквите очајнички обиди за пресметка со СОНК, кој никогаш не одработува за политичките партии, секако вклучително и за СДСМ, ќе им биде зачленување во нашиот Синдикат и на оној многу мал дел на вработени во образованието, кои не се членови, токму од ,, пријателското” убедување од СДСМ.

Вистината, спротивно со изнесената тешка невистина од страна на Атанасов е – утврдениот дополнителен коефициент во висина од 0,20 за класно раководство во основните и средните училишта со Колективните договори за двете дејности, што СОНК ги има потпишано со Министерството за образование и наука и кои важат само за членовите на нашиот Синдикат, како што впрочем е секаде во современите држави. Иако можеби е одвишно, ама сепак ќе го кажеме аргументот дека Синдикатот не  брани интереси на сите работници, туку само на тие, кои доброволно се зачлениле во таа организација и со тоа му пренеле овластување за застапување со надлежните органи во врска со правата и обврските од работен однос. Значи, законското право и обврска на директорите да распоредуваат класно раководство на наставници, кои ги исполнуваат условите за тоа, СОНК ниту може, ниту го брани тоа,. Но,  за тие наставници кои не се членови на СОНК, не може да се примени споменатиот додаток утврден со колективните договори или уште појасно кажано, ќе биде исто како во времето на СДСМ кога ја остваруваше власта, а  наставниците тоа добро го знаат, немаше додаток за класно раководство. Се наметнува, само по себе прашањето, што ќе го упатиме до Петар Атанасов – кој му е аргументот, во денешните тврдења, дека СОНК ги намалил правата, кога непобитни се фактите дека СОНК, особено во последните десетина години ги зголеми платите во образованието повеќе од двојно, секако преку социјален дијалог и соодветни договори и документи со ресорното Министерство, трансформирани се повеќе од 9.000 работни места од определено на неопределено работно време, нема технолошки вишоци и покрај намалениот број на ученици заради проблемот со наталитетот… и нема Закон за замрзнати плати , како што беше од 1992 до 2002 година.

Ете тоа се дел од причините поради кои со никакви лаги, закани , притисоци, шарени ветувања не успеваат тие што сакаат да го нема СОНК. Но, тие што го кршат Уставот и законите, како што денес го направи Петар Атанасов, ќе треба да дадат одговор во меѓународните синдикални организации, во кои СОНК е редовна членка, во Меѓународната организација на трудот , пред претставниците на меѓународната заедница во Р. М. и други надлежни организации и органи.




Честит празник – Ден на нашите просветители

Синдикатот на образование, наука и култура – СОНК на сите просветни работници им го честита празникот 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.




СОНК бара К-15 за сите буџетари

СООПШТЕНИЕ

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК упати Барање до Министерство за труд и социјална политика (МТСП), со кое се бара веднаш да се отпочнат преговорите за потпишување на Општ Колективен договор за јавниот сектор.

Барањето упатено до МТСП може да го погледнете тука.

 




НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕГИОНАЛНИОТ ОДБОР НА СОНК – СТРУГА ЈА ОДРЖА СВОЈАТА ПРВА СЕДНИЦА

Регионалниот одбор на СОНК – Струга ги информира своите членови дека на ден 31.01.2022 година (понеделник) ја одржа својата прва работна седница, на која беше конституиран и Регионалниот одбор.

На дневен ред на седницата беа отворени повеќе прашања, на кои главен акцент беше ставен на незадоволството на членовите на Регионалниот одбор во однос на ниските плати во детските градинки, основното и средното образование, науката и културата. Понатаму, спречување на хаосот во врска со неусогласеноста на минималната плата со колективните договори и продолжување на процесот за нивно потпишување, како и исплата на трошоци за превоз до и од работното место.

На крајот од седницата, Регионалниот одбор донесе заклучок за идните чекори кои треба да се преземат, како што се реформирање на организацијата, спречување на губење на членството, решавање на проблемите на сите нивоа, подигнување на правата на работниците, работа во безбедна и здрава средина, а пред се продолжување на социјалниот дијалог со социјалните партнери.




СОНК И МЗЗПР ПРОДОЛЖУВААТ СО ЕДУКАЦИЈА ЗА ЗДРАВА И БЕЗБЕДНА РАБОТНА СРЕДИНА

Во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на ден 20.02.2023 година, одржаа работилница на која учествуваа членови на СОНК од Регионалните одбори на Велес и Штип.

На работилницата, присутните членови имаа можност да се едуцираат и да ги прошират своите знаења, благодарение на двајца предавачи односно стручно лице за безбедност и здравје при работа, како и доктор по медицина на труд, кои се експерти во својата област.

        

Работилницата, на која се обработија актуелни теми за безбедноста и здравјето при работа, беше интерактивна, пришто експертите од стручен и научен аспект одговорија на сите поставени прашања.

На крајот од работилницата, учесниците изразија голема благодарност за можноста да се стекнат со неопходните знаења од оваа, за нив, многу значајна област.




ОДРЖАНИ СЕ ЕДУКАТИВНИ СЕМИНАРИ ВО ПОЛОВИНА ОД РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК

ПРОДОЛЖУВА ОГРОМНИОТ ИНТЕРЕС ЗА СЕМИНАРИТЕ