СОНК ДОДЕЛИ ПАРИЧНА ПОМОШ ЗА НАСТРАДАНИИТЕ ОД ПОПЛАВАТА
Вклучувајќи се во акцијата за солидарност со настраданите семејства, СОНК уплати паричен износ…
Вклучувајќи се во акцијата за солидарност со настраданите семејства, кои претрпеа огромна штета од неодамнешната поплава што ја зафати Република Македонија, особено неколку посебни делови во Скопје и околината, како и во тетовскиот регион, на посебната сметка на Црвениот Крст на Република Македонија, СОНК уплати паричен износ од 150 000 денари. Раководството на СОНК смета дека најприкладно беше да се доделат директно финансиски средства, бидејќи во Црвениот Крст на Република Македонија најдобро ги знаат најитните потреби што ги има погоденото население, отколку да доделуваме пакети со продукти со храна или облека, која можеби во овој момент не е толку потребна или веќе ја има во доволни количини.
Придржувајќи се целосно кон воспоставените принципи на нашиот Синдикат, а во тој контекст, имајќи предвид дека се работи за чисто хуманитарна активност, раководството не ни помислува оваа состојба да се користи за правење на било каков маркетинг и затоа не е доставена никаква информација преку средствата за јавно информирање.
Раководството ќе превземе и додатни активности за кои смета дека нашата организација може да ги организира, со цел да им се олесни состојбата на оштетените од оваа природна катастрофа.
ОДРЖАНА ТРЕТАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК
УСВОЕН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ОДРЖАНИТЕ СЕМИНАРИ СО ЧЛЕНОВИТЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК
Советот на СОНК на третата редовна седница, одржана на 25-ти и 26-ти јуни, 2016 година, како главна точка на дневен ред, расправаше по Извештајот за одржаните семинари со членовите на регионалните одбори на СОНК.
Во обемната расправа, во која учествуваа најголемиот дел од членовите на Советотна СОНК (кој брои вкупно 43 членови), се направи опстојна анализа на резултатите од одржаните едукативни семинари во сите регионални одбори на СОНК. Заедничка оценка од дискусиите беше, дека семинарите биле добро организирани и од страна на учесниците на истите оценети се како многу потребни и корисни.
Посебно за одбележување е заедничката оценка на членовите на Советот, дека преку одржаните семинари, на кои учествувале 451 претседатели на синдикални организации, дека се детектирани и неколку по изразени слабости во дел од синдикалните организации, како и во одредени регионални одбори. Тоа не е состојба која треба да се смета дека е со некои сериозни размери и е вообичаена, особено во организации со огромен број на членство, како што е нашиот Синдикат. Но, за пофалба е подготвеноста на раководството, отворено да се разговара за таквите проблеми и навреме да се превземат активности, согласно Статутот на СОНК, за нивно што побрзо надминување. Радува фактот што сите членови на Советот, покажаа целосна подготвеност за надминување на ваквите состојби.
Издвоени се неколку детектирани слабости во организацијата. Една од нив е постоењето на значаен број на претседатели на синдикални организации ( вкупно 573 на ниво на држава) и тоа во сите дејности, како и во сите регионални одбори, кои недоволно ги проучиле Статутот и Програмата на СОНК, без кои е невозможно да бидат на висината на одговорноста што ја презеле како претседатели на синдикални организации. Исто така, евидентирано е дека значаен број на претседатели на синдикални организации, многу малку или без малку целосно, не ги познаваат колективните договори по дејности што ги има потпишано нашиот Синдикат со ресорните министерства, законите на дејностите, како и одредбите од ЗРО, барем во делот на синдикатите и колективните договори.
Има еден помал број на синдикални организации во кои е констатирано дека, многу ретко се одржуваат состаноци со членовите на тие организации, а претседателите на истите, на состаноци на регионалните одбори, настапуваат со изјави дека тоа се ставови, мислења, предлози, барања на членовите од конкретната организација! Таквите состојби се целосно неприфатливи и во наредниот период, регионалните одбори мора да посветат многу повеќе внимание на истите, а нивното надминување да биде согласно Статутот на СОНК.
Во однос на регионалните одбори, Советот констатира дека, генерално истите добро ги завршија истите за организирање и реализирање на едукативните семинари и во основа солидно ги извршуваат обврските согласно Статутот на СОНК и документите што ги усвојува Советот на СОНК. Меѓутоа, беше констатирано дека неколку регионални одбори не ја остваруваат потребната комуникација и размена на информации со централното раководство на Синдикатот, во некои сличаи и во подолг временски период. Има неколку примери на регионални одбори, кои со одредени свои активност излегуваат од надлежностите што ги имаат со Статутот на СОНК. За надминување на ваквите состојби, беше договорено во наредниот период задолжително да се почитуваат правата и обврските од Статутот на нашиот Синдикат.
По обемната и плодна дискусија, Советот усвои заклучок да се изготви Програма за синдикална едукација на сите нивоа и на првата наредна седница на Советот на СОНК да се усвои истата и да продолжат активностите за организација на семинари за едукација членовите на нашиот Синдикат.
Ќе го одбележиме и Заклучокот, што едногласно го усвои Советот на СОНК за покренување на званично барање пред надлежните институции и органи во државата, за правична и правна поделба на т.н. синдикален имот, стекнат во поранешниот општествен систем.
ПИСМО ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЗЕЛС – КОЦЕ ТРАЈАНОВСКИ
Почитуван г-не Претседател,
Ви се обраќаме во врска со договорот што го направивме на средбата кај Вас, во својство на Градоначалник на град Скопје. Ја користиме и оваа прилика, најсрдечно да Ви се заблагодариме за исклучителниот и пријателски разговор на споменатата средба.
Обраќањево што го правиме кон Вас, во својство на Претседател на ЗЕЛС е во врска со неколку прашања со кои се соочени вработените, пред се во образованието, а ние во името на нашите над 30.000 членови во сите установи од образованието, науката и културата. Станува збор за прашања, а некои можат да се третираат и како проблеми и чие решавање е во надлежност на единиците на локалните самоуправи.
Имено, најгорлив проблем е во одредени општини, нерешеното прашање за организиран бесплатен превоз на вработените, пред се во основните училишта кои се во руралните средини, а вработените во истите и особено наставничкиот кадар се со место на живеење во поблиските градови. Потсетуваме, дека до 2009 година им се исплаќаа посебни реални трошоци за превоз од местото на живеење до училиштето и назад. Но, со воведување на системот на бруто плата, такви надоместоци повеќе не постојат. Тоа реално создаде состојби тие вработени да мораат да издвојуваат значаен дел од својата плата, за да ги покријат трошоците за превоз до училиштата, што сме сигурни дека ќе прифатите дека не е прифатливо, бидејќи не е правично. Законот дава можност, работодавецот да може да организира бесплатен превоз за ваквиот дел од вработените. Токму тоа, во добар дел од општините го имаат направено и тоа со превозот за учениците, а некаде и со обезбедување на превоз на дел од вработените, на сметка на Општината. Останати се само неколку општини, кои овој проблем го немаат решено ( за некои од нив , Ве информиравме на споменатата работна средба кај Вас).
Нашите очекувања и молба до Вас, се Вие како Претседател на ЗЕЛС, во рамките на надлежностите на оваа Заедница (секако во договор со градоначалниците на општините), овој проблем да биде решен и во последната општина, каде што истиот постои.
Второто прашање, за кое очекуваме ЗЕЛС да превземе соодветни активности е во врска со решавањето на технолошкиот вишок, кога ќе се појави во основните и средните училишта и тоа по било кој основ. Ние сме запознаени дека во случај на технолошки вишок во училиштата, се прават напори за решавање на истите, но само во рамките на училиштата во конкретната општина. Но, има одредени случаи каде што во училиште кое се наоѓа на подрачје сосема блиску каде што почнува друга општина ( што би се рекло, веднаш преку улица), да примат нов вработен, наместо да се прими вработениот кој е прогласен за технолошки вишок во училиштето од другата општина. Според наше мислење, вработените во образованието вршат работа од заеднички интерес на државата и додатно од тие причини треба за споменатите случаи, околу прашањето за нивниот работен однос, да немаат посебно значење општинските граници.
Убедени сме, Вие како Претседател на ЗЕЛС со целиот Ваш авторитет, можете многу да допринесете во надминување на појавите каде одредени градоначалници, овој проблем го третираат чисто од интерес на својата општина.
Трето, сакаме да го изразиме задоволството, за воспоставениот социјален дијалог и социјално партнерство помеѓу надлежните претставници на регионалните одбори на СОНК и претставниците на Локаната самоуправа на општините кои ги опфаќаат регионални одбори, што е од голем взаемен интерес за разрешување на голем дел на прашања од надлежност на Локалната самоуправа и Синдикатот.
Наша желба и заеднички интерес е овие релации и понатаму да се одржуваат и подигаат на повисоко ниво.
Ве замолуваме околу овие прашања, на начин за кој Вие ќе одлучите, да ги информирате органите на ЗЕЛС и секако во одредени прилики и поединечно со одредени градоначалници, за прашања и проблеми од соодветната општина.
Примете ги нашите најискрени поздрави и најубави желби,
ЗАВРШИЈА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ СО РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК
СИЛНО ПОТВРДЕНА ПОТРЕБАТА ЗА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА
Во текот на овој месец, се одржаа и последните три едукативни семинари и тоа во регионалните одбори на СОНК : Куманово, Карпош и Центар. Од првиот семинар одржан во почетокот на месец февруари ( регион Делчево ), до последниот одржан во втората половина на месец мај ( регион Центар), практично беа одржани семинари во сите 20 регионални одбори на СОНК. Првична оценка од вкупно 573 претседатели на синдикални организации, присуствуваа над 95% од вкупниот број.
Стручната служба на СОНК ќе изготви опстојна анализа за одржаните семинари, со посебни согледувања на секој поединечен регион и заедничка анализа на сите дваесет семинари. Таквата анализа треба да ги согледа вистинските состојби во исклучително важниот дел на синдикалната активност на нашиот Синдикат, во делот на познавање на најважните одредби од законите што ги регулираат правата од работен однос, колективните договори, потпишани од страна на СОНК и документите усвоени од Конгресот на СОНК ( Статут, Програма, Резолуции и сл. )
Врз основа на оваа анализа , раководството на СОНК и особено Советот на СОНК, ќе треба да договорат конкретни натамошни активности за отстранување на констатираните слабости и тоа во исклучително важниот дел од раководната структура на СОНК, односно претседателите на синдикалните организации.
Како првичен заклучок, неспорно е дека семинарите во регионалните одбори на СОНК во целост го оправдаа нивното одржување и создадоа многу солидна основа за натамошни активности во јакнење на квалитетното функционирање на организацијата, со ставање на акцент на синдикалните организации како темел на нашиот Синдикат.
СИЛНО ПОТВРДЕНО ПРИЈАТЕЛСТВОТО ПОМЕЃУ СИНДИКАТОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НА СЛОВЕНИЈА И НАШИОТ СИНДИКАТ
Членовите на Главниот одбор на Синдикатот за образование на Словенија престојуваа во посета на Р.Македонија
Членовите на Главниот одбор на Синдикатот за образование на Словенија (СВИЗ) од 19-ти до 21-ви мај, престојуваа во посета на Р.Македонија. Во рамките на посетата беа остварени средби со највисокото раководство на СОНК, како и посета на неколку градинки, основни и средни училишта во Скопје.
Главниот одбор на СВИЗ, практично е соодветен орган како што е Советот на СОНК, што всушност значи највисоки постојани органи на одлучување на нашите два синдикати. Овој факт укажува на значењето на посетата на Главниот одбор на СВИЗ, што практично е врв на повеќегодишното ислучително блиско пријателство помеѓу СВИЗ и СОНК, што е од особено значење и за двата синдикати.
Нашите пријатели од Словенија, не го криеја големото задоволство, што се реализира оваа посета и при тоа со најубави зборови го искажаа задоволството од срдечниот дочек од страна на претставниците од СОНК.
Посетата на неколкуте градинки, основни и средни училишта во Скопје, ја оценија како многу корисна, бидејќи имаа можност директно да разговараат со раководствата на овие синдикални организации, како и непосредно да се запознаат со условите во кои се сместени децата во градинките, како и учениците во основните и средните училишта.
Оваа посета, силно ја потврди потребата од подигнување на соработката со синдикатите од другите држави и посебно со синдикатите од нашиот Регион, со кој СОНК има повеќегодишна блиска соработка.



ПРИВРШУВА ОДРЖУВАЊЕТО НА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ НА СОНК
СО СЕКОЈ НОВ ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР, СИЛНО СЕ ПОТВРДУВА ПОТРЕБАТА ЗА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА
При крајот на месец aприл, беа одржани едукативни семинари со регионалните одбори на СОНК од Чаир и Кисела Вода, а последниов викенд одржан е семинар со членовите на Регионалниот одбор на СОНК – Кичево.
Слично како и во претходните регионални одбори, семинарите се одржуваат според програма која се покажа за добро планирана, а тоа без исклучок го потврдија сите учесници на истите. Имено, во првиот дел од семинарите се предвидени излагања на претставниците од највисокото раководство на СОНК по три теми, во кои се внесени прашања од повеќе области, а кои се од посебен интерес за Синдикатот.
Имено, првата тема која оди под наслов ,, Синдикатот – нужна потреба или наметната обврска за работниците”,го опфаќа периодот од првите синдикални активности при крајот на XVIII век, со изнесување на нај важни настани од последните два века, со посебен осврт од активностите во Р. Македонија и посебно на нашиот Синдикат. Во склоп на оваа тема отворено се зборува и за позитивните страни, што значи и за успесите на СОНК, но се зборува и за слабостите на нашиот Синдикат, почнувајќи од синдикалните организации, па се до највисоките органи.
Втората тема која е со наслов ,, Правна регулатива на Синдикатот”, ја опфаќа правната регулатива, а која се однесува на правата и обврските на синдикатите ( Устав, Закон за работни односи и други закони), колективното договарање и нивоата на истото, со посебен осврт на колективните договори,што нашиот синдикат ги има потпишано и особено за правата утврдени по колоективните договори, кои се многу значајни за нашето членство, бидејќи се значајно повисоки од правата утврдени со соодветните закони, а некои од овие права од колективните договори се единствени, не само во регионот, туку и во европски рамки. Во рамките на оваа тема опфатен е и Статутот на СОНК.
Третата тема со наслов ,, Стратешки цели на СОНК во наредниот пет годишен период” е посветена на програмските определби на СОНК , утврдени на последниот VI-ти Конгрес, одржан при крајот на 2015 година; социјалниот дијалог помеѓу социјалните партнери, утврдени со ЗРО на сите нивоа, како и со посебен осврт на усвоените четири Резолуции, усвоени на конгресот на СОНК. Како дел од оваа тема станува збор и за состојбите во нашиот Синдикат, од аспект на синдикални организации, регионални одбори, па се до Советот на СОНК, како највисок орган на нашиот Синдикат.
Во вториот дел од семинарите, учесниците имаа(т) можност да дадат свои мислења и за излагањата по веќе споменатите теми, да изнесат свои размислувања и за состојбите во синдикалните организации, од кои произлегуваат, како и за работата на регионалните одбори, во чиј состав делуваат. Според раководството на СОНК, од досега одржаните семинари во регионалните одбори, најчесто дискусиите се сведуваат на практично поставување на прашања за одредени реално постоечки проблеми, ама и по одредени проблеми кои реално не постојат, а задолжително се покренуваат како прашања од не информираност. Само како пример: неразбирливо е како може да биде дилема и да се постави прашањето – за кого важат колективните договори??? ; во дел од регионални одбори има и натаму претседатели на синдикални организации, кои излегуваат со тврдење дека, паричните казни од екстерното тестирање биле укинати само за минатата година; прашањето за решавање на проблемот за превоз на вработените во образованието и натаму се упатува до МОН, со барање до централното раководство на СОНК, истото да го разрешува…
Без секакви дилеми, едукативните семинари што се одржаа во регионалните одбори и кои се при самиот крај за да бидат одржани во сите 20 регионални одбори на СОНК, може со сигурност да се заклучи дека се од голема корист. Меѓутоа, целосен резултат од едукативните семинари, ќе има тогаш кога истите ќе се одржат и во секоја синдикална организација на СОНК, така како што е договорено со претседателите на синдикалните организации и претседателите на регионалните одбори на СОНК.
НАСЛОВ СО ПОВОД
КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ШТО ГИ ИМА ПОТПИШАНО СОНК, ВАЖАТ ИСКЧЛУЧИВО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК
Одржувањето на едукативните семинари со членовите на регионалните одбори на СОНК, во предходните два викенда беа со регионалните одбори на СОНК од Битола, Гази Баба, Струга и Охрид. И на овие четири регионални одбори, се повтори тоа што беше одлика и на предходните регионални одбори – без малку, целосно учество на членовите на регионалните одбори ( претседатели и евентуално секретари, како замена за претседатели кои оправдано биле спречени), недвосмислен интерес за излагањата по темите од страна на претставниците од највисокото раководство на СОНК и што е посебно значајно за сите досегашни региони – неподеленото мислење од потребата и користа за ваквите едукативни семинари.
Досегашниот впечаток на раководството на СОНК е дека поголемиот дел од членовите на регионалните одбори, не се доволно упатени во содржината на документите на СОНК, а тука се мисли на Статутот на СОНК, Програмата на СОНК и посебно за поединечните колективни договори по дејности. Ваквиот заклучок, раководството го изведува од фактот, што во вториот дел од семинарот, кој всушност е работно – разговорен, со очекувања за давање на предлози, мислења, иницијативи, одредени состојби за некои синдикални организации, кои се за одбележување и кои се позитивни, а зошто да се крие ги има и негативни, бројот на учесници во овој дел е под очекувањата на овие семинари.
Благо речено, неприфатливо е дека, еден голем дел на членови на регионални одбори ( ова важи за сите досега одржани регионални одбори ), со изненадување да го слушнат непобитниот аргумент, дека потпишаните колективни договори на СОНК, кои се во важност и се применуваат – ВАЖАТ ИСКЛУЧИВО САМО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК! Нека ни биде простено на тежината на зборот што ќе го кажеме – Б О Л И оваа реалност, кога ќе слушнете прашање и одобрување од најголемиот дел од другите присутни – Зошто да членуваме во СОНК, кога ги користат истите права и тие што не се членови на СОНК ???!!!
СОНК е единствениот Синдикат, не само во нашата држава, туку и пошироко во Регионот, кој успеал со соодветниот социјален партнер, за секој од потпишаните колективни договори, да го вгради ова решение, кое има сила на Закон, а со правен јазик кажано, дури и повисоко од Закон, затоа што утврдува поголеми права, кои со Закон се утврдени.
Непознавањето на оваа толку важна одредба од нашите колективни договори, сигурно дека досега голем дел од нашите членови имаат изгубено права кои требало да ги користат, а исто така и на целиот наш Синдикат, му има нанесено огромна штета.
На крајот, ќе го споменеме и сеуште од поедини членови од регионални одбори, поставувањето на прашањето за плаќањето на надоместокот за превоз на наставниците и често пати со обвинувања до раководството на СОНК, дека не успеале да го одбранат ова право, што не постои со самиот системски премин на финансирање од нето во бруто плата. Тоа е решение на ниво на држава и станува збор за систем и никој не можел поинаку да бара издвојување, меѓутоа раководството на СОНК сите овие години од 2009, па се до денес, во договор со раководствата на општините и со посретство на Министерството за образование и наука, во најголемиот број на општини го имаат решено на различни начини, но во секој случај со обезбедување на бесплатен превоз на наставниците, а никако со добивање на паричен надоместок, бидејќи тоа би претставувало кривично дело.
И сосема на крај, општа оценка за досега одржаните едукативни семинари, во четиринаесет регионални одбори на СОНК е во секој случај многу позитивна, а слабостите кои испливаа, а за некои од нив се обидовме да проговориме и во овој текст, раководството преку Советот на СОНК, ќе направи анализа и очекувано е да биде донесен документ, за надминување на овие состојби.



ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОНК НА 31-03-2016 г
МТСП НАПРАВИ ГРУБО КРШЕЊЕ НА ДЕЛ ОД ОДРЕДБИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ
СОНК ОСТРО РЕАГИРА НА НЕСПРОВЕДУВАЊЕ, ШТО ЗНАЧИ ГРУБО КРШЕЊЕ НА УСТАВОТ И ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ ВО ДЕЛОТ НА СИНДИКАЛНО ОРГАНИЗИРАЊЕ
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија свикува Прес-Конференција во врска со непримена на Законот за работни односи, од страна на дел од надлежните од Министерството за труд и социјална политика за упис на нови синдикални организации и промена на податоци – претседатели на синдикални организации на СОНК, кој се води во регистарот на министерството надлежно за работите од областа на трудот.Ви се обраќаме, со цел да укажеме на неприфатливото однесување од страна на одговорни лица во ова Министерство, а во врска со вршење на упис на промена во раководствата во синдикални организации на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р.Македонија – СОНК.
Имено, во СОНК во текот на минатата година беа извршени редовни избори во раководствата на сите нивоа, што значи во 573 синдикални организации на територијата на целата држава, во 20 регионални одбори и на раководството на национално ниво.
Според законските одредби, за вршење на промени на раководствата на било кое ниво, синдикатот е должен да достави соодветна пропишана документација до МТСП и врз основа на истата, наведеното министерство како законска обврска треба(ше), по пропишана процедура, истата да ја достави до Централниот регистер на Р.Македонија, за да се изврши упис на промена на истите, во регистарот.
Во 38 синдикални организации на СОНК, за кои СОНК има доставено потребна документација и после повеќе од четири месеци, документацијата стои во МТСП, што значи не е завршена промената во Централниот регистер и толкав број на синдикални организации на СОНК, во кои има од: детски градинки, основни училишта, средни училишта и установите од културата, практично е блокирана нивната активност. Потсетуваме дека со писмо бр. 08-11164/2 потпишано од министерот Фросина Ташевска-Ременски, беше побарано да се достават одлуки за сите 38 синдикални организации, а кои во досегашната пракса никогаш не биле побарани за ваква промена. Такви документи се бараат за регистрација на синдикати, а во нашиот случај станува збор за синдикални организации, а нивниот синдикат е СОНК и има извршена регистрација со потребни документи. Но, и покрај тоа што СОНК преку неговите синдикални организации ги достави бараните документи од неразбирливи причини и понатаму состојбата не е променета во врска со овој проблем.
До денешниот ден проблемот не е решен. Напротив, и по последната средба со претставници од МТСП ни беше кажано дека целокупната документација на СОНК е загубена.
Ваквото однесување на дел од одговорните во МТСП го оценуваме единствено како грубо кршење на темелните принципи на правото на синдикално организирање, загарантирано со Уставот и ЗРО и секако приземен начин на притисок врз најголемиот синдикат во Република Македонија.
Инаку, во последниве неколку месеци, според податоците од Централниот регистер без никакви проблеми се регистрирани десетина синдикални организации од други синдикати. Очигледно е дека МТСП има селективен пристап за синдикални организации кои можат да се процесуираат и регистрираат.
СОНК цени дека со ваквиот однос на ресорното министерство му се попречува синдикалното организирање и дејствување, што е казниво по Кривичниот законик, и доколку под итно не се надмине овој проблем ќе бидеме приморани да побараме одговорност кон оние кои го кршат Законот и ќе бараме соодветна отштета.
Доколку не се дојде до разрешување на овој проблем, најавуваме дека СОНК ќе преземе и други легални и легитимни средства, вклучително и писмено известување на Интернационалата за образование и Европската конфедерација за образование, во кои СОНК е редовен член повеќе од 15 години, како и МОТ која е надлежна организација за синдикалното организирање, и секако други надлежни органи во нашата земја.
И на крајот, но не како помалку важно, прашуваме уште колку месеци ќе поминат за да биде свикан Економско-социјалниот совет на национално ниво, чиј претседател по функција е министерот за труд и социјална политика???
П.С Загрижени сме дека ваквото однесување со ЕСС многу потсетува на времето пред 10 години!!!
РЕАКЦИЈА НА СОНК ВО ВРСКА СО ДЕМАНТОТ НА МТСП
ЗАКОНИТЕ НЕ СМЕЕ НИКОЈ ДА ГИ КРШИ, А СОНК СЕКОГАШ НАЈ ОСТРО ЌЕ СЕ СПРОТИВСТАВУВА НА ТАКВИТЕ ПОЈАВИ
УШТЕ ЕДНАШ СЕ ДОКАЖА ДЕКА НЕВИСТИНАТА ИМА КРАТКИ НОЗЕ
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, во врска со Демантот доставен од страна на Министерството за труд и социјална политика, на 31.03.2016 година, а во врска со изнесените информации од страна на раководството на СОНК, на прес конференцијата на истиот датум, ја доставува следната реакција:
- СОНК е изненаден од обидот на одредени одговорни лица од МТСП, со целосни невистини да се покрива евидентното кршење на одредби од Уставот и законите на Република Македонија, во случајов во делот на слободата на синдикално организирање и делување.
- Документацијата што СОНК ја поседува, како и безброј остварени директни или телефонски разговори со најодговорните во Кабинетот на Министерот за труд и социјална политика, многу јасно укажуваат и се необорлив доказ дека МТСП, како ресорно министерство најзадолжено за спроведување на законите од делот на работните односи направи невиден преседан, рамен на скандал, за кое сме сигурни нема да помине без да следи конкретна одговорност.
- Се што беше изнесено на прес конференцијата на СОНК е цврсто поткрепено со пишуван коресподентен материјал помеѓу СОНК и МТСП, со заведени и заверени документи од овластени лица на двата субјекти.
- И со денешниот ден, според званични информации од Централниот Регистер на РМ, последните неколку месеци до нив нема доставено ниту едно барање за промена на овластен претставник во синдикална организиација или формирање на нова синдикална организација на СОНК, од страна на МТСП.
- СОНК повеќе од деценија и половина непоколебливо опстојува на линијата на максимално коректен и конструктивен социјален партнер, согласно Уставот и законите на Република Македонија, и никогаш нема да го напуштиме тој докажан наш курс кој важи и денес. Притоа, сакаме да укажеме дека ништо нема да не поколеба во оваа единствено исправна политика на социјално партнерство и дијалог и дека сите обиди да бидеме ставани во било какви сфери на влијание, преку притисоци или други начини познати за тие што се обидуваат надвор од законот да дојдат до незалужени позиции, СОНК енергично и без размислување гарантира дека таквите сили ќе бидат поразени.