ПОТПИШАН НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА КУЛТУРАТА

ПОТПИШАН НОВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА КУЛТУРАТА

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, синдикатот на културата на Република Македонија и министерството за култура го потпишаа новиот грански Колективен договор за вработените во установите од културата, на национално ниво. Со овој Колективен договор се утврдени поголеми права на вработените во овие дејности, во однос на плати по работно место, додатоци на плати, како и конечно утврдување на висината на платите за исто работно место, во иста или различни институции. Особено е важно да се истакне дека коефициентите на сложеност по работните места ќе се множат со законски утврдената најниска плата на национално ниво и ќе се избегне таканаречената “урамниловка”, што е случај во други јавни или државни установи. Со потпишување на овој Колективен договор сметаме дека ќе се исправи повеќе децениската неправда кон одредени работни места и работници, но, сепак постојат и одредени работни позиции кои што, според нас, треба дополнително да се дефинираат кон повисоки коефициенти, за што во наредниот период заедно синдикатите ќе излезат со предлог пред министерството за култура.

Одредбите од овој Колективен договор ќе важат од денот на објавување во “Службен весник на Република Северна Македонија”, освен одредбите 65 и 66, кои се однесуваат на плати по работни места и ќе отпочнат да важат најдоцна до 01.07.2020 година.




ОДРЖАНА 11-та РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

СОНК ПРОДОЛЖУВА ДА РАБОТИ ТРАНСПАРЕНТНО И ОТЧЕТНО ПРЕД СВОИТЕ ЧЛЕНОВИ

            Советот на самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК на 31.03.2018 и 01.04.2018 година ја одржа својата 11-та редовна седница, на која што се разгледуваше и усвојуваше финансиското работење на сметката на Советот на СОНК, информација околу финансиското работење на Синдикалниот фонд како и за некои актуелни состојби за дејностите кои што ги покрива СОНК.

Извештај за финансиското работење на Советот на СОНК поднесе членот на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, Чедомир Спасовски, кој што ги презентираше податоците од приходите и расходите од финансиското работење на Советот за 2017 година, при што констатира дека приходите по основ на уплатена членарина се стабилни и се во висина од претходните години, што индиректно покажува дека членовите на СОНК редовно уплаќаат членарина и дека членството е во приближно ист број во однос на претходните години. Во однос на расходните ставки презентирано е дека трошењето средства во 2017 година е намалено во однос на 2016 година, средствата се трошеле наменски исклучиво само за синдикални потреби, оправдани со соодветна документација. Ваквиот извештај на Надзорниот одбор на Советот на СОНК, по расправа и позитивна критика, беше едногласно усвоен од страна на членовите на Советот на СОНК.

Исто така, како информација, беше презентирано и финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК, кој што работи во добра кондиција, со зголемување на реализација на барања за помошти и кредити согласно Правилникот на Синдикалниот фонд. Овој извештај, исто така, беше едногласно усвоен од Собранието на Синдикалниот фонд по предлог на Надзорниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК, на седници одржани на 29.03.2018 година.

На оваа седница на Советот на СОНК беше расправано и за состојбите во СОНК во однос на социјалниот дијалог и партнерство на сите нивоа, а особено се расправаше за проблемите на дел од вработените во детска заштита, основното и средното образование кои што во последниот период останаа без работа. Советот на СОНК искажа големо незадоволство за ваквите состојби во овие дејности и констатира дека со промена на власта на сите нивоа се направи класична политичка дискриминација каде што на местото на веќе вработени работници се примаат нови, кои што очигледно ги “ исполнуваат безусловно“ сите критериуми.

Во врска со ваквата настаната ситуација, Извештај поднесе и правниот застапник на СОНК кој што даде емпириски извештај со бројот на правни услуги на членовите на СОНК кои се обратиле до него. Исто така, тој ја објасни правната процедура која што треба да се запази во однос на поведување на правни постапки на секој еден кој што ќе има потреба за тоа.




СОНК на своите членови и синдикални пријатели им посакува Среќна Нова 2022 година




ПРИВРШУВА ОДРЖУВАЊЕТО НА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ НА СОНК

СО СЕКОЈ НОВ ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР, СИЛНО СЕ ПОТВРДУВА ПОТРЕБАТА ЗА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА




ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

                                          

                                           До

                                           Наставници од ООУ Гоце Делчев” – Центар

 

Почитувани колеги, наставници од ООУ ,,Гоце Делчев” – Центар, наставници и вработени во сите основни и средни училишта во Македонија, членови на СОНК, членови на други синдикати, невладини организации, пленуми, здруженија на фб групи….

Како претседател на СОНК, со ова отворено писмо сакам да ви се обратам на сите вработени во училиштата, без разлика на кое работно место се наоѓате, но, особено на наставниците во овој случај, бидејќи повод за ова мое обраќање е писмото и прозивката кон СОНК од група наставници од ООУ ,,Гоце Делчев” – Центар, кое е испратено по електронска пошта до СОНК, но е исто така објавено и на социјалните мрежи, односно  на фб, во групата на здружение на просветни работници.

Така како што доликува на една сериозна организација, како што е СОНК, на писмено барање одговараме писмено, а бидејќи е објавено и на социјалните мрежи, сметам дека е добро ова писмо да го споделиме со сите наставници кои се членови на споменатата група. За сите би било добро да го слушнат ставот на СОНК во однос на проблемите поврзани со почетокот на новата учебна година.

Пред се, морам да искажам согласување со констатацијата дека во овој тежок период за сите нас и тоа како сме си потребни едни на други, на Вас членовите на СОНК и на нас, раководството на СОНК. Впрочем, раководството не е СОНК, туку сите заедно, околу 28000 членови.Од таа причина, легитимно е да ве слушнеме, како и досега, секогаш кога сте се обратиле до нас.

Фактите говорат дека СОНК веднаш по соопштување на планот за работа на основните и средни училишта, донесен од МОН, веднаш реагираше и го искажа своето несогласување во делот на организирање и реализирање на новата учебна година. Навистина не ни е јасно, од која причина го игнорирате овој факт, кој го поткрепувам со безброј мои изјави и интервјуа на националните телевизии, како и на фб-страната на СОНК. Барем ова може лесно да се провери. Или можеби не следите медиуми или пак, не знаете и дека постои фб страна на СОНК?! Зошто се поставува прашањето до СОНК за фрустрација и се става во исти кош со МОН и БРО? Зарем не ви е јасно дека секој како институција има свои надлежности?  Проблемот околу техничката подготвеност на училиштата е исклучиво проблем на надлежните за тоа, а тоа се МОН, општините и училиштата. Каде е тука вината на СОНК? Или повторно не го слушнавте нашиот став што секојдневно го кажуваме околу подготвеноста на училиштата со технички средства за одвивање на наставата? Многу транспарентно кажавме дека доколку не се обезбедат услови за работа, работниците (наставниците) нема да бидат во можност да работат и нема да работат. Каде е вината на раководството на СОНК, ако се врши притисок врз наставниците сами да обезбедат компјутери и да ги користат за службени потреби? Зарем не треба да се искаже ставот на СОНК од самите Вас во вашата синдикална организација?! Уште еднаш повторувам, тоа е обврска на работодавачот, т.е училиштето. Зарем не го слушате и гледате ставот  на СОНК околу дуплирање на бројот на часови во дел на училишта ширум државата од 1 до 3 одделение, со делење на паралелките? Ова е синдикално прашање и ниту во еден момент СОНК не се поколеба да застане во одбрана на правата на наставниците. Тоа што досега не е усогласено решението за проблемот, не може да се каже дека СОНК  е единствениот виновник. Сепак постојат и други фактори со кои треба да се усогласат ставовите, а тоа се МОН и општините. И така како што вчера беше објавено во медиумите, очекуваме што побрзо да го надминеме овој сериозен проблем.

И покрај се што правиме во овој тензичен период за сите нас, вие не прашувате што прави СОНК? Зарем СОНК е причината за фрустрацијата на сопственото членство? Зарем СОНК е виновен што платформата за работа на далечина е донесена прекасно и сеуште не профункционира? Зарем СОНК е виновен што имате ангажмани и за викенд, каде споделувате лозинки со учениците или во доцните вечерни часови го тестирате системот односно платформата? Сепак, сметам дека вашето незадоволство треба да го насочите кон оние кои го предизвикале тоа. Сосема е легитимно вие да се обратите и да го информирате раководството на СОНК на сите нивоа, да образложите и да побарате помош и поддршка за решавање на проблемот. Не е во ред да прифаќате секакви противзаконски наредби од директорите, а за тоа да биде виновен СОНК, поточно раководството на СОНК. Во изминатите неколку дена извршивме посета на неколку основни училишта во Скопје, заедно со министерката за образование и наука и градоначалниците на општините, со цел да се провери подготвеноста за стартот на новата учевна година. Без исклучок, сите наставници кои беа прашани како се одвива подготовката, со најбирани пофални зборови кажуваа дека се е во ред. Спротивно на ова тврдење, наставниците зад тастатурите или на друг начин го критикуваат и обвинуваат СОНК за проблемите околу отпочнување на новата учебна година, иако ќе се согласите дека имаме најмалку вина околу настанатата ситуација.

Не сакам ова мое образложение ни најмалку да се сфати како бегање од одговорноста и дека се некој друг е виновен, а не СОНК, односно раководството на СОНК.  Напротив, јас сум свесен дека кој работи тој и греши и дека секогаш може подобро. Но, подобро ќе биде, сигурен сум, кога критиките ќе бидат упатени кон СОНК со добра намера и сите заедно ќе се заложиме, со заеднички сили да дојдеме до посакуваната цел. Повторувам, сите заедно. Не е доволно само да сте член на СОНК, да плаќате членарина и со тоа да завршат обврските кон сопствената организација. Треба многу повеќе активност, иницијативност, борбеност, истрајност. Со ова не би сакал никого да повредам или навредам, но, прашувате каде е СОНК сега да повика на штрајк? Дали сте сигурни дека е време за штрајк и дека штрајкот ќе успее? Дали сте размислиле што ќе биде со СОНК и со вас, доколку се донесе одлука за штрајк, се влезе во штрајк и повторно од познати причини членството ќе направи опструкција, ќе си го земе дневникот и ќе си отиде на час?! Или сметате дека е доволно само да се повика на штрајк, па макар  и да биде чист популизам, без искрено да се верува дека навистина е тоа единственото решение за надминување на проблемите во образованието. Знам дека вашата организација е една од посолидните синдикални организации кои ги почитувале и спроведувале одлуките на СОНК, меѓу кои и учеството во последниот генерален штрајк на СОНК во 2015 година. За жал, постојат релативно голем број на организации, коишто неможат да се пофалат со некакви посебни резултати во учество во синдикални активности.

Од принципиелни причини досега не сме реагирале и коментирале објави и коментари на членови на групата, кои за сите проблеми во образованието, редовно, без исклучок, жестоко го критикувале и обвинувале СОНК за таквата состојба. Сепак, сметавме дека секој има право на свое мислење и коментар, без разлика што знаеме и убедени сме дека најмногу коментарите се од лични, политички или други причини. Никогаш досега не сме реагирале на грубите лаги и клевети на некои организации што се нарекувале пленуми или синдикат, се со цел да се девалвира работата на СОНК, неговата работа, резултатите, силата, моќта, позицијата како партнер на власта на сите нивоа. Интереси за ослабување и разнебитисување имало и во минатото, имаат и сега и ќе имаат и понатака разни критичари и ,,добронамерници” на фелата.  Но, целите се други, сите тоа добро го знаеме –  што е можно повеќе да се ослабе единствената организација која се грижи за правата и интересите на вработените во сите нивоа  на образованието, науката и културата. Е тоа, бидете сигурни, нема да се случи ниту лесно, ниту брзо, ниту воопшто, затоа што оваа организација е ваша, вам ви припаѓа и за среќа многу брзо и лесно се откриваат целите и намерите на поедини личности.

СОНК е конструктивен синдикат, којшто го почитува плурализмот и во синдикалното организирање и дејствување, но, отвореното дејствување против СОНК и континуираното молење и барање до просветните работници да се отчленат односно зачленат во еден друг синдикат, во најмала рака е невкусен, очајнички обид да се придобие што повеќе членство во таа организација, ветувајќи репрезентативност, ветувајќи мед и млеко за просветните работници кога ќе имале преговарачка моќ, па замислете дури и право на штрајк. Ова е мое прво и последно укажување за таквата организација, којашто има магично стапче во рацете на диригентот односно претседателот и неколкумината членови во раководството на  таа организација. И на крајот на ова отворено писмо, за потсетување и за да не се заборави, оваа ваша организација, којашто ја водам подолг временски период, со променлив интензитет на успони и падови, со последните неколку години има помогнато на огромен број на наши членови за трајно вработување, добиено безброј судски пресуди, финансиска помош во согласност со Правилникот на Фондот на СОНК, како и активно учество во организирање и реализирање на повеќе протести ширум државата, за подигнување на социјалниот статус на просветните работници. Во последните неколку години, заедно со МОН, успеавме да реализираме соодветно зголемување на платите во образованието, активно и енергично реагиравме против идејата за намалување на платите на наставниците во висина на минималната плата, отворено се грижиме за здравјето и безбедноста на вработените во текот на пандемијата и т.н. Ова се дел од одговорите на прашањето “што направи СОНК за нас”? И на крајот, не заборавајте дека вие сте СОНК, дека СОНК е ваша организација и дека неверувањето во најголемиот, најсилниот и најдокажаниот синдикат во државата е неверување сам во себе. А тоа не е добро.

 

Со почит,

                                                                                            Претседател,

                                                                                      с.р. Јаким Неделков

 




ЧЕСТИТ 1ВИ МАЈ, ДЕНОТ НА СИТЕ РАБОТНИЦИ




Реакција на СОНК во врска со не продолжување на договорите за работа на работниците во детските градинки, основните и средни училишта

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија (СОНК), остро реагира на масовното НЕ продолжување на работните договори  на вработените во детските градинки, основните и средни училишта, од страна на директорите на установите, а по налог на повисоките органи на локалната и централната власт.

Имено, изминативе денови сме сведоци дека, на голем број  наставници, воспитувачи и негователи, со повеќегодишно работно искуство,  без никаква причина  НЕ им се продолжува договорот за работа,  а на нивно место се примаат нови работници кои по некои “чудни “ критериуми, без ниту еден ден работно искуство,  ги пополнуваат вештачки испразнетите места. Се запрашал ли некој како ќе делува промената на ,,втората мајка” на половина од учебната година, врз  психата на децата во нивната најрана возраст?!

Ваквата состојба за СОНК е апсолутно неприфатлива  и апелира до надлежните, наместо да се занимаваат со кадровски прашања  и отпуштање од работа каде што  нема реална потреба за тоа, да се позанимаваат со конечноте решавање на статусот на истите работници и да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време,  на начин како што е предвидено  со Законот за работни односи, како и со Спогодбата потпишана помеѓу социјалните партнери СОНК , МОН, МТСП и Министерството за култура во 2008 година, со што во изминативе години, над 8000 работници го решија својот статус на трајно вработување. Исто така, сакаме да укажеме  дека во моментов има голем недостаток на стручен кадар во градинките,  а со сегашното отпочнување на процедури на огласи за вработување на испразнетите местата,  подолг временски период  сегашниот персонал ќе биде принуден да работи со и така преголемиот број на деца во групите, што е надвор од сите стандарди. СОНК најостро ќе реагира на ваквата ситуација,  нема да дозволи работа во такви услови и ќе ги употреби сите расположливи законски средства за одбрана на правата и интересите на своите членови.

За ваквите состојби, СОНК укажуваше и реагираше неколку месеци наназад  до ресорните министерства по писмен пат, за што доби и ветување од министерката за труд и социјална политика, на редовна седница на Советот на СОНК, дека ниту еден вработен во детска заштита нема да остане без работа, напротив, ќе  има потреба од нови вработувања?!.  За жал, МОН не не удостои со одговор на нашата реакција за повеќемесечниот едностран прекин на процесот на трансформација на договори за работа на вработените во образованието.

СОНК ги повикува сите работници – членови на СОНК во дејностите детска заштита, основно и средно образование на кои НЕ им е продолжен  договорот за работа, да се обратат до  правната служба на синдикатот и да ги остварат своите права на бесплатна правна помош.

Исто така, СОНК ги повикува надлежните во дејностите  детската заштита, образованието и културата,  да ги почитуваат законските одредби за усогласување на минималната плата со платите во дејностите според колективните договори и многу посериозно да се позанимаваат со социјалниот статус на вработените во образовните и културни установи, како и конечно  да отпочне  социјалниот дијалог и партнерство  со репрезентативниот синдикат – СОНК, на начин и интензитет како што налагаат законите, колективните договори и реалните потреби, а не само декларативно, според изјавите на некои министри од овие дејности.




ЗГОЛЕМЕНА ВИСИНАТА НА ОСНОВИЦАТА ЗА ПРЕСМЕТУВАЊЕ НА ОСНОВИТЕ ЗА НЕПОВРАТНИ СРЕДСТВА ОД СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК

УСВОЕН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ФИНАНСИСКОТО РАБОТЕЊЕ НА СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК

ЗГОЛЕМЕНА ВИСИНАТА НА ОСНОВИЦАТА ЗА ПРЕСМЕТУВАЊЕ НА ОСНОВИТЕ ЗА НЕПОВРАТНИ СРЕДСТВА ОД СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК

 

Како и секоја година, согласно Статутот на СОНК, Надзорниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК, врз основа на документацијата изготвена од независно сметководствено биро, на ден 10-03-2020 година го разгледа Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2019 година. Од членовите на Надзорниот одбор беше констатирано дека сите навремено пристигнати документи, по сите основи, се реализирани и дека Синдикалниот фонд работи со позитивни финансиски резултати и на општо задоволство на членовите кои се корисници на Фондот.

Истиот ден, беа одржани и седници на Управниот одбор и Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК, на кои беа отворени повеќе прашања во врска со начинот на работењето на Синдикалниот фонд и можностите за воведување на евентуални нови поволности, се со цел да се обезбедат поповолни услови и потреби на членовите во синдикалните организации, членки на Синдикалниот фонд, секако врз основа на финансиските можности на Фондот.

По опширната расправа од страна на членовите на Собранието на Синдикалниот фонд, кој патем да споменеме дека го сочинуваат по еден преставник од регионалните одбори на СОНК, секако од синдикалните организации кои се членки на Фондот, заеднички беше констатирано:

  • Синдикалниот фонд на СОНК е од огромно значење и потреба за членовите на СОНК и сите синдикални организации, членки на Фондот се презадоволни од функционирањето и во пресрет на потребите на членовите.
  • Согласно барањето на членовите на Фондот,ако минатата година за поголем процент се зголеми износот на синдикалниот кредит и тоа од 15.000 на 18.000 денари, кој единствено се враќа, за разлика од останатите основи кои се неповратни средства, оваа година треба да се обрне внимание и да се воведат новини по другите основи.
  • Согласно финансиските можности, по предлог на Управниот одбор на Синдикалниот фонд, Собранието едногласно го усвои предлогот за зголемување на основицата за пресметување на неповратни средства или поточно од 6.000 денари на 8.000 денари, што е за повеќе од 30%. Овде мора да се напомене дека не влегуваат основите за остварување на неповратна помош кои, согласно Правилникот на Синдикалниот фонд, се исплатуваат процентуално од направените трошоци, односно болничко лекување и набавка на лекови и други медицински помагала.
  • Како предлог, едногласно беше усвоен од членовите на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК и за воведување на нов основ за остварување на неповратна помош во случај на подолготрајно боледување. Имено, по овој основ, членките на Фондот имаа право на надомест за непрекинато боледување над 60 и 90 дена,кој основ се зголеми и за над 120 дена за непрекинато боледување.
  • Исто така е зголемен износот на неповратната помош за студенти кои студираат во нашата држава на одалеченост над 35 км од местото на живеење и тоа од 3.000 на 4.000 денари.
  • Како новина, која произлезе како потреба од евентуална злоупотреба, при аплицирање за користење на безкаматниот кредит, жирантите ќе треба да достават и фотокопија од личните карти.

На крајот од седницата, од страна на Собранието на Синдикалниот фонд, беше констатирано дека членството освен што ќе биде информирано за овие донесени измени и дополнувања на Правилникот за користење на средствата на Синдикалниот фонд на СОНК, Стручната служба на Советот на СОНК, во иднина да изготви Прирачници, преку кои, секој член би се информирал за правата и основите за користење на средствата од Синдикалниот фонд на СОНК.




СОНК на своите членови, синдикални пријатели, социјални партнери и деловни соработници им посакува среќни празници




Наставниците едукатори ја започнаа реализацијата на проектот YouWell

На 01.10.2023 година, 5-те наставници, кои беа избрани на јавниот повик на СОНК за учесници во проектот Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School –YouWell (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901), отпочнаа да ја реализираат својата програма. Имено, секој од нив избра по тројца млади наставници, на кои во следните девет месеци ќе им ја пружаат неопходната помош за да навлезат во тајните на наставничката професија, како и дополнително да ја засакаат оваа благородна работа.

Наставниците – едукатори одговорија на  прашалник,  кој  придонесе да се добие појасна слика за профилот и потребите на помладите наставници. Тие со своите колеги работат групно и индивидуално, каде се разговара за задачи и конкретни цели кои треба да се постигнат за периодот додека трае проектот.

Наставниците – едукатори се подготвени да го вложат сиот свој капацитет и искуство  во работата со младите наставници, со цел да изградат  профил на наставник кој ќе ги задоволи и најстрогите критериуми за квалитетен наставник.