УЧЕСТВО НА СОНК НА СПЕЦИЈАЛНАTA КОНФЕРЕНЦИЈА НА ETUCE ВО ЛИЕЖ

На 5 и 6 јули 2022 година, во Лиеж, Белгија, се одржа Специјална конференција на ETUCE на тема: „Мобилизирање за квалитетно образование“ (“Mobilising for Quality Education”).

Во текот на Конференцијата, претставниците на синдикатите, членки на ETUCE, се сретнаа и дебатираа на оваа тема, со цел зајакнување на солидарноста помеѓу наставниците и другите вработени во образованието низ Европа.

На конференцијата беа усвоени Предлог-резолуцијата за Синдикалниот ангажман и активност во Европа: „Мобилизирање за квалитетно јавно образование, за придобивките на учениците и подобрување на статусот на наставниците и целиот образовен кадар“, како и „Мировната резолуција за Украина“.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го претставуваа Претседателот на СОНК, Јаким Неделков и Лена Спасеновска Поповска, член на Советот на СОНК.

По усвојувањето на нацрт-документот: „Подигнување на статусот и подобрување на атрактивноста на наставничката професија“, во името на Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, до присутните се обрати Лена Спасеновска Поповска.

Текстот од обраќањето во целост, може да се види тука.

Повеќе детали во врска со Конференцијата може да се  прочита и погледне на следниот линк.




ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на експерт за анализа на состојбите со безбедност и здравје при работа во дејностите на образование, наука и култура, познавање на стандардите за БЗР и нивна примена во институциите од споменатите дејности во Република Северна Македонија

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија за потребите на проектот ,,Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука” објавува Јавен повик за ангажирање на експерт за анализа на состојбите со безбедност и здравје при работа во дејностите на образование, наука и култура, познавање на стандардите за БЗР и нивна примена во институциите од споменатите дејности во Република Северна Македонија.

Барањето за доставување на понуди може да се погледне на следниот линк:

 




ВЕСТА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК ПРЕКУ ETUCE ДО ЦЕЛА ЕВРОПА

Веста за генералниот штрајк на СОНК е објавена на официјалната веб страна на Европската конфедерација на синдикати за образование (ETUCE).

„Штрајкот е секогаш последното средство кога преговорите не успеваат“ – подвлекуваат од ETUCE и упатуваат загриженост за тековните преговори и решавање на проблемот меѓу СОНК и Владата.

Објавата можете во целост да ја прочитате на следниот линк.




КСС И ГРАНСКИТЕ СИНДИКАТИ СО ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК

Писма за поддршка за Генералниот штрајк на СОНК, кој започна денес 11.04.2022 година, пристигнаа и од КСС и гранските синдикати во земјава. Тие даваат целосна, недвосмислена и безрезервна поддршка за активностите на СОНК во борбата за достоинство, праведност и почит кон трудот на работниците.

Во продолжение можете да погледнете дел од писмата за поддршка:

 

 




ПИСМА СО ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК ПРИСТИГНАА И ОД БРАТСКИТЕ СИНДИКАТИ

Поддршка на СОНК за најавениот штрајк, кој ќе започне на 11.04.2022 година, пристигнува и од братските синдикати од целиот регион.

Во продолжение ви пренесуваме дел од писмата за поддршка:

 




ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЕВРОПСКАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СО ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК

Писмо со поддршка за штрајкот на СОНК пристигна од г-ѓа Сузан Флокен, првиот човек на Европската конфедерација на синдикати за образование (ETUCE), од името на 11 милиони европски членови на синдикати за образование.

ETUCE континуирано ќе го следи штрајкот со активности за почитување на меѓународните конвенции и препораките на Меѓународната организација на трудот.

Писмото за поддршка го пренесуваме во целост:

 




ДОНЕСЕНА ОДЛУКА ЗА ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК

На ден 29.03.2022 година, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК ја одржа својата 4-та редовна седница, на која изврши детална анализа на Записниците од одржаните состаноци на ниво на синдикални организации на СОНК, а во врска со носење Одлука за Генерален штрајк.

На седницата, неминовен беше заклучокот дека Советот на СОНК го почитува социјалниот дијалог и дека во изминатиот период оствари повеќе средби, како со Владата, така и со социјалните партнери МОН И МТСП, за усогласување на платите со минималната плата на национално ниво. Но, за жал, во овој временски период, по однос на нашите барања, нема никаков резултат.  Неприфатливиот и неаргументиран однос и основ на ресорните министерства, дополнително влијае на одлучноста на членството на СОНК да истрае во легитимната борба за остварување на своите барања.

По опширната расправа на седницата, земајќи го во предвид  изјаснувањето на огромен процент на членството за организирање на штрајк, Советот на СОНК едногласно донесе Одлука за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би започнал на 11.04.2022 година.

Советот ги задолжи регионалните одбори на СОНК да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување на Генерален штрајк, кој би се одвивал во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени. Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

Членовите на СОНК, заради немање слух на надлежните, мора да ги бараат правата кои им следуваат со закон и колективен договор, преку искажување на јавно незадоволство, односно преку Генерален штрајк. Оттука, СОНК ги повикува своите членови да останат единствени и сплотени  во борбата за заштита на своите права, преку која сите засегнати во државата ќе ја сфатат сериозноста, силата и големината на нашиот Синдикат.

СОНК бара разбирање и поддршка од родителите на учениците, заради времениот прекин на воспитно-образовниот процес односно прекинот на работа на детските градинки, основните и средните училишта, како и ученичките и студенските домови.

Убедени сме дека нашата синдикална борба за остварување на социјални права ќе вроди со плод, при што конечно вработените во овие дејности ќе бидат достојно вреднувани, а со тоа и помотивирани за извршување на своите работни обврски. ЗАДОВОЛНИ И МОТИВИРАНИ ПРОСВЕТНИ РАБОТНИЦИ, ПОКВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ И ВОСПИТАНИЕ, ЗАДОВОЛНИ РОДИТЕЛИ, ПРОСПЕРИТЕТНО ОПШТЕСТВО.

Се зависи од нас………




СООПШТЕНИЕ ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК И ДО ЈАВНОСТА

Почитувани членови на СОНК и останати вработени во дејностите образование и детска заштита,

Почитувана јавност,

Со ова Соопштение сакаме да Ве информираме дека деновиве сме во постојана комуникација со Министерството за образование и наука (МОН) предводено од министерот за образование и наука, а во врска со Барањата на СОНК за усогласување на платите во образованието (основно, средно, високо образование и наука, како и ученички и студентски домови) врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво.

Иако на преговорите со МОН беше договорено резултатите од преговорите да завршат и да се презентираат најдоцна до 15 Март, за жал тоа не се случи. МОН е во комуникација со Министерството за финансии и очекуваме во текот на денешниот ден (16.03.2022 год.) да имаме одговор на нашето Барање.

Воедно, сакаме да ги информираме нашите членови и јавноста дека сме зачудени од Изјавата на Министерката за труд и социјална политика, која на новинарско прашање за преговорите, одговори дека допрва ќе почне преговарање со СОНК и другите синдикати, што сметаме дека е крајно несериозен пристап за сериозен проблем. Министерството за труд и социјална политика всушност и не одговори на Барањето на СОНК за усогласување на платите во согласност со Колективниот договор.

Со оглед дека нашите барања се од сериозен карактер, сметаме дека еден ден пробивање на рокот не значи многу во однос на очекуваните резултати од преговорите.

СОНК цврсто стои на оправданоста на своите барања и во наредните неколку дена ќе излезе со јавен став околу резултатите од преговорите, ќе го свика органот на одлучување (Советот на СОНК) со цел носење одлука за понатамошните наши активности.




ПОТПИШАНИ ЗАПИСНИЦИ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА РАБОТЕН ОДНОС ВО ОПШТИНИТЕ КУМАНОВО, СТАРО НАГОРИЧАНЕ, РАНКОВЦЕ, КРАТОВО, КРИВА ПАЛАНКА И ЛИПКОВО

Во текот на месец Февруари 2022 година, претседателот на Регионалниот Одбор на СОНК- Куманово, Никола Стојмановски, како член на Комисиите за трансформација на работниот однос во Општините Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово, Крива Паланка и Липково има потпишано повеќе Записници за трансформација на работниот однос во основните и средните училишта и тоа: за 10 лица од основните и 1 лице од средните училишта.

Воедно, во изминатиот период, претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Куманово го одржа првиот состанок со новоизбраните претседатели на синдикални организации. На работната средба беа избрани членови на Надзорен одбор и нивни заменици, како и членови во Советот на СОНК по структура.

На работната средба се разговараше за проблемите и незадоволството во основно и средно образование. Исто така, се дискутираше за  работното време во градинките, кое се разликува во различни установи и за кое треба да се изнајде решение.

Регионалниот одбор на СОНК- Куманово дава силна поддршка на Заклучоците донесени на првата седница на Советот на СОНК и бара утврдување на финален текст на колективните договори за основно и средно образование, нивно потпишување и доследно почитување на истите, во спротивно бара да се отпочне со подготовки за организирање на генерален штрајк.




Потпишани Записници за трансформација на работен однос во Регион Гази Баба

Од почетокот на 2022 година, претседателот на Регионалниот одбор  на СОНК – Гази Баба, како член на Комисијата за трансформација на работни договори од определено на неопределено време, во основните училишта од неколку општини во Регион Гази Баба, има потпишано повеќе Записници за трансформација на работен однос. Комисијата за транформација, кадeшто се одлучува по поднесените барања за трансформирање на работни договори, работи континуирано  во општините Гази Баба, Петровец, Арачиново и Илинден. Според регионалниот претседател, решавањето на работниот статус на наставниците води кон задоволен наставен кадар и успешен образовен процес.