Регионалниот претседател на СОНК – Кисела Вода во работна посета на Синдикална организација на СОНК при СУГС „Браќа Миладиновци“

На 28.02.2022 година беше реализиран синдикален состанок од членовите на СОНК при СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје на кој присуствуваше претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Кисела Вода.

На средбата беше дискутирано за минималната плата, како и за повеќе годишниот проблем со обезбедувањето на полн фонд на наставни часови за наставниците со договор на неопределено време и нивната работа во повеќе училишта. Исто така, беше разговарано и за прашања поврзани со породилно боледување, за вработени со договор на определено време, кои за жал треба да го прекинат боледувањето со цел да го задржат своето работно место.

Состанокот заврши со поддршка од страна на членството на СУГС „Браќа Миладиновци“ – Скопје, за понатамошните планирани активности на СОНК кои се во насока за зголемување на платите во образованието и унапредување на работничките права.

Членството покажа значајно голем интерес и задоволство од отворениот пристап на новиот претседател на регионалниот одбор на СОНК – Кисела Вода, како и од ангажираноста за заедничко стратешко решавање на проблемите и остварување на законските права поддржани од раководството на СОНК.




Новиот претседател на Регионалниот одбор на СОНК – Гевгелија ја одржа својата прва седница

На 01.03.2022 година се одржа прва конститутивна седница на Регионалниот одбор на СОНК – Гевгелија, која беше водена од новиот претседател, Даниела Караманова.

На седницата присуствуваше и претседателот на СОНК,  г-дин Јаким Неделков, кој даде поддршка за синдикалното единство и поддигање на синдикалната свест.

Најмногу внимание се посвети на прашањето за усогласување на платите во градинките, основното и средното образование со минималната плата на национално ниво.

Се донесе заклучок, доколку Владата не излезе во пресрет на барањето за усогласување на платите, Регионалниот одбор на СОНК-Гевгелија ќе го поддржи раководството на СОНК да донесе одлука со коja ќе ги заштити интересите на своите членови.




Регионалниот одбор на СОНК – Гази Баба го прошири своето семејство со уште две синдикални организации

Регионалниот одбор на СОНК – Гази Баба ја одржа својата прва седница, на која беа разгледани повеќе прашања за актуелните состојби во детските градинки, основното, средното и високото образование.

Како дел од активностите на Регионалниот одбор, кои беа предмет на расправа, секако и една од актуелните теми беше одлуката на Владата согласно која зголемувањето на минималната плата во државата ќе изнесува 18.000,00 денари. Имено, на работната средба, членовите едногласно побараа усогласување на минималната плата со колективните договори, каде што основицата за пресметка на плата ќе биде минималната плата на национално ниво.

Од претседателот на РО на СОНК – Гази Баба, беа констатирани позитивни резултати по однос на зголемувањето на синдикалните организации, а исто така беше поздравен и начинот на кој се зголемува членството во истите.

На крајот на седницата, со заеднички заклучок се одлучи да се продолжи социјалниот дијалог со социјалните партнери и да се изнајдат заеднички решенија по однос на определени прашања во дејностите кои ги застапува СОНК.

 




Почнаа преговорите помеѓу СОНК и Владата

Во текот на вчерашниот ден, во Владата на Република Македонија започнаа преговорите помеѓу претставниците на Владата, предводени од Министерот за образование и наука, заменик претседателот на Владата за економски прашања и Државниот секретар за образование и наука од една страна и членови на Советот на СОНК предводени од претседателот на СОНК од другата страна. На работната средба, претставниците на СОНК го изнесоа и образложија Барањето за зголемување на платите во дејноста образование, кое се темели врз основа на зголемување на минималната плата и примена на  одредбите од законот за минимална плата. Исто така, беше укажано на големото незадоволство на вработените во образованието заради изедначување на платите на различни работни места со различна сложеност на работата, како и на фактот што останатите плати изминатите неколку години воопшто не го следат порастот на минималните плати. Од претставниците на Владата беше недвосмислено побарано да се отпочне веднаш со усогласување на платите според сегашните важечки Колективни договори и порастот на минималната плата во изминатиот период.

Од страна на претставниците на Владата беше презентирана економската, здравствената, енергетската и другите состојби во државата кои, според нив, не дозволуваат лесен и едноставен пристап и позитивен одговор на нашето барање, веднаш, на оваа работна средба. Сепак, тие истакнаа дека многу е важно просветните работници да имаат достоинствени плати на професијата, но, во исто време побараа и квалитетот на образованието да се подигне на повисоко ниво, за што и треба да се направат одредени организациски и реформски промени.

На крајот од средбата, претставницие на Владата побараа неколку дена за пресметка на финансисиката импликација врз основа на Барањето на СОНК, по што преговорите ќе продолжат понатаму.

 

 

 

 




Регионалниот одбор на СОНК – Битола со порака „СИЛНО ЌЕ СЕ СПРОТИВСТАВИМЕ АКО НЕ СЕ ПОЧИТУВА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР, АКО НЕМА ДОСТОИНСТВЕНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО СИТЕ ДЕЈНОСТИ И НАДОМЕСТОК ЗА ПАТНИ ТРОШОЦИ“

На ден 16.02.2022 година, новиот претседател на Регионалниот одбор на СОНК – Битола ја одржа својата прва работна средба, на која  присуствуваа новоизбраните претседатели на синдикални организации. На работната средба беа избрани членови на Надзорен одбор и нивни заменици, член во Советот на Синдикалниот фонд и член во Советот на СОНК по структура.

Се разговараше за проблемите и незадоволството во дејностите детска заштита, основно и средно образование и за достоинствено вреднување на трудот во овие дејности. Секако, беше отворено и прашањето за минималната плата односно зголемување на платите по методологија на множење на минималната плата со коефициентот на сложеност на секој вработен, потоа за исплата на надоместок за патни трошоци и регрес за годишен одмор – К15 и усогласување на овие барања со колективните договори. Се нагласи потребата од продолжување на процесот на потпишување на колективните договори за основно и средно образование и нивно доследно почитување.

Исто така, се дискутираше за  усогласување на работното време во градинките, со оглед на фактот што истото се разликува во различни установи и претставува проблем кој треба што поскоро да се реши.

На крајот на работната средба се донесе заклучок дека Регионалниот одбор на СОНК – Битола го подржува и охрабрува раководството на СОНК да продолжи со притисокот и барањата на своите членови, искористувајќи ги сите расположливи механизми, вклучително и протест, генерален штрајк и слично, се додека не се исполнат барањата кои се реални и неопходни.




Регионалниот одбор на СОНК – Кисела Вода со поддршка за Заклучоците на Советот на СОНК

Регионалниот одбор на СОНК – Кисела Вода го одржа својот прв состанок на 16.02.2022 година, онлајн, преку видео – комуникациската апликација ZOOM.

На состанокот, кој беше воден од новиот претседател на Регионалниот одбор на СОНК – Кисела Вода, Лена Спасеновска Поповска, присуствуваа 26 члена на одборот. Во текот на состанокот беа разгледани и поддржани Заклучоците донесени на првата седница на Советот на СОНК. Беше потенцирано дека е потребно итно продолжување на преговорите за основно и средно образование за утврдување на финален текст во колективните договори, а потоа, не само нивно потпишување, туку и доследно почитување на истите.

Членовите на Регионалниот одбор беа истомисленици за проблемите што се однесуваат на усогласување на платите во образовните институции и детските градинки со минималната плата на национално ниво, како и за отворените проблеми во однос на платите на административните службеници и помошно-техничкиот персонал во културните институции.

Претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Кисела Вода соопшти дека следуваат активности, семинари и работилници, со цел членството да се едуцира за придобивките од членување во репрезентативниот синдикат – СОНК.




Повисоки плати и исплата на патни трошоци – дел од барањата на Регионалниот одбор на СОНК – Прилеп

Регионалниот одбор на СОНК – Прилеп на 10.02.2022 година одржа работен состанок, на кој беа отворени многу прашања по однос на колективните договори за основно и средно образование.

На состанокот беа поставени барања за потпишување на колективните договори заклучно до 15 Март, вметнување на соодветни решенија за патните трошоци на вработените во руралните средини, како и почитување на истите од страна на директорите на институциите по нивно потпишување. Понатаму, се побара исплата на ветеното покачување на платата која беше договорена со предупредувачкиот штрајк во 2019 година, намалување на работното време на стручните соработници на 6 часа, зголемување на процентот на сложеност при работа со деца со потешкотии во комбинирани паралелки, како и зголемување на процентот на исплата на класното раководство поради обемот на работа и обврските на класниот раководител.

Исто така, на состанокот беше дискутирано и за потребата од исплата на К-15 во сите области кои ги застапува СОНК, враќање на стекнатите, а изгубени права, јубилејни награди итн.

 




Новиот состав на Регионалниот одбор на СОНК – Охрид со стари проблеми

На ден 31.01.2022 година, Регионалниот одбор на СОНК – Охрид ја одржа својота прва работна средба, на која претседателите на синдикалните организации му посакаа добредојде на новиот претседател.
Во текот на работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на Регионалниот одбор, а претседателите на синдикалните организации беа известени дека продолжува соработката со локалната самоуправа на сите полиња, како и субвенционирањето по однос на превозот кон вработените-членови на СОНК.
Посебен акцент беше ставен на Заклучоците од Советот на СОНК, во делот на зголемувањето на платите, потпишувањето на Колективните договори кои се во завршна фаза и трансформација на работните места.
Работната средба беше завршена со заеднички заклучок да се продолжат преговорите со социјалните партнери, кои се однесуваат на усогласување на платите во детските градинки и образовните институции со минималната плата на национално ниво, како и за отворените проблеми во однос на платите со административните сужбеници и помошно-техничкиот персонал во културните институции.




Регионалниот одбор на СОНК – Чаир со барање за поскоро потпишување на колективните договори за основно и средно образование

На ден 10.02.2022 година е одржана работна средба на Регионалниот одбор на СОНК – Чаир. На средбата  се дискутираше за актуелни прашања што се од заеднички интерес за дејностите коишто ги застапува СОНК.

Во пријатна и работна атмосфера беше разговарано за основната бруто плата на работникот за полно работно време. Се јави потреба  истата да се утврдува на начин што износот на минималната бруто плата во Република Северна Македонија, објавена согласно закон, да се множи со коефициентот на сложеност на групата во основното и средното образование.

Исто така, Регионалниот одбор на СОНК – Чаир бара реален надоместок на трошоци за превоз до и од работно место, исплата на регрес за годишен одмор, како и решавање на проблемот на стручна служба во однос на пресметка на плата.

На крајот од седницата, Регионалниот одбор на СОНК – Чаир, донесе заклучок за идните чекори кои треба да се преземат, а пред сѐ, интензивирање на преговорите со социјалните партнери, односно што поскоро потпишување на колективните договори за основно и средно образование.




Регионалниот одбор на СОНК-Кавадарци со порака „Силата на синдикатот е во синдикалното единство“

На 03.02.2022 година се одржа првата конститутивна седница на Регионалниот одбор на СОНК – Кавадарци, која беше водена од новиот претседател, Милан Колев.

Покрај формирањето на новото раководство на Регионалниот одбор на СОНК – Кавадарци, на седницата беше избрана и тричлена комисија на Надзорниот одбор и нивни заменици, како и член на Синдикалниот фонд. На состанокот, на кој присуствуваа сите 26 старо/ново избрани претседатели на синдикални организации, беа искажани проблеми и беа отворени прашања од дејностите што ги застапува СОНК. Главен акцент беше ставен на зголемување на платите и усогласување на истите со минимална плата на национално ниво.

На состанокот присуствуваше и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој даде безрезервна поддршка за сите активности кои се планирани на ниво на Регионалниот одбор на СОНК – Кавадарци, но и насоки за подигнување на синдикалната свест и синдикалното единство на  членството.

За Регионалниот одбор, периодот што следи ќе биде период на многу промени, активности, семинари, едукативни работилници, како и соработка со институции на локално ниво, па од тие причини, претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Кавадарци побара од членовите поддршка за реализирање на планираните програмски активности.