Право на регрес за годишен одмор (К-15) – едно од прашањата за кои расправаше Регионалниот одбор на СОНК – Гостивар

Регионалниот одбор на СОНК – Гостивар на ден 31.01.2022 година (понеделник) ја одржа својата 1-ва седница, на која беа отворени прашања од сите дејности кои ги застапува СОНК.

На седницата, главен акцент беше ставен на големото незадоволство заради стагнација на платите во однос на големиот раст на цените за животните трошоци и опаѓање на животниот стандард. Исто така, беше дискутирано и за Заклучоците од седницата на Советот на СОНК и постапување по истите, а беше отворено прашањето и за начинот на функционирање на синдикалните организации, со цел зголемување на членството во истите.

За таа цел, беше усогласен ставот дека периодот што следи ќе биде период на подигнување на правата на работниците, односно едукација и континуирана обука на членството во областа на синдикалната заштита, враќање на стекнатото право за регрес на годишен одмор, јубилејни награди и други додатоци на плата, продолжување на социјалниот дијалог со социјалните партнери, како и зајакнување на единството помеѓу членовите и изнаоѓање на заеднички решенија по однос на отворените прашања.




Работна средба на претставници на СОНК со градоначалникот и директорите на основните училишта во општина Чашка

Во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство помеѓу СОНК и локалните самоуправи на национално ниво, во општина  Чашка остварена е работна средба на која претставниците на СОНК, градоначалникот и директорите на основните училишта во општина Чашка дискутираа за актуелни прашања што се од заеднички интерес.

Отворени се прашањата поврзани со превозот на вработените кои патуваат од градот Велес до населените места во општината каде се основните училишта, статусот на училиштето во село Богомила, работното време на вработените во училиштата, трансформации на работни договори, почитување на Колективниот договор за основно образование во целост итн. Взаемно  беше уверувањето дека партнерскиот однос треба да се негува и подобрува, со цел заеднички надминување на сите тековни и идни проблеми.




РЕГИОНАЛНИОТ ОДБОР НА СОНК – ЦЕНТАР БАРА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО СИТЕ ДЕЈНОСТИ И НИВНО УСОГЛАСУВАЊЕ СО МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

По спроведените редовни избори за претседател на Регионалниот oдбор и претседатели на Синдикални oрганизации, на ден 03.02.2022 година,  Регионалниот oдбор на СОНК – Центар ја одржа својата прва работна средба. По конституирање на Регионалниот oдбор и честитки  за  новите синдикални организации кои се приклучија на РО на  СОНК Центар, се  помина на разгледување на останатите точки од дневниот ред.  По  однос на  заклучоците од првата седница на Советот на СОНК се отвори дискусија околу финализирање на новите колективни договори за основно и средно образование и се нагласи незадоволството од реално вреднување на трудот на просветниот работник. Понатаму, за отстранување на пречките во колективно преговарање се истакна неопходноста за усогласување на платите на вработените во детските градинки и образовни институции со минималната плата на национално ниво и секако стана збор за отворените проблеми со административите службеници и помошно-технички лица во културните институции. По останатите точки од дневниот ред се дискутираше за актуелни прашања и проблеми во сферата на образованието,  мерките за заштита од Ковид 19, проблеми кои ги засегаат вработените во установите за згрижување и воспитување на деца и отворени прашања на културните работници. Меѓу другото, се разговараше и за реформите во работење на регионалниот одбор во рамките на надлежностите, активно тимско делување и максимална подршка во борбата за работничките права и интегритетот на професијата во сите дејности. Членовите на регионалниот одбор изразија задоволство од медиумската застапеност на СОНК и отворен разговор за актуелните проблеми во дејностите кои ги покрива. По исцрпната дискусија, членовите на регионалниот одбор со заеднички став донесоа заклучок за интензивирање на преговорите со социјалните партнери, решавање на отворените проблеми во сите дејности за достоинствено вреднување на трудот и повисок животен стандард на вработените.




НОВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕГИОНАЛНИОТ ОДБОР НА СОНК – СТРУГА ЈА ОДРЖА СВОЈАТА ПРВА СЕДНИЦА

Регионалниот одбор на СОНК – Струга ги информира своите членови дека на ден 31.01.2022 година (понеделник) ја одржа својата прва работна седница, на која беше конституиран и Регионалниот одбор.

На дневен ред на седницата беа отворени повеќе прашања, на кои главен акцент беше ставен на незадоволството на членовите на Регионалниот одбор во однос на ниските плати во детските градинки, основното и средното образование, науката и културата. Понатаму, спречување на хаосот во врска со неусогласеноста на минималната плата со колективните договори и продолжување на процесот за нивно потпишување, како и исплата на трошоци за превоз до и од работното место.

На крајот од седницата, Регионалниот одбор донесе заклучок за идните чекори кои треба да се преземат, како што се реформирање на организацијата, спречување на губење на членството, решавање на проблемите на сите нивоа, подигнување на правата на работниците, работа во безбедна и здрава средина, а пред се продолжување на социјалниот дијалог со социјалните партнери.




РЕГИОНАЛНИОТ ОДБОР НА СОНК – ВЕЛЕС ЈА ОДРЖА СВОЈАТА ПРВА СЕДНИЦА

Регионалниот одбор на СОНК – Велес, по спроведените избори за претседател на на Регионален одбор и на синдикални организации, на ден 27.01.2022 година (четврток) ја одржа својата прва работна седница, на која беше конституиран и Регионалниот одбор.

На работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на Регионалниот одбор, а посебен акцент беше ставен на прашањата по однос на Заклучоците донесени од страна на Советот на СОНК, особено во делот на зголемување на платите и други придобивки од Колективните договори кои се во завршна фаза на нивно донесување. Воедно, се дискутираше и за текот и начинот на трансформација на работните места на локално ниво, како и почитување на актите на СОНК и правата кои произлегуваат од нив за членовите на СОНК.

По опширната дискусија, Регионалниот одбор со заеднички став одлучи да се преземат чекори за одржување на работни средби со социјалните партнери, а со цел надминување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените во установите од дејностите на детска заштита, основно и средно образование, наука и култура.

 

 

 




СОВЕТОТ НА СОНК СО ЗАКЛУЧОЦИ ИМ ПОСАКА ДОБРЕДОЈДЕ НА НОВОИЗБРАНИТЕ МИНИСТРИ

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК на 18.01.2022 година ја одржа својата 1-ва седница. На дневниот ред, покрај конституирање на новото раководство, се дискутираше и за повеќе актуелни состојби во дејностите што ги застапува СОНК.

На седницата беа отворени многу теми поврзани со продолжување на социјалниот дијалог со социјалните партнери, како и изнаоѓање на заеднички решенија по однос на отворените прашања во сите дејности: детска заштита, основно, средно и високо образование, наука и култура. Главен акцент беше ставен на големото незадоволство заради стагнација на платите во однос на големиот раст на цените за животните трошоци и опаѓање на животниот стандард.

По опширната дискусија, Советот на СОНК со заеднички став одлучи да се донесат Заклучоци, кои ќе бидат испратени до сите министри односно до МОН, МТСП и Министерството за култура.

Советот на СОНК едногласно ги донесе следните Заклучоци.




СОНК на своите членови и синдикални пријатели им посакува Среќна Нова 2022 година




Од 1 јануари СОНК со ново раководство

Советот на СОНК, на својата последна седница, ги утврди имињата на новоизбраните претседатели на Регионални одбори, кои својата функција ја преземаат од 1 јануари 2022 година. Со ова, завршуваат изборите на сите нивоа во СОНК онака како што беше и планирано, до крајот на оваа година.

На оваа седница Советот расправаше и за актуелните состојби во основното и среднотo образование, односно за процесот на преговарање и утврдување на текстови за измени и дополнување на Колективни договори за основно и средно образование. Презентирано беше дека текстовите во најголем дел се усогласени со МОН, но заради познатите политички случувања преговорите во моментот се прекинати.

Советот на СОНК донесе заклучок во наредниот период да се продолжи  со барањето за потпишување на  Колективните договори и да се отпочне  со усогласување на минималната плата според истите. Ова барање важи и за МТСП, со што би се усогласиле и платите на вработените во детските градинки.




ОБЈАВЕН ИНТЕРЕН ОГЛАС за избор и именување на претседатели на Регионални одбори на СОНК

Советот на СОНК, како највисок орган помеѓу два конгреса, на својата 2-ра редовна седница, одржана на 2-12-2021 година, а согласно Статутот на СОНК, донесе Одлука за објавување на Интерен оглас за избор и именување на претседатели на Регионални одбори на СОНК.

Интерниот оглас за избор и именување на претседатели на Регионални одбори на СОНК, може да се погледне подолу:




ОДРЖАН VII-от КОНГРЕС НА СОНК

ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ – РЕИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК

Во текот на вчерашниот ден, 13.10.2021 година, во исклучително пријатна и работна атмосфера се одржа VII-от Конгрес на СОНК.

На Конгресот, согласно Одлуката за бројот и составот на делегати, од вкупно 119 беа присутни 115 делегати од сите дејности што ги застапува СОНК. Секако, на Конгресот присуствуваа делегации од социјалните партнери и соработници на СОНК, како и делегации од земјите од странство поточно синдикати од образование, со кои нашиот синдикат има долгогодишна синдикална соработка.

Согласно Дневниот ред, Делегатите на VII-от Конгрес едногласно ги усвоија следните документи:                                                                                                      -Извештај за работата на СОНК во мандатен период од декември 2015 до октомври 2021 година;                                                                                                  -Програма за работа на СОНК за мандатен период октомври 2021 – октомври 2026 година;                                                                                                                -Статут на СОНК;                                                                                              -Резолуција за усогласување на платите на вработените во детските градинки, основното и средното образование со Законот за минимална плата;                  -Резолуција за заштита на претседателите на синдикалните организации на СОНК; -Резолуција за исплата на целосна плата на заболени и  во изолација од пандемијa; -Резолуција за почитување на Законот за работни односи во делот на примена на гранските (посебните) колективни договори.

По усвојување на документите, Делегатите на VII-от Конгрес  го реизбраа Јаким Неделков за претседател на СОНК и му дадоа доверба да го води СОНК во наредните 5 години.