СОНК И МЗЗПР ПРОДОЛЖУВААТ СО ЕДУКАЦИЈА ЗА ЗДРАВА И БЕЗБЕДНА РАБОТНА СРЕДИНА

Во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на ден 20.02.2023 година, одржаа работилница на која учествуваа членови на СОНК од Регионалните одбори на Велес и Штип.

На работилницата, присутните членови имаа можност да се едуцираат и да ги прошират своите знаења, благодарение на двајца предавачи односно стручно лице за безбедност и здравје при работа, како и доктор по медицина на труд, кои се експерти во својата област.

        

Работилницата, на која се обработија актуелни теми за безбедноста и здравјето при работа, беше интерактивна, пришто експертите од стручен и научен аспект одговорија на сите поставени прашања.

На крајот од работилницата, учесниците изразија голема благодарност за можноста да се стекнат со неопходните знаења од оваа, за нив, многу значајна област.




Учесниците од СОНК успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор

Во рамки на проектот „Oдржување на благосостојбата на младите наставници во училиште” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, во периодот од 7 до 11 јули 2023 година, во Софија, 15-те наставници кои беа избрани од Македонија, Бугарија и Словенија за имплементација на овој проект,  успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор.

Обуката “Mentoring through coaching” беше  реализирана од страна на тимoт на организациите: National Management School од Бугарија и New Mindset Coaching & Training од Белгија.  Истата имаше за цел следење и поддршка на наставници кои се нови во професијата во овие земји, односно поддршка на свои колеги кои се на почеток на својата кариера како наставници, а практичната реализација на стекнатите знаења од обуката ќе започне од месец октомври 2023 година.

Програмата имаше за цел да создаде поддршка и мотивација за подобра меѓусебна соработка и развој на вештини кои се потребни за следните чекори.

Во овие 5 дена, во просториите на Social Innovators во Бугарија, учесниците го започнаа своето патување и мотивирано се впуштија во откривање и учење, каде главниот фокус беше ставен на развивање суштински вештини за „обучување“ кои излегуваат надвор од училницата – вештини за живот! Овие вештини за „обучување“ ќе ги поттикнат сите учесници во програмата да станат уште подобри комуникатори, слушатели и решавачи на проблеми, што е основа за личен и професионален развој. Преку примена на иновативниот формат “Clarity Check-in Series” беше воведена техниката на емпатија и разбирање меѓу наставниците – едукатори, а преку креативните картички за проектот DiArc се поттикнуваа креативноста и имагинацијата, овозможувајќи им на учесниците да размислуваат “надвор од кутијата” и да истражуваат нови перспективи. Игрите со LEGO се покажаа како неочекувана алатка за помагање на обучуваните наставници – едукатори да ги идентификуваат своите цели и да се замислат себеси како ефикасни наставници – едукатори. На општо задоволство на сите, се изгради една заедница на високо-мотивирани наставници – едукатори, подготвени да остават трајно влијание во образовниот процес.

Патувањето продолжува од месец октомври, кога овие 15 наставници – едукатори ќе започнат со работа во своите земји, со своите колеги и ќе продолжат на оваа нова патека на менторство која се открива пред нив.




ERASMUS+ ПРОЕКТОТ YOUWELL – ПОДДРШКА, МЕНТОРСТВО И ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ ПОЧЕТНИЦИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Со задоволство Ве известуваме дека Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го започнува Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at SchoolYouWell, во соработка со братскиот синдикат Подкрепа, како и останати партнери од Бугарија, Белгија и Словенија.

Проектот ќе трае 24 месеци, за кој период наставниците со искуство ќе имаат обука за менторство, со цел воведување и професионално усовршување на наставници почетници, кои штотуку влегуваат во наставничката професија.

Ефективното менторство на наставниците почетници може да заштеди време и трошоци, зголемувајќи ја ефективноста, задоволството од работата, задржувањето и привлечноста на професијата.

Целта на проектот е наставниците почетници да се чувствуваат безгрижно во нивното професионално патување и да развијат силна мотивација и компетенции да останат во избраната професија.

Повеќе информации за проектот можете да добиете на следните линкови:

www.youwellproject.eu – официјална веб страна на проектот

https://www.facebook.com/youwellproject – официјална facebook страна на проектот