ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ РАКОВОДСТВОТО НА СОНК И МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

Како што веќе беше најавено, во текот на денешниот ден се одржа работна средба помеѓу раководството на СОНК и министерката за труд и социјална политика, на која што беа присутни над 50 претседатели на синдикални организации на СОНК од градинките.

Работната средба се одржа во конструктивна атмосфера, на која што се расправаше за прашања кои и СОНК и МТСП сметаат дека што поскоро треба да се затворат како реален проблем.

На исцрпната расправа се дојде до констатација дека во периодот што следи МТСП и СОНК ќе работат на усогласување на ставовите во однос на отворените прашања и дека ќе излезат со заедничка информација во врска со новиот предлог-Закон за детска заштита како и со нацрт-текст на Колективниот договор за оваа дејност, усогласен со новиот закон за детска заштита. Нашето очекување е дека со соодветните законски измени ќе се дојде до системско решение со што вработените во детската заштита трајно ќе имаат можност за кариерен развој, утврдување на критериумите за напредување во кариерата, систем на наградување на трудот на вработените и други прашања кои што ќе се доуредат со Колективниот договор.

Исто така, на работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на СОНК и МТСП, а во врска со подобрување на условите за работа, намалување на административните обврски на негователите и воспитувачите, просторните капацитети и друго.




ПРВА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ СОНК И МТСП

Денес, 10.09.2020 година, во просториите на Министерството за труд и социјална политика е остварена прва работна средба помеѓу министерот за труд и социјална политика, г-ѓа Јагода Шахпаска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, г-дин Јаким Неделков.

На работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на двете институции, а со цел надминување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените во установите за згрижување и воспитување на децата – детските градинки.

Главен акцент, од страна на претседателот на СОНК, беше ставен на прашањето околу работното време на воспитувачите и негувателите во детските градинки.

На работната средба, по однос на ова прашање, министерката зазема цврст став за потребата за продолжување на работното време, поточно 40-часовно работно време, повикувајќи се на општествена одговорност од страна на секој граѓанин, во услови на пандемија од Ковид- 19.

Претседателот на СОНК укажа на почитување на Законот за заштита на деца и Колективниот договор, каде е регулирано работното време и за воспитувачите и за негувателите.

Од оваа причина, СОНК апелира до директорите од детските градинки да ги почитуваат пропишаните важечки акти во нашата држава, кои ги регулираат поблиску правата и обврските на вработените од оваа дејност. Воедно ги охрабруваме членовите на СОНК да продолжат со работното време согласно Законот за заштита на деца и Колективниот договор, а доколку се наметне ново работно време од директорите, да бараат тоа да биде исклучиво наредба по писмен пат.

СОНК стои отворен за соработка со Министерството за труд и социјална политика и директорите на установите и се надева дека во најкраток можен рок, по пат на искрен социјален дијалог, ќе го надмине овој проблем, со што не би имало потреба од превземање на други чекори за заштита на правата на нашите членови.




Новиот претседател на Регионалниот одбор на СОНК – Гевгелија ја одржа својата прва седница

На 01.03.2022 година се одржа прва конститутивна седница на Регионалниот одбор на СОНК – Гевгелија, која беше водена од новиот претседател, Даниела Караманова.

На седницата присуствуваше и претседателот на СОНК,  г-дин Јаким Неделков, кој даде поддршка за синдикалното единство и поддигање на синдикалната свест.

Најмногу внимание се посвети на прашањето за усогласување на платите во градинките, основното и средното образование со минималната плата на национално ниво.

Се донесе заклучок, доколку Владата не излезе во пресрет на барањето за усогласување на платите, Регионалниот одбор на СОНК-Гевгелија ќе го поддржи раководството на СОНК да донесе одлука со коja ќе ги заштити интересите на своите членови.




ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на експерт за изработка на Национална стратегија за БЗР во дејностите на образование, наука и култура

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија за потребите на проектот ,,Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука” објавува  Јавен повик за ангажирање на експерт за изработка на Национална стратегија за безбедност и здравје при работа, во дејностите на образование, наука и култура.

Јавниот повик може да се погледне на следниот линк.




ПРВА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ СОНК И МОН

ОТВОРЕНИ ПОВЕЌЕ ПРАШАЊА ОД ДЕЈНОСТА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА




“СТРУЧЊАЦИТЕ“ ОД НАСТАВНИЧКИОТ ПЛЕНУМ

РЕАКЦИЈА НА ЕДЕН ОД МНОГУТЕ „СТРУЧНИ“ СОВЕТИ“ ОД НАСТАВНИЧКИОТ ПЛЕНУМ




НА ЛАГАТА И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

НА ЛАГАТА И СЕ КРАТКИ НОЗЕТЕ

Деновиве се изнаслушавме лелеци и плачови од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) кои што, како што велат тие, биле излажани од министерството за култура, а во врска со нивелација на платите во културата.

Премногу наивно од СКРМ, а и од сите оние кои поверувале во дилот помеѓу министерството за култура и “нивниот социјален партнер” – СКРМ, дека со мартовска плата ќе има нивелација на платите во установите од културата. Наивно, аматерски и со голема доза на потценување на вработените во културата е оваа лажна информација пласирана  во јавноста на крајот на минатата година, а во интерес на двете споменати институции, секој од свој интерес за поентирање во дадената ситуација.

Ќе изнесеме неколку факти кои го поткрепуваат нашето тврдење, за кои што објавивме статус и став на СОНК околу оваа проблематика уште на 26 декември 2018 година со наслов “Траги-комична претстава по сценарио , режија и главни улоги на министерството за култура и СКРМ”, што изворно може да се прочита на нашата страница тука.

Со таа објава дури не беше спомнато ниту дека доаѓа и  период на избори, период каде што согласно изборниот законик не е возможно зголемување на платите во јавниот сектор. Но и покрај тој силен факт, двете институции до пред некој ден беа убедени во сопствените лаги. Едните дека ќе направат добро дело и конечно нешто ќе направат за вработените во културата, а другите дека заради нив ќе се нивелираат (зголемат) платите на дел од вработените во културата.

Едните ќе си купат социјален мир и одбегнување на реалноста, а другите ќе станат “херои во културатa” и со такви евтини лаги и манипулации ќе зграбат што поголем број на членови, кои патем речено, секојдневно со лаги се обидуваат да зачленат членови на сметка на отчленување од СОНК.

Впрочем, СКРМ не престанува да лаже заради сопствени интереси дека е единствениот синдикат за култура кој што се грижи за вработените во културата, а особено за уметниците, дека е заслужен за договорот за нивелација на платите, за изготвување на нов колективен договор во културата, закон за култура………и што уште не, само да дојде до што повеќе членови, повеќе членарина, повеќе лични интереси на поединци.

Логична последица на се ова е прашањето, како сега раководството на СКРМ ќе му објасни на своето членство, зошто нема нивелација и зголемување на платите во март?! Зарем ќе се правдаат дека не знаеле за изборниот законик?! Или, ќе сметаат за доволно дека со една блага, неубедлива реакција, па и со срамежлива закана дека ќе немаат разбирање за нивните изговори, а и нема да имаат ниту грам толеранција, ниту минута доцнење……..

Дали е доволно ова за работниците во културата???

Впрочем, ова е проблем на СКРМ, и според народната поговорка “како ќе си посееш, така ќе си жнееш” !

Нашата цел со објавување на овој текст е да ја изнесеме вистината во јавноста, а особено кај културните работници, дека со лаги и манипулации не може да се дојде до успех, кој што впрочем, сите го посакуваме.

Вистината е една и единствена, а тоа е дека СОНК долг период работеше со министерството за култура за изедначување (нивелација) на платите согласно колективниот договор, кој што беше изработен и поминат на јавна расправа во синдикалните организации од културата. Единствен проблем беше примената односно, СОНК не сакаше да го потпише тој договор додека не се обезбедат средства за реализација.

Се другото е лага и манипулација со културните работници, на сопствена штета на дејноста, а во интерес на поединци.

И на крајот, не заборавајте дека СОНК континуирано преку средствата за јавно информирање и особено преку организирање на јавни протести го искажува незадоволството на членовите од културата за хаосот во однос на плати, надоместоци на плати, работни услови, кариерен развој и други проблеми што ги имаат вработените во оваа дејност.




СОВЕТОТ НА СОНК ДОНЕСЕ ЗАКЛУЧОЦИ ЗА РЕФОРМИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И КАРИЕРНИОТ РАЗВОЈ

ОДРЖАНА 24-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК

На 12-01-2021 година Советот на СОНК, во проширен состав, on-line ја одржа својата 24-та редовна седница, на која што беа разгледани повеќе прашања за актуелни состојби во детските градинки, основното, средното, високото образование и наука, како и културата.

Како дел од активностите на СОНК, кои беа предмет на расправа во синдикалните организации на СОНК во основните училишта, секако и како една од актуелните теми беше Нацрт-Концептот за реформи во основното образование. Советот на СОНК, по опширната расправа темелејќи ја на доставените записници од синдикалните организации, констатира дека СОНК ја поздравува иницијативата за реформирање на образованието и смета дека истата е неопходна, но избрзана, без создавање на неопходни услови за непречено одвивање на истата, без претходнo отстранување на слабостите за нејзино успешно реализирање и со многу неодговорени прашања и детали во самиот документ Нацрт-Концепт за реформи во основното образование.

Од погоре наведените причини, Советот на СОНК донесе заклучок, во интерес на поуспешно реформирање на основното образование, дека треба оваа иницијатива да се одложи или да се спроведат пилот училишта во кои би се отпочнала истата и врз основа на резултатите во тие училишта да се детектираат и отстранат евентуалните слабости, да се констатираат добрите страни, а потоа да се преземат чекори за спроведување на реформите.

На оваа седница Советот на СОНК го отвори и прашањето околу веќе објавениот јавен повик за кариерен развој на наставниците во основно образование, поточно за наставници ментори. И по однос на ова прашање, членовите на Советот на СОНК  го поздравуваат овој чекор на МОН, што впрочем е и заложба на СОНК уште со потпишаните колективни договори во кои се предвидени напредувања на наставниот кадар, но смета дека е избрзан чекор, без доволен временски период за аплицирање, дискриминаторски во однос на наставниците во средното образование. Исто така, спротивен  на Правилникот за начинот на формирање на комисиите и нивниот број, проценување  на пристигнатите апликации и документација на наставниците за стекнување на звањето наставник-ментор и наставник-советник, бодирањето на кандидатите, ранг листата, како и начинот на работењето на комисиите.

Советот на СОНК, по однос на овие две многу важни прашања, донесе заклучок дека истите треба да се преточат во документ, кој ќе биде доставен до министерот за образование, а во исто време да се побара и работна средба, на која ќе  се пренесат ставовите на СОНК.

Дел од членовите на Советот го отворија и прашањето за зголемување на работното време на воспитувачите и негувателите во некои градинки односно работно време во група со деца. Заклучокот беше дека треба што поскоро да се искористат правните механизми за одбрана на правата на работниците.

Советот на СОНК беше информиран од страна на претседателот дека Колективниот договор за високо образование и наука е во завршна фаза на изработка и се очекува истиот да биде потпишан во најскоро време.

Заклучоците кои се испратени до МОН може да ги погледнете тука.

 




ПРВИОТ ЧОВЕК НА ЕВРОПСКАТА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАТИ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ СО ПОДДРШКА ЗА ШТРАЈКОТ НА СОНК

Писмо со поддршка за штрајкот на СОНК пристигна од г-ѓа Сузан Флокен, првиот човек на Европската конфедерација на синдикати за образование (ETUCE), од името на 11 милиони европски членови на синдикати за образование.

ETUCE континуирано ќе го следи штрајкот со активности за почитување на меѓународните конвенции и препораките на Меѓународната организација на трудот.

Писмото за поддршка го пренесуваме во целост:

 




Mладинскиот центар за култура од Целје – домаќин на партнерите на проектот YouWell

Во рамките на Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School – YouWell, кој е финансиран од Европската унија, на 12.09 и 13.09.2023 година, во Целје, Словенија се одржа вториот работен состанок на сите партнери учесници во проектот.

Домаќин на состанокот беше Mладинскиот центар за култура од Целје – Република Словенија, а освен СОНК, присутни беа  и Синдикатот за образование од Република Бугарија –  Поткрепа, Tренинг центарот за обука од Брисел – Белгија и Националното училиште за менаџмент од Софија – Република Бугарија.

 

На работниот состанок беа презентирани фазите на проектот, односно главните активности и конкретните чекори што беа преземени за реализација на проектот во изминатите 6 месеци.

Главен акцент беше ставен на Обуката “Mentoring through coaching”, која се одржа во Софија, Бугарија, во периодот од 7 до 11 јули 2023 година. Од страна на сите партнери беше искажано задоволство во однос на успешно завршената обука на 15 наставници – едукатори од Македонија, Бугарија и Словенија.

 

Исто така, на состанокот беа дискутирани идните чекори за реализација на обуката, каде што овие наставници – едукатори, од 1.10.2023 година, треба да започнат со работа во своите земји, со своите колеги и да продолжат по една нова патека на менторство која се открива пред нив.

На крајот од дискусијата, партнерите – учесници во проектот, договорија следниот состанок да биде во почетокот на месец декември, во Брисел, на кој ќе бидат презентирани резултатите од досегашната работа на наставниците – едукатори.