ЕДНОГЛАСНО ПОДДРЖАНА ИНИЦИЈАТИВАТА НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА НА КСС
Советот на СОНК , на 24 Ноември 2017 година ја оддржа својата осма редовна седница, на која се разгледуваа актуелните состојби во дејностите што ги покрива нашиот Синдикат, како и планирање на следните активности на краткорочен и долгорочен временски период.
Во воведното излагање на претседателот Јаким Неделков беше укажано дека во изминатиот периодот практично и нема подобрување на релација СОНК и ресорни министерства и министри и покрај нашето искажано писмено незадоволство, како и одржани неколку прес конференции во врска со непостоење на социјалниот дијалог, еднострано кршење на колективните договори со воведувањето на минималната плата, најавеното зголемување на плати во некои дејности и т.н. Исто така, беше кажано дека и Конференцијата на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), на 16-11-2017 година одржа седница и расправаше за актуелните состојби во дејностите од јавниот сектор, на која се истакнати неколку клучни Барања кои ќе се достават до Владата на Република Македонија и ресорните министри. Од надлежните институции се бара да започнат итни преговори во врска со предлогот за селективно зголемување на плати во некои дејности во јавниот сектор, примена на колективните договори во целост, отпочнување на преговори за нов Колективен договор во јавниот сектор и други прашања со кои ќе се подобри социјалниот статус на вработените (членови на КСС) во јавниот сектор.
По исцрпната дискусија од страна на членовите на Советот на СОНК , во која што без исклучок сите дискутанти искажаа незадоволство од ваквата состојба, беше прифатена иницијативата на КСС за отпочнување на активности за информирање на членството и подготовка за организирање на Јавен протест, со што јавно ќе се искаже незадоволство на членовите на гранските синдикати. Доколку не се надмине ваквата состојба, синдикатите при КСС ќе продолжат со организирање на други по радикални средства на изразување на незадоволства, вклучувајќи го и штрајкот.
Исто така, Советот на СОНК констатира дека во ваква сложена политичка и економска ситуација, повеќе од неопходно е да се зајакнат синдикалните активности на сите нивоа на организирање, особено да се негува и сочува единството во СОНК, кој е важен предуслов за остварување на целите на членовите на оваа организација.