Учесниците од СОНК успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор

image_pdfimage_print

Во рамки на проектот „Oдржување на благосостојбата на младите наставници во училиште” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, во периодот од 7 до 11 јули 2023 година, во Софија, 15-те наставници кои беа избрани од Македонија, Бугарија и Словенија за имплементација на овој проект,  успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор.

Обуката “Mentoring through coaching” беше  реализирана од страна на тимoт на организациите: National Management School од Бугарија и New Mindset Coaching & Training од Белгија.  Истата имаше за цел следење и поддршка на наставници кои се нови во професијата во овие земји, односно поддршка на свои колеги кои се на почеток на својата кариера како наставници, а практичната реализација на стекнатите знаења од обуката ќе започне од месец октомври 2023 година.

Програмата имаше за цел да создаде поддршка и мотивација за подобра меѓусебна соработка и развој на вештини кои се потребни за следните чекори.

Во овие 5 дена, во просториите на Social Innovators во Бугарија, учесниците го започнаа своето патување и мотивирано се впуштија во откривање и учење, каде главниот фокус беше ставен на развивање суштински вештини за „обучување“ кои излегуваат надвор од училницата – вештини за живот! Овие вештини за „обучување“ ќе ги поттикнат сите учесници во програмата да станат уште подобри комуникатори, слушатели и решавачи на проблеми, што е основа за личен и професионален развој. Преку примена на иновативниот формат “Clarity Check-in Series” беше воведена техниката на емпатија и разбирање меѓу наставниците – едукатори, а преку креативните картички за проектот DiArc се поттикнуваа креативноста и имагинацијата, овозможувајќи им на учесниците да размислуваат “надвор од кутијата” и да истражуваат нови перспективи. Игрите со LEGO се покажаа како неочекувана алатка за помагање на обучуваните наставници – едукатори да ги идентификуваат своите цели и да се замислат себеси како ефикасни наставници – едукатори. На општо задоволство на сите, се изгради една заедница на високо-мотивирани наставници – едукатори, подготвени да остават трајно влијание во образовниот процес.

Патувањето продолжува од месец октомври, кога овие 15 наставници – едукатори ќе започнат со работа во своите земји, со своите колеги и ќе продолжат на оваа нова патека на менторство која се открива пред нив.