СОВЕТОТ НА СОНК ЈА ОДРЖА СВОЈАТА 16-ТА РЕДОВНА СЕДНИЦА
НИ ПРИТИСОЦИТЕ, НИ ЗАКАНИТЕ НЕМА ДА НЕ СПРЕЧАТ ГЛАСНО ДА ГО КАЖЕМЕ НАШЕТО НЕЗАДОВОЛСТВО ПРЕКУ ЈАВЕН ПРОТЕСТ
Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, на 16-ти март оваа година, ја одржа својата 16-та редовна седница, на која што се разгледуваа актуелните состојби во дејностите: заштита на деца, основно, средно, високо образование, наука и култура.
По исцрпните дискусии и анализи, од голем број на членови на Советот, општа констатација беше дека во ниту една од дејностите нема позитивни поместувања во однос на социјално-економскиот статус на вработените, особено во градинките и културата каде што имаше и јавни ветувања од страна на ресорните министри за зголемување на платите. Особено загрижувачки е фактот што СОНК како репрезентативен синдикат не е вклучен од страна на министерствата во изработка на актуалните закони за дејностите: заштита на деца, основно и средно образование, како и претходно за законот за култура. Отпочнати се разговори за изготвување на колективен договор за високо образование и наука и за измени и дополнувања на колективниот договор за заштита на деца, но на повидок нема конечен текст со што би се затвориле овие прашања. Советот на СОНК изрази незадоволство од квалитетот на социјалниот дијалог и партнерство на национално ниво, како и во дел на локално ниво и побара од органите на централната и локалните власти да превземат чекори за воспоставување на коректен социјален дијалог во согласност со актуелните закони и меѓународни конвенции.
Дел од членовите на Советот изразија загриженост од притисоците од некои локални моќници или директори, кои во изминатиот период при организирање на јавни протести во Прилеп, Штип и Кичево, се обидоа да го спречат организирањето и спроведувањето на протестите. Уште поголем е интензитетот на притисоци при организирање на планираниот протест во Куманово, кон крајот на овој месец.
Советот на СОНК ќе ги превземе сите легитимни средства за да се заштити од ваквиот однос кон СОНК и обидот за спречување на одржување на протест во Куманово, вклучително и поведување на кривична постапка согласно кривичниот законик за сите оние кои ќе се обидат да го спречат или смеќаваат организирањето и спроведувањето на протестот. Исто така, СОНК ќе ги информира и меѓународните организации од областа на трудовото право како што се: ILO, ETUCE и други, како и амбасадите на европските држави во Македонија, кои што се членки на Европската унија.
На крајот, Советот на СОНК остана на ставот дека никакви притисоци и закани кон раководството и членството нема да не поколебат да продолжиме со планираните активности во периодот што следува, се до остварување на својата конечна цел, а тоа е: сигурни работни места, повисоки плати, учество во изготвување на закони и други акти со што ќе се зголемат правата на нашите членови, како и почитување на колективните договори во целост.