ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ БАРААТ ИТНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА
Во текот на изминатата недела, поточно на 25.04.2018 година, по иницијатива на членството на СОНК од детските градинки “Естреја Овадија-Мара” и “Мајски цвет“ од Битола, раководството на СОНК, Претседателот Јаким Неделков, Генералниот секретар на Советот на СОНК, Весна Неделковска и Претседалот на Регионалниот одбор на СОНК-Битола, Илија Белџигеровски, присуствуваа на работна средба со поголем број на членови на СОНК од овие две синдикални организации.
На работната средба, членството на СОНК, застапено од сите работни места во оваа дејност, изрази огромно незадоволство од произлезените проблеми со кои што се соочуваат во текот на нивното работење. Од дискусиите произлегоа повеќе отворени прашања, кои може да се заокружат и третираат од два аспекта и тоа: социјалниот статус и условите за работа на вработените во градинките.
Од аспект на социјалниот статус, произнесеното незадоволство е по однос на висината на платите во оваа дејност, нецелосната примена на утврдените коефициенти според Колективниот договор, кој патем да споменеме е потпишан во 2011 година и до ден денес во делот на платите нема целосна примена, секако и дополнително примената на минималната плата врз основа на Законот за минимална плата, што предизвика изедначување на платите на повеќе работни места, без разлика на пропишаните коефициенти на сложеност на работното место и приближување на висината на платите со носителите на дејноста.
По однос на условите за работа, искажаното незадоволство се однесуваше на непочитување на Законот за заштита на децата во делот на утврдените нормативи за број на деца во групите, каде што во овој момент бројот на децата двојно се зголемени, а некаде и тројно, со што се создава и непочитување на пропишаните услови за работа согласно Правилникот за нормативите и стандардите во детските градинки. Исто така, со воведување на електронско водење на администрација, членството на СОНК во овој поглед се соочува со немање на доволен број на средства (компјутер, лап-топ и слично), за вакво водење на е-дневникот. Во оваа насока, мора да се спомене дека бројот на вработени не соодејствува или нема доволен број за опслужување на вака зголемениот број на деца во групите.
На крајот од работната средба, заеднички заклучок од страна на членовите на СОНК беше дека раководството на СОНК, во рамките на својте надлежности, итно да побара од своите социјални партнери (директор на установа, градоначалник или министер) решавање на овие посочени проблеми и надминување на ваквите состојби во градинките. Доколку надлежните во детската заштита немаат слух за решавање на овие горчливи прашања, членовите на СОНК побараа од Советот на СОНК да донесат одлука за превземање на порадикални мерки.