УСВОЕНА Е ПРОГРАМАТА ЗА НАРЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ И ЧЕТИРИ РЕЗОЛУЦИИ – ЈАКИМ НЕДЕЛКОВ РЕИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОНК
Конгресот беше отворен со интонирање на државната химна и химната на нашиот Синдикат – ,, Секогаш СОНК” , што всушност беше промоција на истата и која е прва и единствена химна на синдикатите во Р. Македонија. Химната беше громогласно прифатена од делегатите на конгресот, а со многу високи оценки за ,, Секогаш СОНК,” дадоа и гостите од странските делегации, чиј заеднички коментар може да се сведе со изјавите – прекрасно, ќе се обидеме и ние нешто слично да направиме и за нашиот синдикат.
На Конгресот беа усвоени Извештајот за активностите на СОНК за претходните пет години, Програмата за работа на СОНК за наредниот петгодишен мандат, како и Резолуции за : Рeзолуција за подигнување на степенот на социјалниот дијалог на сите нивоа ; Резолуција за довршување на колективното договарање за сите дејности (високото образование и науката и нов Колективен договор за култура); Резолуција за измени во Законот за основно и Законот за средно образование во делот за бројот на ученици во паралелки; Резолуција за измени на Законот за работни односи во делот на важноста на колективните договори.
Претседателот Неделков, како конгресен документ поднесе и поопширен Реферат пред делегатите, во кој посебно се задржа на согледаните слабости во работењето на СОНК во претходниот период, како и на позначајните прашања како предизвик за наредниот период. Неделков посебен акцент стави на социјалниот дијалог и тоа на сите нивоа, поаѓајќи од установите, единиците на локалната самоуправа, па се до ниво на државни ресори. Во контекст на тоа изрази задоволство од резултатите од социјалниот дијалог, особено помеѓу СОНК и МОН, наведувајќи конкретни примери како што се прашања сврзани со екстерното оценување, педагошката евиденција, прашањето со казните од страна на Државната просветна инспекција, кои во дијалог со МОН се решени со взаемно прифатливи решенија, а се од исклучителен интерес на вработените. Тој истакна дека социјалниот дијалог е незаменлив и СОНК и натаму ќе му придава исклучително заначење на ова прашање, со постојан придонес за подигање на повисок степен ( отвори аудио-визуелна снимка).
Во поздравното обраќање на Министерот за образование, Абдилаќим Адеми рече дека МОН и СОНК и досега постигнале многу во насока на подобрување на социјалниот дијалог меѓу двете страни и истиот ќе продолжи во насока на донесување на нови и подобри решенија во интерес на вработените во овие дејности.
Мошне позитивни оценки за социјалниот дијалог и партнерство помеѓу СОНК и МТСП, даде заменик министерот Диме Спасов, посочувајќи го гранскиот колективен договор за градинките и заедничките заложби на СОНК и МТСП за реализирање во делот на платите, како и во врска со лиценцирањето на негователките и воспитувачите во градинките.
Позитивни оценки за социјалниот дијалог со СОНК искажа и заменик министерот Драган Недељковиќ, кој истакана дека новиот Колективен договор за култура е пред потпишување помеѓу СОНК и Министерството, а е резултат на подолги и мошне сериозни преговори од двата партнери.
Исклучителни пофалби за СОНК искажаа и високите преставници на делегациите од пријателските синдикати од споменатите земји со заедничка оценка дека СОНК има исклучително висок авторитет на регионално и на европско ниво и преставува модел на синдикат од кој голем дел од нив земаат многу искуства од работењето на СОНК.
На крајот од работата делегатите на 6-от Конгрес, со само еден глас против, Јаким Неделков го реизбраа за претседател на СОНК за наредниот петгодишен мандатен период.