ПРВА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ СОНК И МТСП

image_pdfimage_print

Денес, 10.09.2020 година, во просториите на Министерството за труд и социјална политика е остварена прва работна средба помеѓу министерот за труд и социјална политика, г-ѓа Јагода Шахпаска и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, г-дин Јаким Неделков.

На работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на двете институции, а со цел надминување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените во установите за згрижување и воспитување на децата – детските градинки.

Главен акцент, од страна на претседателот на СОНК, беше ставен на прашањето околу работното време на воспитувачите и негувателите во детските градинки.

На работната средба, по однос на ова прашање, министерката зазема цврст став за потребата за продолжување на работното време, поточно 40-часовно работно време, повикувајќи се на општествена одговорност од страна на секој граѓанин, во услови на пандемија од Ковид- 19.

Претседателот на СОНК укажа на почитување на Законот за заштита на деца и Колективниот договор, каде е регулирано работното време и за воспитувачите и за негувателите.

Од оваа причина, СОНК апелира до директорите од детските градинки да ги почитуваат пропишаните важечки акти во нашата држава, кои ги регулираат поблиску правата и обврските на вработените од оваа дејност. Воедно ги охрабруваме членовите на СОНК да продолжат со работното време согласно Законот за заштита на деца и Колективниот договор, а доколку се наметне ново работно време од директорите, да бараат тоа да биде исклучиво наредба по писмен пат.

СОНК стои отворен за соработка со Министерството за труд и социјална политика и директорите на установите и се надева дека во најкраток можен рок, по пат на искрен социјален дијалог, ќе го надмине овој проблем, со што не би имало потреба од превземање на други чекори за заштита на правата на нашите членови.