СОНК ВЛЕГУВА ВО ГЕНЕРАЛЕН ШТРАЈК

image_pdfimage_print

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, на својата редовна 21-ва седница донесе Одлука дека го отфрла предлогот на Владата и МОН, за зголемување на платите во основното, средното и високото образование и наука за 10% од април 2020 година. Оваа Одлука е донесена едногласно и се темели врз основа на изјаснувањето на огромниот број на членови на СОНК.

Советот на СОНК го почитува социјалниот дијалог и се надева дека во наредниот период од 15 дена ќе оствари конструктивни средби со Владата и МОН, на кои ќе се прифатат барањата за зголемување на платите во дејноста образование од 01.01.2020 година и за проценти за којшто дополнително ќе бидат договорени, а врз основа на зголемувањето на минималната плата на национално ниво. Во спротивно, ќе се активира Одлуката за Генерален штрајк на 11.11.2019 година, каде што ќе се достават и дополнителни барања во однос на исплата на регрес за годишен одмор, трошоци поврзани со превоз на работниците до работно место и назад, исплата на прекувремени наставни часови, соодветна исплата на работа во комбинирани паралелки итн. Исто така, од особена важност е барањето на СОНК за потпишување на колективен договор за високо образование и наука со период на имплементација од 01.01.2020 година.

Штрајкот би се одвивал во сите основни, средни, високообразовни и научни институции, во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени во образованието. Штајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, а тоа би значело прекин на воспитно-образовниот процес.

Советот на СОНК смета дека МОН и Владата ќе донесат мудра одлука и ќе го прифатат барањето на СОНК, коешто е реално и издржано и дека на задоволство на сите просветни работници ќе бидат зголемени платите за поголем процент од понуденото, со имплементација  од 01.01.2020 година.