СОНК РЕАГИРА НА СЕЛЕКТИВНИТЕ СУДСКИ ПРЕСУДИ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА РАБОТЕН ОДНОС ОД ОПРЕДЕЛЕНО НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ

image_pdfimage_print

ОДРЖАНА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА СОНК

На 01.06.2018 година е одржана прес-конференција од страна на претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на која што беше присутен и правниот застапник на СОНК, Ванчо Шехтански.

Повод за одржување на прес-конференцијата беше проценката на СОНК и правниот застапник на СОНК за селективен пристап на судовите, каде што по основ на тужба на наши членови за неостварени права од работен однос, судовите за исти предмети донесуваат различни пресуди  како и неприменување на принцип на судска пракса.

На прес-конференцијата правниот застапник на СОНК даде Извештај за бројот на поведените судски процеси на членовите на СОНК, за трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време, од кои поголемиот број се позитивно решени и во корист на вработените – членови на СОНК, а мал дел од нив, иако се по ист основ, сепак се негативно решени.

СОНК преку својот правен застапник ќе се обрати до Народниот Правобранител и до судскиот Совет, ќе ги информира со целосна документација за селективноста во судењето и ќе побара врз основа на нивните надлежности да превземат мерки за спречување на ваквите непринципиелни одлуки на судиите.

Исто така, од страна на претседателот на СОНК беше потенцирано дека врз основа на Спогодбата потпишана од страна на СОНК со МОН, МТСП и Министерството за култура, уште од 2008 година, од почетокот на 2009 година до почетокот на 2017 година се извршени околу 8000 трансформации. Овој процес е прекинат од март 2017 година заради законски пречки во период на избори, но за жал овој прекин трае до ден денешен, од за нас, неприфатливи и неоправдани причини. Заради тоа, СОНК бара од МОН веднаш да пристапи кон трансформација на работните договори на работниците кои  ги исполнуваат законските одредби од определено на неопределено работно време, со цел да се  прекине агонијата на голем број наши членови, а воедно и да се избегнат судските постапки кои дополнително го усложнуваат проблемот.

СОНК ги охрабрува сите свои членови кои ги исполнуваат условите за трансформација и се со договор на определено време, веднаш да се обратат до правниот застапник за превземање на понатамошни чекори.