КВАЛИТЕТЕН СОЦИЈАЛЕН ДИЈАЛОГ, ПРЕДУСЛОВ ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ПОТРЕБИ И СОЦИЈАЛНИТЕ ПРАВА
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, претставувани од претседателот Јаким Неделков и генералниот секретар Весна Неделковска, на 27 и 28 ноември во Варшава – Полска, учествуваа на дводневна меѓународна конференција, организирана од Европската конфедерација на синдикати за образование (ETUCE). На конференцијата на тема: “Зајакнување на капацитетот на синдикатите за образование за да ги претстават професионалните потреби на наставниците во социјалниот дијалог”, зедоа учество над 15 репрезентативни синдикати од земјите во централна и југоисточна Европа.
Учесниците на конференцијата ги претставија состојбите во однос на професионалниот развој на наставниците во нивните држави, со посебен акцент на синдикатот како дел од процесот на задолжителната едукација на наставниот кадар.
Особено интерес предизвика вториот дел на конференцијата, на која што се дискутираше за социјалниот дијалог и партнерство помеѓу синдикатите и работодавачите, како и придобивките од ваквиот начин на градење на подобро образование на сите нивоа, како и подобрување на социјалниот статус на вработените во оваа дејност. Голем дел од излагачите во своите презентации го претставија образовниот систем во својата држава со посебен акцент на придобивките на синдикатот односно неговите членови, кои се стекнале по пат на социјално партнерство и дијалог.
На оваа меѓународна конференција од името на СОНК свое излагање имаше претседателот Јаким Неделков, кој пред присутните ја претстави состојбата во нашата држава. Беше претставена организациската поставеност на СОНК и партнерскиот однос на сите нивоа, од синдикална организација, локално ниво преку општините ,како и на централно ниво со министерсвата и Владата на Република Македонија. Пред присутните претседателот Неделков ја преслика реалната состојба околу социјалниот дијалог и партнерство и подвлече дека во последниве неколку месеци скоро и да не постои социјален дијалог и партнерски однос на највисоко ниво во дејностите што ги покрива СОНК, односно партнерски однос помеѓу раководството на СОНК и ресорните министри. Во овој контекст се оствари и разговор со директорот на Европската конфедерација на синдикати за образование (ETUCE), г-ѓа Сузан Флокен, на која што во детали и беше претставена состојбата во Република Македонија на полето на социјалното партнерство и социјалниот дијалог. Таа, во име на конфедерацијата на европските синдикати за образование даде целосна поддршка за најавените чекори на СОНК што ќе ги превземе доколку не се надмине ваквата состојба, како и најава на конкретни чекори од страна на ETUCE во рамките на нивните надлежности, како и подготвеност за доаѓање на високи преставници на ETUCE во посета на СОНК.