ПРЕДЛОЖЕНИОТ ЗАКОН ЗА ОСНОВНО ОБРАЗОВАНИЕ НА РАСПРАВА ПРЕД ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

image_pdfimage_print

Регионалните одбори на СОНК – Кисела Вода и Чаир расправаа по предлог Законот за основно образование, доставен во јавноста од страна на Министерството за образование и наука. Во анализaта на текстот од нацрт законот беа воочени  низа забелешки, но од аспект на интересите на нашата организација, заштита и унапредување на правата на вработените во основното образование, ќе истакнеме само дел од поважните забелешки за кои сме убедени, заради тежината на аргументите, ќе бидат прифатени во конечниот текст.
Предничеа дискусиите на членовите на СОНК кои изразуваа незадоволство околу предлог на членови од Законот, кои за одредени прекршоци предвидуваат парична казна, особено за планирањето и реализирањето на додатната и дополнителната настава, како и по сите основи од глава XVI – Прекршочни одредби. Ставот на присутните беше јасен да се избришат паричните казни за наставниците по сите основи. Исто така, коментиран беше и членот кој регулира награда на вработените во најдоброто училиште со зголемување на платата од 30% во следните 12 месеци, член кој што е доста нејасен, дали се однесува на најдобро училиште на општинско или национално ниво, како и констатацијата дека вработените се доведуваат во нерамноправна положба, бидејќи не работат во исти услови, во иста средина, со еднаков потенцијал на квалитет на ученици и т.н.

Големо внимание предизвика членот на Законот, со кој што се организира наставата во текот на учебната година, при што во случај на штрајк директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот. Овој член е апсолутно неприфатлив за СОНК, за кој што во изминатиот период многу пати реагиравме и упативме остри реакции за текст на член од Закон, кој што е спротивен на принципите на синдикалното здружување и дејствување, Законот за работни односи и Уставот на Република Македонија, како и на меѓународните Конвенции, кои ги третираат правата на работниците здружени во синдикати.  Впрочем и Меѓународната организација на трудот (МОТ) остро реагираше на ваквиот текст на Законот и побара итно бришење на оваа одредба.

Намалувањето на фондот на часови од  прво до деветто одделение, исто така предизвика силен интерес и дискусија помеѓу членовите на СОНК. Намалувањето на наставни часови во одделенска настава е прифатлив предлог, но во предметна настава постои оправдан страв кај наставниците за предизвикување на делумен технолошки вишок, иако има предвидени додатни ангажмани (за кои се сомневаме дека се компетентни), за наставниците на кои би им се намалил фондот на часови. СОНК бара одредба во Законот, со која што цврсто ќе се гарантира сигурноста на работните места на сите вработени во основното образование и секоја реформа во образованието што ќе биде во спротивност на интересите на вработените, особено во делот на социјалниот статус и сигурност и смета дека без консултација со репрезентативниот синдикат, ќе биде однапред осудена на неуспех.

Предлогот за намалување на број на ученици во паралелките е една од конгресните резолуции на СОНК, за кое што се залагаме подолго време. Новиот предлог на МОН за намалување на паралелките од 20 до 30 ученици би требало да се преиспита, од причина што сметаме дека постои простор за поголемо намалување  на горната граница на ученици, што е особено важно за подигнување на квалитетот на воспитно – образовниот процес. Свесни сме дека би имало и финансиски импликации и оптеретување на Буџетот во делот на плати, за евентуални дополнителни вработувања, но во споредба со подобрување на крајниот резултат – поквалитетни стекнати  знаења и вештини на учениците, тоа би било споредно во однос на примарната цел.Дадени беа и други забелешки и предлози во делот на нормирање на работата на наставниците, организирање и реализација на слободни ученички активности, ученички натпревари , водење на педагошка евиденција и администрација, оценување на учениците (описно), професионално усовршување и кариерен развој на наставниците, како и избор на директор во училиштето, деполитизација и департизација на образовните установи и т.н