Среќна учебна година




ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО ДОБРЕДОЈДЕНО, НО НЕ ДОВОЛНО ЗА ПРОФЕСИЈАТА И ДОСТОИНСТВОТО НА ПРОСВЕТНИОТ РАБОТНИК

Денес во Владата на Република Македонија беше потпишана Спогодба помеѓу Министерот за образование и наука, г-дин Арбер Адеми и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, г-дин Јаким Неделков, за зголемување на платите од 5% во основното и средното образование.

СОНК не се откажува од барањето за поголемо зголемување на платите во дејноста образование и во наредниот период се очекува да продолжат преговорите помеѓу СОНК и МОН.

СОНК е убеден дека со зголемување на платите од 5% не се достигнува вредноста на реалниот труд на вработените во образованието, но исто така е убеден и дека доколку постои коректен партнерски однос и социјален дијалог помеѓу двете институции во наредниот период, ќе се изнајдат соодветни решенија за зголемување на платите на вработените во образованието, а со тоа ќе се подигне мотивацијата кај просветните работници и како финален производ ќе имаме поквалитетно образование.

Радува фактот што и претседателот на Владата на Република Македонија, г-динот Зоран Заев и Министерот за образование и наука, г-динот Арбер Адеми во своите изјави пред медиумите се согласија дека платите на вработените во образованието се мали и дека максимално ќе се заложат во наредниот период да дојде до поголемо зголемување на платите.

СОНК се ќе стори, во рамките на своите надлежности, да го врати достоинството на професијата-просветен работник.

 

 




ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА СО ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА СИНДИКАЛНИТЕ                 ОРГАНИЗАЦИИ НА СОНК ОД ГРАДИНКИТЕ

ИНИЦИЈАТИВА НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГРАДИНКИТЕ ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ШТРАЈК

Раководството на СОНК на 24.08.2018 година одржа работна средба со претседателите на синдикалните организации на СОНК од детска заштита – градинките, на која што присуствуваа најголемиот дел на раководството од оваа дејност.
Исто така, на оваа работна средба беше поканет да присуствува и министерот за труд и социјална политика или овластени лица од страна на министерот, но за жал, на истата не присуствуваше министерот, ниту имаше образложение за неприсуство на претставниците од ова министерство.

На работната средба се отворија повеќе прашања и проблеми со кои што се соочуваат вработените, членови на СОНК од дејноста заштита на деца. Имено, главен акцент беше ставен на игнорантскиот однос од страна на ова министерство, поточно немањето социјален дијалог и партнерство со што би се надминале повеќето проблеми во детските градинки. Беа отворени и прашањата по однос на условите за работа во детските градинки како за вработените така и за децата кои што престојуваат и немањето услови за работа со двојно или тројно зголемен број на деца и непочитување на нормативите и стандардите утврдени во законските акти за оваа дејност.
Исто така, на работната средба претставниците го пренесоа незадоволството на вработените од детските градинки по однос на социјалниот статус, кое е на најниско ниво, како во државата така и во нашето опкружување. Со зголемување на најниската плата на национално ниво, еднострано е суспендиран веќе потпишаниот колективен договор, каде што за секое работно место е утврден соодветен коефициент, со што неколку работни места се изедначуваат со платите, а истите се приближуваат до носителите на дејноста.
По исцрпната дискусија на голем број вработени во градинките, на крајот од работната средба се донесе Заклучок дека, доколку овие погоре посочени проблеми најитно не се решат по пат на социјален дијалог, раководството на СОНК да организира генерален штрајк во оваа дејност. За овие и други прашања што се во надлежност на СОНК, Советот на СОНК ќе расправа на редовна седница што ќе се одржи на 31.08.2018 година, на која ќе се донесе конечна Одлука за организирање на штрајк во детските градинки во Република Македонија.




СОНК УЧЕСТВУВАШЕ НА БАЛКАНСКА СРЕДБА НА СИНДИКАТИТЕ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

Во организација на хрватскиот синдикат на учителите, на 9 и 10 јули во Цриквеница, Република Хрватска, се одржа работна средба на балканските синдикати за образование, на која што активно учество зема и нашиот синдикат, СОНК. На состанокот беа присутни синдикатите – членки на Интернационалата за образование од земјата домаќин, Хрватска, како и синдикатите од Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Македонија. Врз основа на претходно потпишаната Спогодба за соработка и заедничко дејствување, синдикатите усвоија Резолуции со кои што бараат од надлежните органи и влади во сопствените држави да се подобри и подигне статусот на просветните работници, во однос на подобрување на условите за работа и платата за извршената работа, да го добијат заслуженото место во општеството, со што ќе се врати  достоинството на професијата. Репрезентативните синдикати да бидат почитувани како релевантни и рамноправни социјални партнери, особено при планирање на реформи во образованието како и при носење на нови закони или законски решенија.

Синдикалната борба за остварување на зацртаните цели ќе се продолжи со сите расположиви средства и методи што ни стојат на располагање и повеќе десетици илјади членови на нашите синдикати се спремни за заедничка акција. За тоа имаме и силна подршка од Европскиот комитет на синдикатите за образование, Европската Конфедерација на синдикатите за образование како и Интернационалата за образование.




СОНК БАРА ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ И ПОДИГНУВАЊЕ НА НИВОТО НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ

ОДРЖАНА 12-ТА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА СОНК

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, (највисок орган на одлучување помеѓу два конгреса), на 09.06.2018 година ја одржа својата 12-та редовна седница.

На оваа седница беа разгледани состојбите во дејностите: детска заштита, основно, средно и високо образование, наука и култура. Врз основа на исцрпната расправа Советот едногласно ги донесе следниве Заклучоци.

 

 




СОНК РЕАГИРА НА СЕЛЕКТИВНИТЕ СУДСКИ ПРЕСУДИ ЗА ТРАНСФОРМАЦИЈА НА РАБОТЕН ОДНОС ОД ОПРЕДЕЛЕНО НА НЕОПРЕДЕЛЕНО ВРЕМЕ

ОДРЖАНА ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА НА СОНК

На 01.06.2018 година е одржана прес-конференција од страна на претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на која што беше присутен и правниот застапник на СОНК, Ванчо Шехтански.

Повод за одржување на прес-конференцијата беше проценката на СОНК и правниот застапник на СОНК за селективен пристап на судовите, каде што по основ на тужба на наши членови за неостварени права од работен однос, судовите за исти предмети донесуваат различни пресуди  како и неприменување на принцип на судска пракса.

На прес-конференцијата правниот застапник на СОНК даде Извештај за бројот на поведените судски процеси на членовите на СОНК, за трансформација на работниот однос од определено на неопределено работно време, од кои поголемиот број се позитивно решени и во корист на вработените – членови на СОНК, а мал дел од нив, иако се по ист основ, сепак се негативно решени.

СОНК преку својот правен застапник ќе се обрати до Народниот Правобранител и до судскиот Совет, ќе ги информира со целосна документација за селективноста во судењето и ќе побара врз основа на нивните надлежности да превземат мерки за спречување на ваквите непринципиелни одлуки на судиите.

Исто така, од страна на претседателот на СОНК беше потенцирано дека врз основа на Спогодбата потпишана од страна на СОНК со МОН, МТСП и Министерството за култура, уште од 2008 година, од почетокот на 2009 година до почетокот на 2017 година се извршени околу 8000 трансформации. Овој процес е прекинат од март 2017 година заради законски пречки во период на избори, но за жал овој прекин трае до ден денешен, од за нас, неприфатливи и неоправдани причини. Заради тоа, СОНК бара од МОН веднаш да пристапи кон трансформација на работните договори на работниците кои  ги исполнуваат законските одредби од определено на неопределено работно време, со цел да се  прекине агонијата на голем број наши членови, а воедно и да се избегнат судските постапки кои дополнително го усложнуваат проблемот.

СОНК ги охрабрува сите свои членови кои ги исполнуваат условите за трансформација и се со договор на определено време, веднаш да се обратат до правниот застапник за превземање на понатамошни чекори.




Реакција на Синдикатот за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, во врска со информацијата дека ,,ќе се вработуваат наставници и професори на неопределено време”

Владината Одлука за трансформација на работни договори на вработените во образованието, како и насловите на дел од пишаните и електронски медиуми, СОНК ги прифати со голема зачуденост од повеќе причини:

1. Изненадува фактот што во јавноста се пласира информација дека трансформација на работни договори од определено на неопределено време е возможно согласно Законот за работни односи (ЗРО) исклучиво само после 5 години работен стаж. Ова воопшто не е точно, затоа што по иницијатива на СОНК во 2011 година дополнет е ЗРО во овој дел на работни договори и возможна е трансформација после 2 години работен стаж.

2. По иницијатива на СОНК, а со Спогодба помеѓу СОНК, МОН, МТСП и Министерството за култура, уште од 2008 година се формирани Комисии за трансформација на работни договори и до март 2017 година се трансформирани над 9000 работни места во образованието.

3. Непобитен е фактот дека со промена на централната и локалните власти, споменатите комисии за трансформација практично и не функционираат, со што се нарушува континуитетот на трансформации на работни договори после 2 години работен стаж.

СОНК особено реагира на многу ,,силните” наслови во медиумите за Одлуката на Владата на РМ, од причини што се создава впечаток и јавно мислење дека во дејноста образование најголемиот дел од вработените се вработени на определено време, што апсолутно не е вистина.
Исто така, СОНК многу одговорно пристапуваше кон трансформација на работни договори од аспект на создавање на евентуален технолошки вишок, што согласно сегашната информација, искрено стравуваме за неконтролирано трансформирање на работни договори, односно секое вработување да биде на неопределено време, што не оди во прилог нити на Министерството за образование, локалните самоуправи како и на нашиот синдикат, доколку имаме производство на технолошки вишоци.
Заради сето ова претходно кажано, СОНК смета дека е непринципиелно и некоректно да се занемари досегашниот принцип на взаемно работење со социјалните партнери (локална самоуправа и МОН) и еднострано да се излегува во јавноста дека МОН со Одлука на Владата на РМ ќе го решава проблемот за трансформација на работни договори од определено на неопределено работно време, што само по себе укажува на не почитување на партнерскиот однос помеѓу двата релевантни социјални партнери. Со самото тоа еднострано се прекршува Спогодбата помеѓу МОН и СОНК од 2008 година.




Честит празник – Ден на нашите просветители

Синдикатот на образование, наука и култура – СОНК на сите просветни работници им го честита празникот 24 Мај – Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.




ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА СО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК ВО ГРАДИНКИТЕ ОД БИТОЛА

ВРАБОТЕНИТЕ  ВО ГРАДИНКИТЕ  БАРААТ  ИТНО  ЗГОЛЕМУВАЊЕ  НА ПЛАТИТЕ  И  ПОДОБРУВАЊЕ  НА  УСЛОВИТЕ ЗА  РАБОТА

            Во текот на изминатата недела, поточно на 25.04.2018 година, по иницијатива на членството на СОНК од детските градинки “Естреја Овадија-Мара” и “Мајски цвет“ од Битола, раководството на СОНК, Претседателот Јаким Неделков, Генералниот секретар на Советот на СОНК, Весна Неделковска и Претседалот на Регионалниот одбор на СОНК-Битола, Илија Белџигеровски, присуствуваа на работна средба со поголем број на членови на СОНК од овие две синдикални организации.

На работната средба, членството на СОНК, застапено од сите работни места во оваа дејност, изрази огромно незадоволство од произлезените проблеми со кои што се соочуваат во текот на нивното работење. Од дискусиите произлегоа повеќе отворени прашања, кои  може да се заокружат и третираат од два аспекта и тоа: социјалниот статус и условите за работа на вработените во градинките.

Од аспект на социјалниот статус, произнесеното незадоволство е по однос на висината на платите во оваа дејност, нецелосната примена на утврдените коефициенти според Колективниот договор, кој патем да споменеме е потпишан во 2011 година и до ден денес во делот на платите нема целосна примена, секако и  дополнително  примената на минималната плата врз основа на Законот за минимална плата, што предизвика изедначување на платите на повеќе работни места, без разлика на пропишаните коефициенти на сложеност на работното место и приближување на висината на платите со носителите на дејноста.

По однос на условите за работа, искажаното незадоволство се однесуваше на непочитување на Законот за заштита на децата во делот на утврдените нормативи за број на деца во групите, каде што во овој момент бројот на децата двојно се зголемени, а некаде и тројно, со што се создава и непочитување на пропишаните услови за работа согласно Правилникот за нормативите и стандардите во детските градинки.  Исто така, со воведување на електронско водење на администрација, членството на СОНК во овој поглед се соочува со немање на доволен број на средства (компјутер, лап-топ и слично), за вакво водење на е-дневникот. Во оваа насока, мора да се спомене дека бројот на вработени не соодејствува или нема доволен број за опслужување на вака зголемениот број на деца во групите.

На крајот од работната средба, заеднички заклучок од страна на членовите на СОНК беше дека раководството на СОНК, во рамките на својте надлежности, итно да побара од своите социјални партнери (директор на установа, градоначалник или министер) решавање на овие посочени проблеми и надминување на ваквите состојби во градинките.  Доколку надлежните во детската заштита немаат слух за решавање на овие горчливи прашања, членовите на СОНК побараа од  Советот на СОНК да донесат одлука за превземање на порадикални мерки.




ЧЕСТИТ 1ВИ МАЈ, ДЕНОТ НА СИТЕ РАБОТНИЦИ