ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

image_pdfimage_print

                                          

                                           До

                                           Наставници од ООУ Гоце Делчев” – Центар

 

Почитувани колеги, наставници од ООУ ,,Гоце Делчев” – Центар, наставници и вработени во сите основни и средни училишта во Македонија, членови на СОНК, членови на други синдикати, невладини организации, пленуми, здруженија на фб групи….

Како претседател на СОНК, со ова отворено писмо сакам да ви се обратам на сите вработени во училиштата, без разлика на кое работно место се наоѓате, но, особено на наставниците во овој случај, бидејќи повод за ова мое обраќање е писмото и прозивката кон СОНК од група наставници од ООУ ,,Гоце Делчев” – Центар, кое е испратено по електронска пошта до СОНК, но е исто така објавено и на социјалните мрежи, односно  на фб, во групата на здружение на просветни работници.

Така како што доликува на една сериозна организација, како што е СОНК, на писмено барање одговараме писмено, а бидејќи е објавено и на социјалните мрежи, сметам дека е добро ова писмо да го споделиме со сите наставници кои се членови на споменатата група. За сите би било добро да го слушнат ставот на СОНК во однос на проблемите поврзани со почетокот на новата учебна година.

Пред се, морам да искажам согласување со констатацијата дека во овој тежок период за сите нас и тоа како сме си потребни едни на други, на Вас членовите на СОНК и на нас, раководството на СОНК. Впрочем, раководството не е СОНК, туку сите заедно, околу 28000 членови.Од таа причина, легитимно е да ве слушнеме, како и досега, секогаш кога сте се обратиле до нас.

Фактите говорат дека СОНК веднаш по соопштување на планот за работа на основните и средни училишта, донесен од МОН, веднаш реагираше и го искажа своето несогласување во делот на организирање и реализирање на новата учебна година. Навистина не ни е јасно, од која причина го игнорирате овој факт, кој го поткрепувам со безброј мои изјави и интервјуа на националните телевизии, како и на фб-страната на СОНК. Барем ова може лесно да се провери. Или можеби не следите медиуми или пак, не знаете и дека постои фб страна на СОНК?! Зошто се поставува прашањето до СОНК за фрустрација и се става во исти кош со МОН и БРО? Зарем не ви е јасно дека секој како институција има свои надлежности?  Проблемот околу техничката подготвеност на училиштата е исклучиво проблем на надлежните за тоа, а тоа се МОН, општините и училиштата. Каде е тука вината на СОНК? Или повторно не го слушнавте нашиот став што секојдневно го кажуваме околу подготвеноста на училиштата со технички средства за одвивање на наставата? Многу транспарентно кажавме дека доколку не се обезбедат услови за работа, работниците (наставниците) нема да бидат во можност да работат и нема да работат. Каде е вината на раководството на СОНК, ако се врши притисок врз наставниците сами да обезбедат компјутери и да ги користат за службени потреби? Зарем не треба да се искаже ставот на СОНК од самите Вас во вашата синдикална организација?! Уште еднаш повторувам, тоа е обврска на работодавачот, т.е училиштето. Зарем не го слушате и гледате ставот  на СОНК околу дуплирање на бројот на часови во дел на училишта ширум државата од 1 до 3 одделение, со делење на паралелките? Ова е синдикално прашање и ниту во еден момент СОНК не се поколеба да застане во одбрана на правата на наставниците. Тоа што досега не е усогласено решението за проблемот, не може да се каже дека СОНК  е единствениот виновник. Сепак постојат и други фактори со кои треба да се усогласат ставовите, а тоа се МОН и општините. И така како што вчера беше објавено во медиумите, очекуваме што побрзо да го надминеме овој сериозен проблем.

И покрај се што правиме во овој тензичен период за сите нас, вие не прашувате што прави СОНК? Зарем СОНК е причината за фрустрацијата на сопственото членство? Зарем СОНК е виновен што платформата за работа на далечина е донесена прекасно и сеуште не профункционира? Зарем СОНК е виновен што имате ангажмани и за викенд, каде споделувате лозинки со учениците или во доцните вечерни часови го тестирате системот односно платформата? Сепак, сметам дека вашето незадоволство треба да го насочите кон оние кои го предизвикале тоа. Сосема е легитимно вие да се обратите и да го информирате раководството на СОНК на сите нивоа, да образложите и да побарате помош и поддршка за решавање на проблемот. Не е во ред да прифаќате секакви противзаконски наредби од директорите, а за тоа да биде виновен СОНК, поточно раководството на СОНК. Во изминатите неколку дена извршивме посета на неколку основни училишта во Скопје, заедно со министерката за образование и наука и градоначалниците на општините, со цел да се провери подготвеноста за стартот на новата учевна година. Без исклучок, сите наставници кои беа прашани како се одвива подготовката, со најбирани пофални зборови кажуваа дека се е во ред. Спротивно на ова тврдење, наставниците зад тастатурите или на друг начин го критикуваат и обвинуваат СОНК за проблемите околу отпочнување на новата учебна година, иако ќе се согласите дека имаме најмалку вина околу настанатата ситуација.

Не сакам ова мое образложение ни најмалку да се сфати како бегање од одговорноста и дека се некој друг е виновен, а не СОНК, односно раководството на СОНК.  Напротив, јас сум свесен дека кој работи тој и греши и дека секогаш може подобро. Но, подобро ќе биде, сигурен сум, кога критиките ќе бидат упатени кон СОНК со добра намера и сите заедно ќе се заложиме, со заеднички сили да дојдеме до посакуваната цел. Повторувам, сите заедно. Не е доволно само да сте член на СОНК, да плаќате членарина и со тоа да завршат обврските кон сопствената организација. Треба многу повеќе активност, иницијативност, борбеност, истрајност. Со ова не би сакал никого да повредам или навредам, но, прашувате каде е СОНК сега да повика на штрајк? Дали сте сигурни дека е време за штрајк и дека штрајкот ќе успее? Дали сте размислиле што ќе биде со СОНК и со вас, доколку се донесе одлука за штрајк, се влезе во штрајк и повторно од познати причини членството ќе направи опструкција, ќе си го земе дневникот и ќе си отиде на час?! Или сметате дека е доволно само да се повика на штрајк, па макар  и да биде чист популизам, без искрено да се верува дека навистина е тоа единственото решение за надминување на проблемите во образованието. Знам дека вашата организација е една од посолидните синдикални организации кои ги почитувале и спроведувале одлуките на СОНК, меѓу кои и учеството во последниот генерален штрајк на СОНК во 2015 година. За жал, постојат релативно голем број на организации, коишто неможат да се пофалат со некакви посебни резултати во учество во синдикални активности.

Од принципиелни причини досега не сме реагирале и коментирале објави и коментари на членови на групата, кои за сите проблеми во образованието, редовно, без исклучок, жестоко го критикувале и обвинувале СОНК за таквата состојба. Сепак, сметавме дека секој има право на свое мислење и коментар, без разлика што знаеме и убедени сме дека најмногу коментарите се од лични, политички или други причини. Никогаш досега не сме реагирале на грубите лаги и клевети на некои организации што се нарекувале пленуми или синдикат, се со цел да се девалвира работата на СОНК, неговата работа, резултатите, силата, моќта, позицијата како партнер на власта на сите нивоа. Интереси за ослабување и разнебитисување имало и во минатото, имаат и сега и ќе имаат и понатака разни критичари и ,,добронамерници” на фелата.  Но, целите се други, сите тоа добро го знаеме –  што е можно повеќе да се ослабе единствената организација која се грижи за правата и интересите на вработените во сите нивоа  на образованието, науката и културата. Е тоа, бидете сигурни, нема да се случи ниту лесно, ниту брзо, ниту воопшто, затоа што оваа организација е ваша, вам ви припаѓа и за среќа многу брзо и лесно се откриваат целите и намерите на поедини личности.

СОНК е конструктивен синдикат, којшто го почитува плурализмот и во синдикалното организирање и дејствување, но, отвореното дејствување против СОНК и континуираното молење и барање до просветните работници да се отчленат односно зачленат во еден друг синдикат, во најмала рака е невкусен, очајнички обид да се придобие што повеќе членство во таа организација, ветувајќи репрезентативност, ветувајќи мед и млеко за просветните работници кога ќе имале преговарачка моќ, па замислете дури и право на штрајк. Ова е мое прво и последно укажување за таквата организација, којашто има магично стапче во рацете на диригентот односно претседателот и неколкумината членови во раководството на  таа организација. И на крајот на ова отворено писмо, за потсетување и за да не се заборави, оваа ваша организација, којашто ја водам подолг временски период, со променлив интензитет на успони и падови, со последните неколку години има помогнато на огромен број на наши членови за трајно вработување, добиено безброј судски пресуди, финансиска помош во согласност со Правилникот на Фондот на СОНК, како и активно учество во организирање и реализирање на повеќе протести ширум државата, за подигнување на социјалниот статус на просветните работници. Во последните неколку години, заедно со МОН, успеавме да реализираме соодветно зголемување на платите во образованието, активно и енергично реагиравме против идејата за намалување на платите на наставниците во висина на минималната плата, отворено се грижиме за здравјето и безбедноста на вработените во текот на пандемијата и т.н. Ова се дел од одговорите на прашањето “што направи СОНК за нас”? И на крајот, не заборавајте дека вие сте СОНК, дека СОНК е ваша организација и дека неверувањето во најголемиот, најсилниот и најдокажаниот синдикат во државата е неверување сам во себе. А тоа не е добро.

 

Со почит,

                                                                                            Претседател,

                                                                                      с.р. Јаким Неделков