ГОСПОЃО РЕМЕНСКИ, ВИЕ СТЕ МИНИСТЕР, А НЕ ЗАКОН И КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР !
Министерството за труд и социјална политика на 21-11-2016 година има доставено писмен документ, насловено до директорите на Јавните установи за деца – детски градинки, без архивски број и без потпис и печат, што само овој ,, недостаток,, документот го прави невалиден, но укажува и на крајно неодговорен однос на споменатото Министерство. Меѓутоа, многу посериозни се другите аспекти на овој т.н. документ кои преставуваат исклучително грубо кршење на неколку закони, колективни договори, Правилник, меѓународни конвенции и т.н.
Имено, со ,, документот,, им се наредува на директорите на детските градинки да воведат 40 часовно неделно работно време и за воспитувачите и негователите во детските градинки, што е целосно спротивно на член 67, ставовите 2 и 3 од Законот за заштита на децата, Колективниот договор за детска заштита и Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца.
Скандалозниот ,, документ,, е авторско дело на –Одделение за инспекциски надзор од дејноста заштита на децата, кое е дел од МТСП и наведени имиња и презимиња на двајца инспектори ( кои од фактот што нема нивни потпис и заверка , не може да ги наведеме заради веродостојноста на нивниот идентитет).
Но како и да е, со застрашувачкиот,, документ,, им се наредува на директорите …,,да доставуваат електронски извештаи за дневно присуство на вработените…,, и тоа почнувајќи од ДЕНЕС,,…, а во спротивност им следува :
1. Глоба во износ од 1000 евра за установата…и
2. Глоба во износ од 30% од 1000 евра за директорот на установата!!!
Каква е оваа моќ, на која ќе и позавидат и најмоќните императори и властодршци во историјата…Со половина страничка на лист хартија, воведувате принудна управа во сите детски градинки во државата; пресудувате износ на парична казна ако не ве послушаат и секако за неважечки ги ставате – Законот за работни односи; Законот за детска заштита; Колективниот договор за детска заштита; неколку меѓународни конвенции…а, да надлежностите на локалната самоуправа – што беше тоа?!!! Да, да – детските градинки се под надлежност на единиците на локалната самоуправа. А само две инспекторки од Одделението за инспекциски надзор од дејноста заштита на децата при МТСП, дури без да стават свој потпис, ги суспендираа надлежностите на сите општини во Р.Македонија и тоа со благослов на актуелниот технички министер за труд и социјална политика госпоѓата Фросина Ременски.
Приказната да биде уште по неверојатна, но за жал е вистинита, споменатата министерка на Прес – конференција одржана на 23-11-2016 година, не само што не се огради од веќе направениот скандал, туку на прашање на новинар го направи уште поголем , со одговорот дека тоа било направено заради тоа што воспитувачите и негователките оделе на партиски митинзи, а децата во градинките останувале да ги чуваат хаузмајстори !!! И онака , дополнително – СОНК не ги штител правата на работниците, туку влегол во политички води ( а тоа веројатно било строго забрането, доколку не си технички министер и не си потпретседател на политичка партија ).
Госпоѓата технички министер Ременски е должна пред граѓаните на Р. Македонија, така јавно и смело како на 23-11-2016г, да ги објави установите чии вработени за време на работа биле на митинзи на било каја политичка партија, да објави во кои детски градинки и кога хаузмајсторите ги чувале децата во истите и што таа и нејзините инспектори превзеле во врска со ваквиот невиден скандал, ако навистина постои такво нешто. Но доколку нема докази за изнесеното тврдење, тогаш најмалку што треба да направи е веднаш да поднесе оставка од исклучително важното место технички министер за труд и социјална политика.
А за изнесеното тврдење дека СОНК не ги штител правата на работниците и дека влегол во политички води, истото ќе треба да го докаже во судска постапка , во согласност со Кривичниот законик на Р. Македонија, со кој е строго забрането мешање во организирањето и активностите на синдикатите.
Но, најважно и најитно од се е – ВЕДНАШ да го повлече скандалозниот документ и да покрене постапка на поединечна одговорност за тие што го направиле истото. Доколку тоа не биде направено, СОНК најавува дека во текот на првите работни денови од наредната недела ќе организира голем Протест пред седиштето на МТСП во Скопје, на кој покрај членовите на СОНК од детските градинки, ќе бидат повикани да присуствуваат членовите на СОНК од сите дејности, како и членовите на другите синдикати, а сето тоа во согласност со одредбите на Законот за работни односи.
СОНК ќе ги превземе и сите други легитимни и легални мерки што му стојат на располагање и нема да отстапи од неговата обврска за заштита на правата на своите членови, како што тоа го правел многупати до сега и никогаш ниту отстапил, ниту ќе отстапи кога се доведени под прашање интересите на своето членство. А овој случај, досега е без преседан.