НИТУ СТОПАТИ ПОВТОРЕНИ ЛАГИ – НЕМА ДА ПОМИНАТ ВО ВИСТИНА
Оркестрираната и диригирана хајка против Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, која дневно добива во жестина, сигурни сме дека како главна цел има разбивање на единството на Синдикатот и на ослабнување на неговата реална моќ, што ја има во одбрана на самостојноста и на правата на своето членство. Непобитен е фактот дека со очигледна поддршка од една од политичките партии во државата и со активно вклучување на неколку од информативните гласила, кои се блиски или под нивна контрола, стана пракса, без малку секој ден да се повторуваат лаги преку поединци кои биле или формално сеуште се членови на нашиот Синдикат, а кои одамна се збогувале со сопствената чест и достоинство и без поговорно одработуваат туѓи нарачки.
Како поинаку да се толкува повторувањето на една лага во врска со платите во образованието, кои – ,, требало да се формираат според коефициенти од колективните договори и да бидат помножени со висината на минималната плата, за секое работно место поединечно” !!! Додатно, со неспроведување на таквата ,,законска” обврска, наставниците биле оштетени за 70 евра секој месец…”
Во оваа приказна особено зачудува фактот што најодговорните од СОНК, вклучително дури и Советот, кој е највисок орган на најголемиот синдикат во Р. Македонија, само пред една недела доставија Соопштение до јавноста , во кое во целост беше дадена постапката за формирањето на платите по колективните договори и што е правило кое се применува од страна на потписниците на истите. Но и покрај тоа, дел од средствата за јавно информирање и натаму ги пласираат опасните лаги и со перфидни наслови и текстови за отчленување од СОНК,…,, заради вршење на притисок од страна на раководството на Синдикатот врз членството за плаќање на синдикалната членарина…” Не сме сигурни дали се работи за свесна или потсвесна реакција од страна на таквите ,, коректни” новинари, но непобитен е фактот дека СОНК, постои и функционира, врз основа на синдикална членарина и нема додатни средства, особено не од фондации, Тогаш, каков е тоа грев на раководството да бара членовите да плаќаат членарина, која произлегува од малкуте обврски, за разлика од правата што ги имаат како членови на Синдикатот За која цена и за каква ,, мирна ноќ” го прават тоа и членовите кои наместо во сопствената организација проблемите ги,, решаваат” преку медиумите, како и тие што им помагаат во тоа – само тие знаат.
Со најголема одговорност, уште еднаш информираме дека минималната плата не е основица со која се формира висината на платите според колективен договор, во било која гранка во приватниот сектор или дејност во јавниот сектор. Согласно член 105, точка 2 од Законот за работни односи во кој стои… ,, При исплатата работодавачот мора да го почитува најнискиот износ определен со колективен договор, во согласност со закон, кој непосредно го обврзува работодавачот”… Согласно Колективниот договор за средно образование во член 34, став 1 стои…,, Најниската плата за најнизок степен на сложеност ја утврдуваат и објавуваат потписниците на овој Колективен договор, најмалку еднаш во календарската година…” Ваква одредба задолжително има во секој колективен договор на ниво на работодавец или на гранка, во кои меѓу другото, се регулираат и платите. Тоа значи дека во секој од тие колективни договори, социјалните партнери што ги потпишуваат истите се договараат за висината на најниската плата за најнизок степен на сложеност, кој потоа се множи со секој поединечен коефициент на сложеност за секое работно место. Доказ за тоа е Спогодбата помеѓу СОНК и МОН, потпишана на 28-10-2014 година, во која јасно стои во точка 1 од истата… ,, Најниската плата за најнискиот степен на сложеност за вработените во средните училишта изнесува 12.492 денари,,… а во точка 3 од истата стои…,, Основната плата на работникот не може да биде пониска од објавената висина на минималната плата во бруто износ во тековната година,,… Многу јасно е како што е и во ЗРО и во колективните договори, дека станува збор за две сосема различни категории, кои патем кажано различни се носителите како надлежни на истите, како и корисниците. Тоа значи дека- износот на гарантираната плата ја утврдува Владата на Р.М. со Закон, со претходно усогласување околу висината на истата со социјалните партнери, атоа се репрезентативните федерации на синдикатите и репрезентативните организации на работодавачите. Минималната плата се однесува само на категорија на работници каде висината на нивната плата е пониска од најниската плата за најнизок степен на сложеност, утврдени со колективен договор.
Ја користиме оваа прилика, да укажеме на опасноста со натпревар во наддавање на износ на минимална плата од било кои причини, а уште повеќе што токму СОНК е иницијатор за воведување на минимална плата во 2006 година, за кое имаме непоборливи докази и повеќе од 40.000 потписници на таа иницијатива во споменатата година. Од тука е и нашата дополнителна обврска дека, минималната плата неизбежно создава потреба од зголемување на платите во сите степени на сложеност на работните места, во секое претпријатие или установа и тоа соодветно на постоечкиот сооднос по колективен договор или закон. Во спротивно, ќе се создаде урамниловка, со сите последици за кои не треба посебно да се елаборира. Уште поопасно е барањето или формирањето на мислење дека износот на минималната плата треба да биде износ со кој ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места, со што би се зголемила просечната плата во државата, што многу наликува на пат послан со цвеќе, а кој води во пеколот.
Сакаме да завршиме со пораката дека, СОНК и натаму ќе остане самостоен и моќен Синдикат , кој максимално ќе ги штити и развива правата на своето членство, а ,, адутите” кои сега ги користат разбивачите и помагачите на ,, непослушниот” СОНК , многу брзо ќе им се претворат во бумеранг.