ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК ПОВТОРНО ГО ПОТВРДИЈА ЦЕЛОСНОТО ЕДИНСТВО
Врз основа на член 55, а во врска со член 30, став 2 од Статутот на СОНК, претседателот на СОНК Јаким Неделков, свика работна средба со претседателите на регионалните одбори на СОНК, која се одржа на 7.03.2015 година.
На работната средба, на која присуствуваа сите претседатели на регионалните одбори на СОНК, претседателот на СОНК со воведно излагање информираше за текот на преговорите со ресорните министерства во врска со Барањата на СОНК, кои се предмет на преговори, а согласно Спогодбата помеѓу СОНК, од една страна и МОН и МТСП од друга страна, потпишана на 3.02.2015 година.
Во подолгото излагање претседателот Неделков истакна дека се водат сериозни преговори со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, додека со Министерството за култура и покрај сите обиди и напори од страна на раководството на СОНК и понатаму продолжува молкот, кој е целосно спротивен со законските обврски во делот за социјалното партнерство и социјалниот дијалог. Претседателот на СОНК изрази убедување дека од досегашниот тек на преговорите постигнати се конкретни резултати (не се одбиени дневници за деновите поминати во штрајк; одработувањето на споменатите денови ќе се врши само откако ќе се постигне договор помеѓу СОНК и МОН; не се врши казнување по основ на резултатите од екстерното оценување за јануари и февруари 2015 година што е во согласност со Спогодбата од 3.02.2015 година). Во однос на другите барања со МОН сме многу блиску до взаемно прифатливо решение за рационализација на педагошката евиденција и администрација. Во врска со паричните казни по разни основи во постоечките законски одредби, МОН има дадено предлог за нивно значајно намалување, меѓутоа околу ова прашање СОНК од принципиелни причини, нема да се изјаснува за висина на паричните казни и колку и да се намалува нивниот износ.
Во преговорите со МОН, практично клучно од аспект на СОНК е прашањето во однос на казните по резултати од екстерното оценување во основните и средните училишта. Преговарачкиот тим на СОНК не отстапува од барањето казните да бидат целосно отстранети, а останува на ставот дека има потреба од екстерно оценување, но за истото има доста простор за интервенции, во смисол на подобрување на постоечкиот модел, што во досегашниот дел од преговорите направени се значајни подобрувања.
Последните преговори помеѓу МОН и СОНК на 4.03.2015 година беа чекор напред во целосно доближување на ставовите, со исклучок на прашањето на казните, за кои Министерството побара дополнителни консултации, но со јасно искажано мислење од нивна страна со оптимизам дека, до крајниот рок 15-ти март, ќе има заедничко конечно решение по сите прашања.
Во дискусијата на работната средба учествуваа најголемиот дел од претседателите на регионалните одбори, кои дадоа целосна поддршка на преговарачкиот тим, со очекување истите целосно да завршуват најдоцна до 15-ти март. Врз основа на воведното излагање на претседателот и дискусиите, едногласно беа донесени следниве
З А К Л У Ч О Ц И
- Се дава целосна подршка на највисокото раководство на СОНК и преговарачкиот тим за досегашниот тек на преговорите
- Целосно се подржува досегашниот став на раководството и преговарачкиот тим во врска со прашањето за казните по резултатите од екстерното оценување на учениците и се потврдува дека истиот став е изграден врз основа на неподеленото мислење од страна на вработените во основните и средните училишта и по ова прашање не може да има никакво отстапување во преговорите со ресорното министерство, што досега целосно го почитува раководството и преговарачкиот тим на СОНК
- На работната средба потврдено е уште еднаш дека Предлог Спогодбата која треба да произлезе како резултат од преговорите со ресорните министерства, а по утврдување од страна на Советот на СОНК, ќе биде ставена на изјаснување пред синдикалните организации на СОНК и врз основа на резултатите од тоа изјаснување, Советот на СОНК ќе донесе Одлука за прифаќање или неприфаќање на истата.
Претседателот на СОНК изрази задоволство од покажаното единство во врска со Заклучоците и побара од претседателите на регионалните одбори на СОНК целосно да стојат на позициите на Статутот и Програмата на СОНК, а истото да го бараат и од синдикалните организации во своите региони. Сите поинакви однесувања, за кои се или ќе се обезбедат докази, ќе бидат санкционирани согласно Статутот на СОНК.