ОТЧЕТНО И ТРАНСПАРЕНТНО

image_pdfimage_print

НОВИ ПРИВИЛЕГИИ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК

Надзорните одбори на Советот на СОНК и Синдикалниот фонд на СОНК извршија надзор врз финансиското работење на Советот и Фондот на СОНК, а врз основа на документацијата изготвена од независно сметководствено биро.

Надзорниот одбор на Советот на СОНК констатира дека приходите на сметката на Советот се стабилни и во постојан пораст, додека пак расходите се во опаѓање.

Од членовите на Надзорниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК беше констатирано дека и Синдикалниот фонд на СОНК работи со позитивни финансиски резултати, а сите пристигнати  барања со уредна и комплетна документација се навремено реализирани, по сите основи.

Исто така, беше одржана и седница на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК, на која беа избрани членови на Управниот одбор, и тоа:

  1. Чедомир Спасовски – Регионалниот одбор на СОНК – Куманово
  2. Ибраим Исмаилоски – Регионалниот одбор на СОНК – Струга
  3. Јулија Златкова – Регионалниот одбор на СОНК – Кочани
  4. Стојче Димитров – Регионалниот одбор на СОНК – Кавадарци
  5. Јаким Неделков, Претседател на СОНК, по функција.

Беше усвоен Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2022 година. На седницата беа разгледани приговорите доставени до Управниот одбор, при што беа прифатени сите оние со оправдана причина за истото. Исто така, на седницата беа анализирани и дискутирани финансиските можности на Фондот за одредени новитети, се со цел да се излезе во пресрет на потребите на членовите за користење на поголеми права од Синдикалниот фонд на СОНК.

Собранието на Синдикалниот фонд, кој го сочинуваат по еден претставник од регионалните одбори на СОНК, ги разгледа сите предлози и мислења и ги усвои следниве новитети:

  • На предлог на Собранието, Управниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК донесе одлука да се зголеми висината на Синдикалниот кредит, кој претставува единствен основ каде средствата се повратни, од 20,000 на 22,000 денари.
  • Од членовите на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК едногласно беше усвоен предлогот за воведување на новина по други основи односно право на парична помош по основ на новороденче. Со воведување на овој предлог, корисникот на Фондот има право на парична помош во износ од 4,000 денари.
  • Членовите на Собранието на Синдикалниот фонд едногласно прифатија да се прошири правото на парична помош за лекување, набавка на лекови и медицински помагала (член 9 од Правилникот на Синдикалниот фонд на СОНК) и тоа во делот за:
    • лекување во приватни болници на територија на Р.С.Македонија за оние интервенции за кои болницата нема склучено договор со Фондот за здравствено осигурување. Синдикалниот фонд ги признава лекувањата само за малигните заболувања и
    • лекување во странство на свој трошок. Синдикалниот фонд ги признава оние интервенции кога за тоа барателот ќе достави медицинска потврда од доктор, специјалист од здравствена установа од Р.С.Македонија дека тој вид на лекување не се изведува во нашата земја.

За последните два случаи, ќе се применуваат член 9, став (1) и став (2) од Правилникот на Синдикалниот фонд на СОНК.

На крајот од седницата, од страна на Собранието беше констатирано дека Синдикалниот фонд на СОНК е од огромно значење за неговите членови, а истотака го изрази и своето задоволство од непречената комуникација со Стручната служба на СОНК.