Почитуван г-не Претседател,
Ви се обраќаме во врска со договорот што го направивме на средбата кај Вас, во својство на Градоначалник на град Скопје. Ја користиме и оваа прилика, најсрдечно да Ви се заблагодариме за исклучителниот и пријателски разговор на споменатата средба.
Обраќањево што го правиме кон Вас, во својство на Претседател на ЗЕЛС е во врска со неколку прашања со кои се соочени вработените, пред се во образованието, а ние во името на нашите над 30.000 членови во сите установи од образованието, науката и културата. Станува збор за прашања, а некои можат да се третираат и како проблеми и чие решавање е во надлежност на единиците на локалните самоуправи.
Имено, најгорлив проблем е во одредени општини, нерешеното прашање за организиран бесплатен превоз на вработените, пред се во основните училишта кои се во руралните средини, а вработените во истите и особено наставничкиот кадар се со место на живеење во поблиските градови. Потсетуваме, дека до 2009 година им се исплаќаа посебни реални трошоци за превоз од местото на живеење до училиштето и назад. Но, со воведување на системот на бруто плата, такви надоместоци повеќе не постојат. Тоа реално создаде состојби тие вработени да мораат да издвојуваат значаен дел од својата плата, за да ги покријат трошоците за превоз до училиштата, што сме сигурни дека ќе прифатите дека не е прифатливо, бидејќи не е правично. Законот дава можност, работодавецот да може да организира бесплатен превоз за ваквиот дел од вработените. Токму тоа, во добар дел од општините го имаат направено и тоа со превозот за учениците, а некаде и со обезбедување на превоз на дел од вработените, на сметка на Општината. Останати се само неколку општини, кои овој проблем го немаат решено ( за некои од нив , Ве информиравме на споменатата работна средба кај Вас).
Нашите очекувања и молба до Вас, се Вие како Претседател на ЗЕЛС, во рамките на надлежностите на оваа Заедница (секако во договор со градоначалниците на општините), овој проблем да биде решен и во последната општина, каде што истиот постои.
Второто прашање, за кое очекуваме ЗЕЛС да превземе соодветни активности е во врска со решавањето на технолошкиот вишок, кога ќе се појави во основните и средните училишта и тоа по било кој основ. Ние сме запознаени дека во случај на технолошки вишок во училиштата, се прават напори за решавање на истите, но само во рамките на училиштата во конкретната општина. Но, има одредени случаи каде што во училиште кое се наоѓа на подрачје сосема блиску каде што почнува друга општина ( што би се рекло, веднаш преку улица), да примат нов вработен, наместо да се прими вработениот кој е прогласен за технолошки вишок во училиштето од другата општина. Според наше мислење, вработените во образованието вршат работа од заеднички интерес на државата и додатно од тие причини треба за споменатите случаи, околу прашањето за нивниот работен однос, да немаат посебно значење општинските граници.
Убедени сме, Вие како Претседател на ЗЕЛС со целиот Ваш авторитет, можете многу да допринесете во надминување на појавите каде одредени градоначалници, овој проблем го третираат чисто од интерес на својата општина.
Трето, сакаме да го изразиме задоволството, за воспоставениот социјален дијалог и социјално партнерство помеѓу надлежните претставници на регионалните одбори на СОНК и претставниците на Локаната самоуправа на општините кои ги опфаќаат регионални одбори, што е од голем взаемен интерес за разрешување на голем дел на прашања од надлежност на Локалната самоуправа и Синдикатот.
Наша желба и заеднички интерес е овие релации и понатаму да се одржуваат и подигаат на повисоко ниво.
Ве замолуваме околу овие прашања, на начин за кој Вие ќе одлучите, да ги информирате органите на ЗЕЛС и секако во одредени прилики и поединечно со одредени градоначалници, за прашања и проблеми од соодветната општина.
Примете ги нашите најискрени поздрави и најубави желби,