ПОТПИШАН ПРВ КОЛЕКТИВЕН ДОГОВОР ЗА ВИСОКО ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА

image_pdfimage_print

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, како единствен репрезентативен синдикат во дејноста образование и министерството за образование и наука – МОН го потпишаа првиот грански Колективен договор за високо образование и наука, на национално ниво, кој важи за вработените во установите од овие дејности. Овој Колективен договор ги нормира и унапредува правата од работен однос во секторот високо образование и наука: вработување, унапредување, право на годишен одмор, право на платено и неплатено отсуство, право на отпремнина, заштита од отказ итн. Во договорот се дефинира начинот на пресметување на платата, кој се темели на степенот на сложеност и одговорност на работното место, изразен како коефициент во однос на просечната плата на национално ниво. Особено е важно да се спомене дека со овој начин на пресметка на плата се обезбедува систем на валоризација, но и континуиран раст на платите, кои ќе растат заедно со просечната плата, со што се оневозможува стагнирање на платите како во изминатиот период.  Дополнително, од страна на МОН ќе се исплаќаат минат труд и прекувремена работа.

Кон овој Колективен договор барање за пристапување поднесе Независниот академски синдикат – НАкС, кој активно учествуваше во изготвување на истиот. СОНК позитивно одговори на ова барање и даде согласност за пристапување на членовите на НАкС, за кои ќе важат истите права и обврски од Колективниот договор за високо образование и наука, како што важат за потписниците на овој Договор.

Сметаме дека овој Колективен договор е исклучително важен во однос на решенија на системски проблеми кои ги засегаат вработените во овие дејности со години, социјалниот дијалог и регулирање на односите помеѓу различните чинители. Очекуваме дека статусот и материјалните права на сите вработени во високото образование и науката ќе продолжат да се унапредуваат и дека зацртаните барања во целост и со забрзано темпо ќе се реализираат по завршување на кризата.