РАБОТНА СРЕДБА НА СОНК И МОН ВО ВРСКА СО ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА

image_pdfimage_print

Денес, во просториите на СОНК, под строги мерки на претпазливост и заштита од вирусот Ковид-19, се одржа online работна средба помеѓу членовите на Советот на СОНК и високи претставници од Министерството за образование и наука односно раководители на сектор за основно и средно образование и претставник од кабинетот на министерот. На работната средба се анализираа стратешките документи кои се од важно значење за безбедно и квалитетно отпочнување на воспитно-образовниот процес, односно отпочнување на новата учебна година во услови на пандемија од Ковид-19. Претставниците на МОН детално ги презентираа документите: План за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година, Протокол за постапување на основните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и Алгоритам за постапување во училиштата во случај на појава на ученик со симптоми, сомнителен/позитивен на Ковид-19. Од страна на СОНК беа поставени бројни прашања кои се од сферата на здравјето и безбедноста на работното место, почитување на законските одредби во однос на бројот на часови по наставник при поделба на една паралелка во две групи, изведување на online настава, техничка подготвеност на училиштата за изведување на online настава и т.н.

Советот на СОНК доби уверување од претставниците на МОН дека образовниот процес ќе се одвива во рамките на актуелните закони и веќе утврдените претходно споменати акти. Важно е да се спомене дека МОН има отворена врата за соработка со СОНК и дека за сите конструктивни предлози од СОНК, коишто ќе бидат доставени до МОН, ќе се посвети големо внимание и ќе се земат истите во предвид. Од таа причина, апелираме до сите членови на СОНК и воопшто до сите вработени во основно и средно образование, своите прашања и предлози да ги достават до претседателот на својата Синдикална организација или до Регионалниот одбор на СОНК, на која што припаѓа. Секако, предлози и прашања можете да поставите и директно на фб страната на СОНК, на ѕид или во порака.