ПОСЕТА НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПАРТНЕРИ ПРЕД ПОЧЕТОК НА УЧЕБНАТА ГОДИНА ВО ЕДНО ОД СКОПСКИТЕ УЧИЛИШТА

image_pdfimage_print

 

Во текот на денешниот ден, 24-09-2020 година, социјалните партнери на сите нивоа и тоа: претставници од Министерството за образование и наука, предводени од министерот Мила Царовска; претставници од СОНК, предводени од претседателот Јаким Неделков и претставници од Општина Кисела Вода, предводени од градоначалникот Филип Темелковски  остварија работна посета на основното училиште „Невена Георгиева Дуња“, каде разговараа со директорот на училиштето, Хари Стојаноски и наставниците за подготовките за почетокот на училишната година, во услови на пандемија- Ковид 19.

Министерот за образование и наука, обраќајќи се пред медиумите и вработените во училиштето, нагласи дека оваа училишна година почнува во услови на пандемија, со многу предизвици, но она што е важно е дека сите заедно треба да покажеме грижа кон децата и нивниот развој и затоа наставата мора да почне.  Ковид-19  е  состојба која мораме со заеднички сили да ја надминеме најдобро што можеме, секако да се грижиме за здравјето на наставниците и учениците, но и да се погрижиме образованието да тече со квалитет што ќе може да се обезбеди во една ваква пандемија.

Претседателот на СОНК пак, истакна дека за синдикатот  важно е тоа што сите чинители на воспитно-образовниот процес заеднички соработуваат, зашто само така може, во период на пандемија, навреме и успешно да отпочне новата учебна година. Ние како Синдикат, организација којашто се грижи за обезбедување на правата на нашите членови, на вработените, денес може да констатираме во однос на подготовката на ова основно училиште, се разбира и на другите основни и средни училишта на национално ниво, до каде се подготовките во однос на обезбедување на мерките од протоколите, подготовките за обезбедување техничка поддршка за online настава, до каде се препораките за обезбедување здрава работна средина на вработените во период на пандемија, како ќе се организира физичката настава, како ќе се делат групи, како ќе функционира online наставата. Ова е добар пример на заедничка соработка на сите чинители на воспитно-образовниот процес. Ние како Синдикат сме тука за да помогнеме на актуелните власти кои ја имаат најголемата одговорност за обезбедување коректни услови за отпочнување на учебната година. Тука сме за да бидеме коректори, да бидеме гласни, да укажуваме за се она што не е направено, а мора да се направи за да сите заеднички, безбедно и успешно ја почнеме и завршиме оваа учебна година“, изјави Неделков.

На работната средба пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Кисела Вода, кој истакна дека Општина Кисела Вода целосно ги почитува сите препораки. Дополнително, како општина, со ребаланс на буџетот, за сите општински училишта ќе се обезбедат дополнителни средства за обезбедување технички помагала, така што сите училишта ќе бидат целосно подготвени за да можат да отпочнат со online настава. Само преку координација и соработка меѓу сите министерства и институции може полесно да ја поминеме оваа состојба и да обезбедиме квалитетна едукација за најмладите, а тоа е основна цел на секое училиште“, изјави Темелковски.

СОНК е цврсто убеден дека само со ваков искрен и коректен социјален дијалог на сите нивоа, може да се надмине моменталната ситуација, но и ред други прашања кои подолг временски период ги тиштат вработените во сите сфери на образованието.