ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: „Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука“

image_pdfimage_print

Самостојниот синдикат за обазование, наука и култура на Република Македонија – СОНК во соработка со Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на 11.05.2023 година, одржа завршна конференција на тема: „Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука“.

На конференцијата присуствуваа бројни членови на СОНК, претседатели на грански синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, а со своето присуство конференцијата ја збогатија и гостите од синдикатите за образование од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Од особена чест беше присуството на министерот за образование и наука, г-дин Јетон Шаќири, кој имаше свое обраќање пред присутните, во кое посочи дека Министерството за образование и наука – МОН, активно работи на подобрување на условите за работа, безбедноста и здравјето на сите лица инволвирани во образовниот систем, како и на подобрување на безбедноста во училиштата.

Од страна на СОНК, свое излагање имаше претседателот на СОНК, г-дин Јаким Неделков, а како дел од проектниот тим беше и Татјана Јаневска Поцевски, која воедно беше и модератор на конференцијата.

Резултатите од спроведеното истражување, за тоа колку вработените во образованието се запознаени со безбедноста и здравјето при работа, ги презентираше м-р Милан Петковски, проект менаџер од МЗЗПР.

Конференцијата беше одлична можност да се слушнат искуствата на земјите од регионот, во врска со примената на законот за безбедност и здравје при работа (БЗР).

На крај од конференцијата беа изнесени заклучоци кои произлегоа од овој проект, а кои ќе дадат јасна слика за тоа како се грижи државата за безбедноста и здравјето во образованието и науката, но ќе дадат и патоказ кон подобрување и унапредување на сигурноста во образовниот процес.

Проектот беше оценет повеќе од успешен. Но, СОНК нема да застане тука и во иднина ќе се залага за здрави и безбедни работни услови. Исто така, ќе придонесува за зголемување на свеста кај вработените и работодавачите, кои не смеат да штедат кога е во прашање менталното и физичкото здравје на своите вработени. Затоа е потребна соработка меѓу работодавачите, работниците и нивните синдикати.

СОНК и МЗЗПР и понатаму ќе ја следат состојбата со примената на законот за БЗР и онаму каде ќе се детектираат слабости и неправилности, ќе се обидат да интервенираат, со цел надминување на истите.