УСВОЕН ИЗВЕШТАЈОТ ЗА ОДРЖАНИТЕ СЕМИНАРИ СО ЧЛЕНОВИТЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК
Советот на СОНК на третата редовна седница, одржана на 25-ти и 26-ти јуни, 2016 година, како главна точка на дневен ред, расправаше по Извештајот за одржаните семинари со членовите на регионалните одбори на СОНК.
Во обемната расправа, во која учествуваа најголемиот дел од членовите на Советотна СОНК (кој брои вкупно 43 членови), се направи опстојна анализа на резултатите од одржаните едукативни семинари во сите регионални одбори на СОНК. Заедничка оценка од дискусиите беше, дека семинарите биле добро организирани и од страна на учесниците на истите оценети се како многу потребни и корисни.
Посебно за одбележување е заедничката оценка на членовите на Советот, дека преку одржаните семинари, на кои учествувале 451 претседатели на синдикални организации, дека се детектирани и неколку по изразени слабости во дел од синдикалните организации, како и во одредени регионални одбори. Тоа не е состојба која треба да се смета дека е со некои сериозни размери и е вообичаена, особено во организации со огромен број на членство, како што е нашиот Синдикат. Но, за пофалба е подготвеноста на раководството, отворено да се разговара за таквите проблеми и навреме да се превземат активности, согласно Статутот на СОНК, за нивно што побрзо надминување. Радува фактот што сите членови на Советот, покажаа целосна подготвеност за надминување на ваквите состојби.
Издвоени се неколку детектирани слабости во организацијата. Една од нив е постоењето на значаен број на претседатели на синдикални организации ( вкупно 573 на ниво на држава) и тоа во сите дејности, како и во сите регионални одбори, кои недоволно ги проучиле Статутот и Програмата на СОНК, без кои е невозможно да бидат на висината на одговорноста што ја презеле како претседатели на синдикални организации. Исто така, евидентирано е дека значаен број на претседатели на синдикални организации, многу малку или без малку целосно, не ги познаваат колективните договори по дејности што ги има потпишано нашиот Синдикат со ресорните министерства, законите на дејностите, како и одредбите од ЗРО, барем во делот на синдикатите и колективните договори.
Има еден помал број на синдикални организации во кои е констатирано дека, многу ретко се одржуваат состаноци со членовите на тие организации, а претседателите на истите, на состаноци на регионалните одбори, настапуваат со изјави дека тоа се ставови, мислења, предлози, барања на членовите од конкретната организација! Таквите состојби се целосно неприфатливи и во наредниот период, регионалните одбори мора да посветат многу повеќе внимание на истите, а нивното надминување да биде согласно Статутот на СОНК.
Во однос на регионалните одбори, Советот констатира дека, генерално истите добро ги завршија истите за организирање и реализирање на едукативните семинари и во основа солидно ги извршуваат обврските согласно Статутот на СОНК и документите што ги усвојува Советот на СОНК. Меѓутоа, беше констатирано дека неколку регионални одбори не ја остваруваат потребната комуникација и размена на информации со централното раководство на Синдикатот, во некои сличаи и во подолг временски период. Има неколку примери на регионални одбори, кои со одредени свои активност излегуваат од надлежностите што ги имаат со Статутот на СОНК. За надминување на ваквите состојби, беше договорено во наредниот период задолжително да се почитуваат правата и обврските од Статутот на нашиот Синдикат.
По обемната и плодна дискусија, Советот усвои заклучок да се изготви Програма за синдикална едукација на сите нивоа и на првата наредна седница на Советот на СОНК да се усвои истата и да продолжат активностите за организација на семинари за едукација членовите на нашиот Синдикат.
Ќе го одбележиме и Заклучокот, што едногласно го усвои Советот на СОНК за покренување на званично барање пред надлежните институции и органи во државата, за правична и правна поделба на т.н. синдикален имот, стекнат во поранешниот општествен систем.