ОДРЖАНА РАБОТНА СРЕДБА ПОМЕЃУ РАКОВОДСТВОТО НА СОНК И МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

image_pdfimage_print

Како што веќе беше најавено, во текот на денешниот ден се одржа работна средба помеѓу раководството на СОНК и министерката за труд и социјална политика, на која што беа присутни над 50 претседатели на синдикални организации на СОНК од градинките.

Работната средба се одржа во конструктивна атмосфера, на која што се расправаше за прашања кои и СОНК и МТСП сметаат дека што поскоро треба да се затворат како реален проблем.

На исцрпната расправа се дојде до констатација дека во периодот што следи МТСП и СОНК ќе работат на усогласување на ставовите во однос на отворените прашања и дека ќе излезат со заедничка информација во врска со новиот предлог-Закон за детска заштита како и со нацрт-текст на Колективниот договор за оваа дејност, усогласен со новиот закон за детска заштита. Нашето очекување е дека со соодветните законски измени ќе се дојде до системско решение со што вработените во детската заштита трајно ќе имаат можност за кариерен развој, утврдување на критериумите за напредување во кариерата, систем на наградување на трудот на вработените и други прашања кои што ќе се доуредат со Колективниот договор.

Исто така, на работната средба беа отворени повеќе прашања во надлежност на СОНК и МТСП, а во врска со подобрување на условите за работа, намалување на административните обврски на негователите и воспитувачите, просторните капацитети и друго.