ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на 5 (пет) наставници од основно и средно образование за обука на наставник – едукатор

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, за потребите на проектот „Oдржување на благосостојбата на младите наставници во училиште” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School”), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, објавува јавен повик за ангажирање на 5 (пет) наставници од основно и средно образование за обука на наставник – едукатор.

Јавниот повик може да се погледне на следниот линк:




Учесниците од СОНК успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор

Во рамки на проектот „Oдржување на благосостојбата на младите наставници во училиште” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, во периодот од 7 до 11 јули 2023 година, во Софија, 15-те наставници кои беа избрани од Македонија, Бугарија и Словенија за имплементација на овој проект,  успешно ја завршија обуката за наставник – едукатор.

Обуката “Mentoring through coaching” беше  реализирана од страна на тимoт на организациите: National Management School од Бугарија и New Mindset Coaching & Training од Белгија.  Истата имаше за цел следење и поддршка на наставници кои се нови во професијата во овие земји, односно поддршка на свои колеги кои се на почеток на својата кариера како наставници, а практичната реализација на стекнатите знаења од обуката ќе започне од месец октомври 2023 година.

Програмата имаше за цел да создаде поддршка и мотивација за подобра меѓусебна соработка и развој на вештини кои се потребни за следните чекори.

Во овие 5 дена, во просториите на Social Innovators во Бугарија, учесниците го започнаа своето патување и мотивирано се впуштија во откривање и учење, каде главниот фокус беше ставен на развивање суштински вештини за „обучување“ кои излегуваат надвор од училницата – вештини за живот! Овие вештини за „обучување“ ќе ги поттикнат сите учесници во програмата да станат уште подобри комуникатори, слушатели и решавачи на проблеми, што е основа за личен и професионален развој. Преку примена на иновативниот формат “Clarity Check-in Series” беше воведена техниката на емпатија и разбирање меѓу наставниците – едукатори, а преку креативните картички за проектот DiArc се поттикнуваа креативноста и имагинацијата, овозможувајќи им на учесниците да размислуваат “надвор од кутијата” и да истражуваат нови перспективи. Игрите со LEGO се покажаа како неочекувана алатка за помагање на обучуваните наставници – едукатори да ги идентификуваат своите цели и да се замислат себеси како ефикасни наставници – едукатори. На општо задоволство на сите, се изгради една заедница на високо-мотивирани наставници – едукатори, подготвени да остават трајно влијание во образовниот процес.

Патувањето продолжува од месец октомври, кога овие 15 наставници – едукатори ќе започнат со работа во своите земји, со своите колеги и ќе продолжат на оваа нова патека на менторство која се открива пред нив.




Mладинскиот центар за култура од Целје – домаќин на партнерите на проектот YouWell

Во рамките на Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School – YouWell, кој е финансиран од Европската унија, на 12.09 и 13.09.2023 година, во Целје, Словенија се одржа вториот работен состанок на сите партнери учесници во проектот.

Домаќин на состанокот беше Mладинскиот центар за култура од Целје – Република Словенија, а освен СОНК, присутни беа  и Синдикатот за образование од Република Бугарија –  Поткрепа, Tренинг центарот за обука од Брисел – Белгија и Националното училиште за менаџмент од Софија – Република Бугарија.

 

На работниот состанок беа презентирани фазите на проектот, односно главните активности и конкретните чекори што беа преземени за реализација на проектот во изминатите 6 месеци.

Главен акцент беше ставен на Обуката “Mentoring through coaching”, која се одржа во Софија, Бугарија, во периодот од 7 до 11 јули 2023 година. Од страна на сите партнери беше искажано задоволство во однос на успешно завршената обука на 15 наставници – едукатори од Македонија, Бугарија и Словенија.

 

Исто така, на состанокот беа дискутирани идните чекори за реализација на обуката, каде што овие наставници – едукатори, од 1.10.2023 година, треба да започнат со работа во своите земји, со своите колеги и да продолжат по една нова патека на менторство која се открива пред нив.

На крајот од дискусијата, партнерите – учесници во проектот, договорија следниот состанок да биде во почетокот на месец декември, во Брисел, на кој ќе бидат презентирани резултатите од досегашната работа на наставниците – едукатори.




ПРИВРШУВА ОДРЖУВАЊЕТО НА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ НА СОНК

СО СЕКОЈ НОВ ЕДУКАТИВЕН СЕМИНАР, СИЛНО СЕ ПОТВРДУВА ПОТРЕБАТА ЗА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА

При крајот на месец aприл, беа одржани едукативни семинари со регионалните одбори на СОНК од Чаир и Кисела Вода, а последниов викенд одржан е семинар со членовите на Регионалниот одбор на СОНК – Кичево.

Слично како и во претходните регионални одбори, семинарите се одржуваат според програма која се покажа за добро планирана, а тоа без исклучок го потврдија сите учесници на истите. Имено, во првиот дел од семинарите се предвидени излагања на претставниците од највисокото раководство на СОНК по три теми, во кои се внесени прашања од повеќе области, а кои се од посебен интерес за Синдикатот.

Имено, првата тема која оди под наслов  ,, Синдикатот – нужна потреба или наметната обврска за работниците”,го опфаќа периодот од првите синдикални активности при крајот на XVIII век, со изнесување на нај важни настани од последните два века, со посебен осврт од активностите во Р. Македонија и посебно на нашиот Синдикат. Во склоп на оваа тема отворено се зборува и за позитивните страни, што значи и за успесите на СОНК, но се зборува и за слабостите на нашиот Синдикат, почнувајќи од синдикалните организации, па се до највисоките органи.

Втората тема која е со наслов ,, Правна регулатива на Синдикатот, ја опфаќа правната регулатива, а која се однесува на правата и обврските на синдикатите ( Устав, Закон за работни односи и други закони), колективното договарање и нивоата на истото, со посебен осврт на колективните договори,што нашиот синдикат ги има потпишано и особено за правата утврдени по колоективните договори, кои се многу значајни за нашето членство, бидејќи се значајно повисоки од правата утврдени со соодветните закони, а некои од овие права од колективните договори се единствени, не само во регионот, туку и во европски рамки. Во рамките на оваа тема опфатен е и Статутот на СОНК.

Третата тема со наслов ,, Стратешки цели на СОНК во наредниот пет годишен период   е посветена на програмските определби на СОНК , утврдени на последниот VI-ти Конгрес, одржан при крајот на 2015 година; социјалниот дијалог помеѓу социјалните партнери, утврдени со ЗРО на сите нивоа, како и со посебен осврт на усвоените  четири Резолуции, усвоени на конгресот на СОНК. Како дел од оваа тема станува збор и за состојбите во нашиот Синдикат, од аспект на синдикални организации, регионални одбори, па се до Советот на СОНК, како највисок орган на нашиот Синдикат.

Во вториот дел од семинарите, учесниците имаа(т) можност да дадат свои мислења и за излагањата по веќе споменатите теми, да изнесат свои размислувања и за состојбите во синдикалните организации, од кои произлегуваат, како и за работата на регионалните одбори, во чиј состав делуваат. Според раководството на СОНК,  од  досега одржаните семинари во регионалните одбори, најчесто дискусиите се сведуваат на практично поставување на прашања за одредени реално постоечки проблеми, ама и по одредени проблеми кои реално не постојат, а задолжително се покренуваат како прашања од не информираност. Само како пример:  неразбирливо е како може да биде дилема и да се постави прашањето – за кого важат колективните договори??? ; во дел од регионални одбори има и натаму претседатели на синдикални организации, кои излегуваат со тврдење дека, паричните казни  од екстерното тестирање биле укинати само за минатата година;   прашањето за решавање на проблемот за превоз на вработените во образованието и натаму се упатува до МОН, со барање до централното раководство на СОНК, истото да го разрешува…

Без секакви дилеми, едукативните семинари што се одржаа во регионалните одбори и кои се при самиот крај за да бидат одржани во сите 20 регионални одбори на СОНК, може со сигурност да се заклучи дека се од голема корист. Меѓутоа, целосен резултат од едукативните семинари, ќе има тогаш кога истите ќе се одржат и во секоја синдикална организација на СОНК, така како што е договорено со претседателите на синдикалните организации и претседателите на регионалните одбори на СОНК.




СЕМИНАРИ НА ТЕМА: „РЕШАВАЊЕ НА КОНФЛИКТИ ПО ПАТ НА МЕДИЈАЦИЈА“

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија во периодот ноември – декември 2024 година, за своите членовите и раководството на СОНК, одржа семинари на тема: „Решавање на конфликти по пат на медијација“.

На семинарите, слушателите имаа можност поблиску да се запознаат со поимите медијација и конфликт, видовите на конфликти и начините на решавање на конфликтни ситуации.

Семинарите ги водеа искусни психолози, кои со своето знаење, умеење и вештини, предизвикаа огромен интерес и чувство на задоволство кај учесниците.

Во склоп на семинарите се одржаа и работилници, на кои учесниците имаа можност за анализа и решавање на конкретни случаи, односно решавање на конфлики со користење на специфични комуникациски вештини.

Семинарите беа под покровителство на Solidarity Center од САД, кој многупати досега поддржал голем број настани во организација на СОНК.




ЗАВРШИЈА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ СО РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА СОНК

СИЛНО ПОТВРДЕНА ПОТРЕБАТА ЗА СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА

Врз основа на оваа анализа , раководството на СОНК и особено Советот на СОНК, ќе треба да договорат конкретни натамошни активности за отстранување на констатираните слабости и тоа во исклучително важниот дел од раководната структура на СОНК, односно претседателите на синдикалните организации.
Како првичен заклучок, неспорно е дека семинарите во регионалните одбори на СОНК во целост го оправдаа нивното одржување и создадоа многу солидна основа за натамошни активности во јакнење на квалитетното функционирање на организацијата, со ставање на акцент на синдикалните организации како темел на нашиот Синдикат.



ПОЧНА ОДДРЖУВАЊЕТО НА ЕДУКАТИВНИТЕ СЕМИНАРИ ВО СОНК

СЕ ПОТВРДИ ГОЛЕМАТА ПОТРЕБА ОД СИНДИКАЛНА ЕДУКАЦИЈА




Работилница за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на 07 и 08 април 2023 година, одржаа работилница во Охрид, за подготовка на акционен план за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа, а во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”.

Присутните членови ги искажаа проблемите со кои се соочуваат на своите работни места, а воедно дадоа иницијатива за формирање на Комисија за жалби за непримена на законот и прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа. Исто така, беше предложено да се врши едукација на синдикалните претставници преку синдикална школа, како и да се подигнат капацитетите на граѓанските организации и синдикатите во креирање на кампањи за подигнување на јавната свест од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Сето погоренаведено ќе помогне да се изготви Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор, која ќе биде доставена до надлежните министерства, со цел подобрување на условите за работа во дејностите што ги застапува СОНК.

Присутните на работилницата ја искажаа потребата од повеќе вакви работилници, обуки и семинари на национално ниво, со единствена цел вработените во овие дејности да се запознаат со правата и обрските од Законот за безбедност и здравје при работа.




НАСЛОВ СО ПОВОД

КОЛЕКТИВНИТЕ ДОГОВОРИ ШТО ГИ ИМА ПОТПИШАНО СОНК, ВАЖАТ ИСКЧЛУЧИВО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК

Одржувањето на едукативните семинари со членовите на регионалните одбори на СОНК, во предходните два викенда беа со регионалните одбори на СОНК од Битола, Гази Баба, Струга и Охрид. И на овие четири регионални одбори, се повтори тоа што беше одлика и на предходните регионални одбори – без малку, целосно учество на членовите на регионалните одбори ( претседатели и евентуално секретари, како замена за претседатели кои оправдано биле спречени), недвосмислен интерес за излагањата по темите од страна на претставниците од највисокото раководство на СОНК и што е посебно значајно за сите досегашни региони – неподеленото мислење од потребата и користа за ваквите едукативни семинари.

Досегашниот впечаток на раководството на СОНК е дека поголемиот дел од членовите на регионалните одбори, не се доволно упатени во содржината на документите на СОНК, а тука се мисли на Статутот на СОНК, Програмата на СОНК и посебно за поединечните колективни договори по дејности. Ваквиот заклучок, раководството  го изведува од фактот, што во вториот дел од семинарот, кој всушност е работно – разговорен, со очекувања за давање на предлози, мислења, иницијативи, одредени состојби за некои синдикални организации, кои се за одбележување и кои се позитивни, а зошто да се крие ги има и негативни, бројот на учесници во овој дел е под очекувањата на овие семинари.

Благо речено, неприфатливо е дека, еден голем дел на членови на регионални одбори ( ова важи за сите досега одржани регионални одбори ), со изненадување да го слушнат непобитниот аргумент, дека потпишаните колективни договори на СОНК, кои се во важност и се применуваат – ВАЖАТ ИСКЛУЧИВО САМО ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СОНК!  Нека ни биде простено на тежината на зборот што ќе го кажеме –  Б О Л И  оваа реалност, кога ќе слушнете прашање и одобрување од најголемиот дел од другите присутни – Зошто да членуваме во СОНК, кога ги користат истите права и тие што не се членови на СОНК ???!!!

СОНК е единствениот Синдикат, не само во нашата држава, туку и пошироко во Регионот, кој успеал со соодветниот социјален партнер, за секој од потпишаните колективни договори, да го вгради ова решение, кое има сила на Закон, а со правен јазик кажано, дури и повисоко од Закон, затоа што утврдува поголеми права, кои  со Закон се утврдени.

Непознавањето на оваа толку важна одредба од нашите колективни договори, сигурно дека досега голем дел од нашите членови имаат изгубено права кои требало да ги користат, а исто така и на целиот наш Синдикат, му има нанесено огромна штета.

На крајот, ќе го споменеме и сеуште од поедини членови од регионални одбори, поставувањето на прашањето за плаќањето на надоместокот за превоз на наставниците и често пати со обвинувања до раководството на СОНК, дека не успеале да го одбранат ова право, што не постои со самиот системски премин на финансирање од нето во бруто плата. Тоа е решение на ниво на држава и станува збор за систем и никој не можел поинаку да бара издвојување, меѓутоа раководството на СОНК сите овие години од 2009, па се до денес, во договор со раководствата на општините и со посретство на Министерството за образование и наука, во најголемиот број на општини го имаат решено на различни начини, но во секој случај со обезбедување на бесплатен превоз на наставниците, а никако со добивање на паричен надоместок, бидејќи тоа би претставувало кривично дело.

И сосема на крај, општа оценка за досега одржаните едукативни семинари, во четиринаесет регионални одбори на СОНК е во секој случај многу позитивна, а слабостите кои испливаа, а за некои од нив се обидовме да проговориме и во овој текст, раководството преку Советот на СОНК, ќе направи анализа и очекувано е да биде донесен документ, за надминување на овие состојби.




ОДРЖАНА ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ПРОЕКТОТ YOUWELL

На 15 ноември 2024 година во хотел Солун, Скопје, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК одржа Финална конференција во рамки на Erasmus+ проектот “Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата – YouWell” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School” – YouWell), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, на која присуствуваа над 50 претставници од основното, средното и високото образование.

Конференцијата ја отвори претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој ги поздрави сите присутни, накратко ја образложи важноста на самиот проект и потребата од негово продолжување во иднина.

На финалната конференција присуствуваа и претставници од Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски” – Скопје и Министерството за образование и наука, кои го пофалија проектот и резултатите кои се постигнати во истиот, изразувајќи подготвеност за поддршка на вакви проекти, кои ќе ги мотивираат младите да останат во нашата земја и да придонесуваат за поквалитетно образование.

На оваа конференција, можност имаа да се обратат и сите оние кои учествуваа и беа дел од овој проект, односно  наставниците едукатори и нивните менторирани наставници.


Наставниците едукатори го искажаа задоволството од можноста да работат на ваков проект и сметаат дека е одлична можност за размена на идеи и споделувања на искуства. Ја презентираа пилот програмата и начинот на работа со нивните менторирани млади наставници во текот на изминатите 10 месеци и ги посочија клучните проблеми со кои тие се соочуваат на своите работни места.

Менторираните наставници пак, го искажаа задоволството што имаа ментори во поинакво светло од оние кои ги добиваат согласно закон. Посочија дека овој проект е реализиран во вистинско време и дека на секој наставник му е потребен ментор со којшто ќе соработува во текот на целиот работен циклус.

Финалната конференција заврши со заклучок дека овој проект треба да се продолжи со вклучување на повеќе наставници во него. Беа нагласени клучните резултати и идните чекори за подобрување на квалитетот на образованието, кои би ги мотивирале младите наставници да ја продолжат својата работа со истиот ентузијазам што го имале при изборот на професијата.