ЗАВРШНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ТЕМА: „Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука“

Самостојниот синдикат за обазование, наука и култура на Република Македонија – СОНК во соработка со Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на 11.05.2023 година, одржа завршна конференција на тема: „Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука“.

На конференцијата присуствуваа бројни членови на СОНК, претседатели на грански синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, а со своето присуство конференцијата ја збогатија и гостите од синдикатите за образование од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово.

Од особена чест беше присуството на министерот за образование и наука, г-дин Јетон Шаќири, кој имаше свое обраќање пред присутните, во кое посочи дека Министерството за образование и наука – МОН, активно работи на подобрување на условите за работа, безбедноста и здравјето на сите лица инволвирани во образовниот систем, како и на подобрување на безбедноста во училиштата.

Од страна на СОНК, свое излагање имаше претседателот на СОНК, г-дин Јаким Неделков, а како дел од проектниот тим беше и Татјана Јаневска Поцевски, која воедно беше и модератор на конференцијата.

Резултатите од спроведеното истражување, за тоа колку вработените во образованието се запознаени со безбедноста и здравјето при работа, ги презентираше м-р Милан Петковски, проект менаџер од МЗЗПР.

Конференцијата беше одлична можност да се слушнат искуствата на земјите од регионот, во врска со примената на законот за безбедност и здравје при работа (БЗР).

На крај од конференцијата беа изнесени заклучоци кои произлегоа од овој проект, а кои ќе дадат јасна слика за тоа како се грижи државата за безбедноста и здравјето во образованието и науката, но ќе дадат и патоказ кон подобрување и унапредување на сигурноста во образовниот процес.

Проектот беше оценет повеќе од успешен. Но, СОНК нема да застане тука и во иднина ќе се залага за здрави и безбедни работни услови. Исто така, ќе придонесува за зголемување на свеста кај вработените и работодавачите, кои не смеат да штедат кога е во прашање менталното и физичкото здравје на своите вработени. Затоа е потребна соработка меѓу работодавачите, работниците и нивните синдикати.

СОНК и МЗЗПР и понатаму ќе ја следат состојбата со примената на законот за БЗР и онаму каде ќе се детектираат слабости и неправилности, ќе се обидат да интервенираат, со цел надминување на истите.




Членовите на СОНК на уште една работилница за здрава и безбедна работна средина

Во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на ден 05 и 06.05.2023 година, одржаа работилница на која учествуваа членови на СОНК од Регионалните одбори на Центар, Карпош и Гази Баба.

На работилницата, присутните членови имаа можност да се едуцираат и да ги прошират своите знаења, како и да ги посочат проблемите со кои се соочуваат на своите работни места во однос на безбедноста и здравјето при работа.

Актуелните теми за безбедноста и здравјето при работа беа презентирани од страна на предавачи и стручни лица во оваа област, а работилницата имаше и интерактивен карактер, на која присутните добија одговори на сите поставени прашања.

На крајот од работилницата, учесниците изразија голема благодарност за можноста да се стекнат со неопходните знаења од оваа, за нив, многу значајна област.

 

 

 

 




Работилница за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на 07 и 08 април 2023 година, одржаа работилница во Охрид, за подготовка на акционен план за изработка на Стратегија за безбедност и здравје при работа, а во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”.

Присутните членови ги искажаа проблемите со кои се соочуваат на своите работни места, а воедно дадоа иницијатива за формирање на Комисија за жалби за непримена на законот и прописите од областа на безбедноста и здравјето при работа. Исто така, беше предложено да се врши едукација на синдикалните претставници преку синдикална школа, како и да се подигнат капацитетите на граѓанските организации и синдикатите во креирање на кампањи за подигнување на јавната свест од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Сето погоренаведено ќе помогне да се изготви Стратегија за безбедност и здравје при работа во образовниот и научниот сектор, која ќе биде доставена до надлежните министерства, со цел подобрување на условите за работа во дејностите што ги застапува СОНК.

Присутните на работилницата ја искажаа потребата од повеќе вакви работилници, обуки и семинари на национално ниво, со единствена цел вработените во овие дејности да се запознаат со правата и обрските од Законот за безбедност и здравје при работа.




ОТЧЕТНО И ТРАНСПАРЕНТНО

НОВИ ПРИВИЛЕГИИ ЗА ЧЛЕНОВИТЕ НА СИНДИКАЛНИОТ ФОНД НА СОНК

Надзорните одбори на Советот на СОНК и Синдикалниот фонд на СОНК извршија надзор врз финансиското работење на Советот и Фондот на СОНК, а врз основа на документацијата изготвена од независно сметководствено биро.

Надзорниот одбор на Советот на СОНК констатира дека приходите на сметката на Советот се стабилни и во постојан пораст, додека пак расходите се во опаѓање.

Од членовите на Надзорниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК беше констатирано дека и Синдикалниот фонд на СОНК работи со позитивни финансиски резултати, а сите пристигнати  барања со уредна и комплетна документација се навремено реализирани, по сите основи.

Исто така, беше одржана и седница на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК, на која беа избрани членови на Управниот одбор, и тоа:

  1. Чедомир Спасовски – Регионалниот одбор на СОНК – Куманово
  2. Ибраим Исмаилоски – Регионалниот одбор на СОНК – Струга
  3. Јулија Златкова – Регионалниот одбор на СОНК – Кочани
  4. Стојче Димитров – Регионалниот одбор на СОНК – Кавадарци
  5. Јаким Неделков, Претседател на СОНК, по функција.

Беше усвоен Извештајот за финансиското работење на Синдикалниот фонд на СОНК за 2022 година. На седницата беа разгледани приговорите доставени до Управниот одбор, при што беа прифатени сите оние со оправдана причина за истото. Исто така, на седницата беа анализирани и дискутирани финансиските можности на Фондот за одредени новитети, се со цел да се излезе во пресрет на потребите на членовите за користење на поголеми права од Синдикалниот фонд на СОНК.

Собранието на Синдикалниот фонд, кој го сочинуваат по еден претставник од регионалните одбори на СОНК, ги разгледа сите предлози и мислења и ги усвои следниве новитети:

  • На предлог на Собранието, Управниот одбор на Синдикалниот фонд на СОНК донесе одлука да се зголеми висината на Синдикалниот кредит, кој претставува единствен основ каде средствата се повратни, од 20,000 на 22,000 денари.
  • Од членовите на Собранието на Синдикалниот фонд на СОНК едногласно беше усвоен предлогот за воведување на новина по други основи односно право на парична помош по основ на новороденче. Со воведување на овој предлог, корисникот на Фондот има право на парична помош во износ од 4,000 денари.
  • Членовите на Собранието на Синдикалниот фонд едногласно прифатија да се прошири правото на парична помош за лекување, набавка на лекови и медицински помагала (член 9 од Правилникот на Синдикалниот фонд на СОНК) и тоа во делот за:
    • лекување во приватни болници на територија на Р.С.Македонија за оние интервенции за кои болницата нема склучено договор со Фондот за здравствено осигурување. Синдикалниот фонд ги признава лекувањата само за малигните заболувања и
    • лекување во странство на свој трошок. Синдикалниот фонд ги признава оние интервенции кога за тоа барателот ќе достави медицинска потврда од доктор, специјалист од здравствена установа од Р.С.Македонија дека тој вид на лекување не се изведува во нашата земја.

За последните два случаи, ќе се применуваат член 9, став (1) и став (2) од Правилникот на Синдикалниот фонд на СОНК.

На крајот од седницата, од страна на Собранието беше констатирано дека Синдикалниот фонд на СОНК е од огромно значење за неговите членови, а истотака го изрази и своето задоволство од непречената комуникација со Стручната служба на СОНК.




ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на 5 (пет) наставници од основно и средно образование за обука на наставник – едукатор

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК, за потребите на проектот „Oдржување на благосостојбата на младите наставници во училиште” („Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School”), 2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901, објавува јавен повик за ангажирање на 5 (пет) наставници од основно и средно образование за обука на наставник – едукатор.

Јавниот повик може да се погледне на следниот линк:




ЧЕСТИТ 8ми МАРТ – МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ЖЕНАТА




СОНК НА ПРВИОТ РАБОТЕН СОСТАНОК СО ПАРТНЕРИТЕ – УЧЕСНИЦИ ВО ERASMUS+ ПРОЕКТОТ YOUWELL

На 01.03.2023 година, во Софија, во рамките на Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at School – YouWell, кој е финансиран од Европската унија, се одржа првиот работен состанок на сите партнери учесници во проектот.

Домаќин на состанокот беше Синдикатот за образование од Република Бугарија –  Поткрепа, а освен СОНК, присутни беа и Mладинскиот центар за култура од Целје – Република Словенија, Tренинг центарот за обука од Брисел – Белгија и Националното училиште за менаџмент од Софија – Република Бугарија.

На работниот состанок, најнапред беа презентирани главните елементи на проектот: целите,  резултатите и временската рамка, потоа секој партнер накратко ја презентираше својата организација, но и мотивацијата да се приклучи на проектот, а се презентираа и главните активности и конкретни чекори што треба да се следат за реализација на проектот во наредните 20 месеци.




СИНДИКАЛНИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ ОД РЕГИОНАЛНИТЕ ОДБОРИ НА ТЕТОВО И ГОСТИВАР ПРИСУСТВУВАА НА ЕДУКАТИВНА РАБОТИЛНИЦА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

На ден 23.02.2023 година, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР реализираа уште една работилница во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, на која присуствуваа синдикални претставници на СОНК од Регионалните одбори на Тетово и Гостивар.

Целта на работилницата беше да се увиди нивото на владеење и да се прошири знаењето од областа на безбедноста и здравјето при работа на синдикалните претставници.

На работилницата беше опфатен теоретски и практичен дел во однос на позиција работодавач – работник, како и во однос на професионални заболувања со кои се соочуваат вработените во сите дејности што ги застапува СОНК.

Во интерактивниот дел, присутните членови на СОНК поставуваа прашања, разменуваа информации за правата на работниците во делот на БЗР и добиваа соодветни одговори од страна на двајца предавачи односно стручно лице за БЗР и доктор по медицина на труд.




ERASMUS+ ПРОЕКТОТ YOUWELL – ПОДДРШКА, МЕНТОРСТВО И ОБУКА ЗА НАСТАВНИЦИТЕ ПОЧЕТНИЦИ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО

Со задоволство Ве известуваме дека Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК го започнува Erasmus+ проектот (2022-1-BG01-KA220-SCH-000085901): Sustaining Young Teachers’ Wellbeing at SchoolYouWell, во соработка со братскиот синдикат Подкрепа, како и останати партнери од Бугарија, Белгија и Словенија.

Проектот ќе трае 24 месеци, за кој период наставниците со искуство ќе имаат обука за менторство, со цел воведување и професионално усовршување на наставници почетници, кои штотуку влегуваат во наставничката професија.

Ефективното менторство на наставниците почетници може да заштеди време и трошоци, зголемувајќи ја ефективноста, задоволството од работата, задржувањето и привлечноста на професијата.

Целта на проектот е наставниците почетници да се чувствуваат безгрижно во нивното професионално патување и да развијат силна мотивација и компетенции да останат во избраната професија.

Повеќе информации за проектот можете да добиете на следните линкови:

www.youwellproject.eu – официјална веб страна на проектот

https://www.facebook.com/youwellproject – официјална facebook страна на проектот




СОНК И МЗЗПР ПРОДОЛЖУВААТ СО ЕДУКАЦИЈА ЗА ЗДРАВА И БЕЗБЕДНА РАБОТНА СРЕДИНА

Во рамките на проектот “Безбедност и здравје при работа во дејностите на образование и наука”, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК и Македонското здружение за заштита при работа – МЗЗПР, на ден 20.02.2023 година, одржаа работилница на која учествуваа членови на СОНК од Регионалните одбори на Велес и Штип.

На работилницата, присутните членови имаа можност да се едуцираат и да ги прошират своите знаења, благодарение на двајца предавачи односно стручно лице за безбедност и здравје при работа, како и доктор по медицина на труд, кои се експерти во својата област.

        

Работилницата, на која се обработија актуелни теми за безбедноста и здравјето при работа, беше интерактивна, пришто експертите од стручен и научен аспект одговорија на сите поставени прашања.

На крајот од работилницата, учесниците изразија голема благодарност за можноста да се стекнат со неопходните знаења од оваа, за нив, многу значајна област.