НИВЕЛАЦИЈАТА НА ПЛАТИ ВО КУЛТУРАТА ВНЕСУВА ЗАБУНА КАЈ КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ

image_pdfimage_print

НИВЕЛАЦИЈАТА НА ПЛАТИ ВО КУЛТУРАТА ВНЕСУВА ЗАБУНА КАЈ    КУЛТУРНИТЕ РАБОТНИЦИ

Највисокото раководството на СОНК одржа работна средба со претседателите на синдикалните организации на СОНК од дејноста култура, на која се расправаше за најавената нивелација на плати во установите од културната дејност. Во своето воведно обраќање, претседателот Јаким Неделков ги информираше присутните дека СОНК, како репрезентативен синдикат во културната дејност, воопшто не бил консултиран, ниту информиран за начинот и постапката на нивелација на платите, па оттука е и незадоволството во однос на немањето на социјален дијалог на два релевантни социјални партнери, во согласност со домашните закони, како и меѓународните конвенции за социјален дијалог и партнерство. Тој додаде дека го поздравува секој обид на министерството за подобрување на социјално-економската положба на културните работници, но дека без соодветна процедура, без вклучување на СОНК, без транспарентност во работата, сите нивни напори  ќе предизвикаат сомнеж во однос на исправноста на нивната одлука. Исто така, го потенцираше и неспроведувањето на процедурата при промена на коефициентите на сложеност на работното место, за кое, како што вели, претставува кривично дело и е тежок прекршок.

Претседателите на синдикални организации  беа со различни ставови околу нивелацијата, од која впрочем сите очекуваат соодветно зголемување на платите. Тие подвлекоа дека очекуваат, она за што долги години се залагаше и го правеше СОНК, а тоа е израмнување на платите по работни места на национално ниво, конечно ќе се оствари. Меѓутоа, дел од дискутантите истакнаа дека од можноста на увид во табеларите со новите коефициенти, зголемувањето ќе биде најголемо само кај носителите на дејност, додека пак кај помошно-техничкиот кадар сосема симболично или воопшто ќе го нема. Дел од носителите на дејност пак, го истакнаа своето задоволство, потенцирајќи дека конечно нешто добро е направено во однос на нивната професија.

На крајот од средбата, беше заклучено дека СОНК и Министерството за култура, во најкраток можен рок, треба да воспостават комуникација, да се разрешат дилемите околу нивелацијата и да се земат во предвид сите конструктивни забелешки кои ќе ги достави нашиот синдикат.