ОДРЖАНА 13-та СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК
СОВЕТОТ НА СОНК ГИ УСВОИ БАРАЊАТА УПАТЕНИ ДО РЕСОРНИТЕ МИНИСТЕРСТВА

Советот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија ( СОНК ) разгледувајќи ги социјално – економските состојби од аспект на статусот на вработените во образованието, науката и културата на Р. Македонија , а согласно Законот за работни односи, глава XVIII, IXX и XX, посебните колективни договори по дејности, Статутот и Програмата на СОНК и поаѓајќи од барањата на најголемиот дел на членови на СОНК, на седницата одржана на 26-02-2014 година едногласно ги донесе следните

Б А Р А Њ А

  • 1.1. Министерството за труд и социјална политика ( МТСП ) веднаш да го укине член 60 од Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста во установите за деца, со кој се врши продолжување на работното време на воспитувачите и негователите спротивно на Законот на дејноста, колективниот договор за дејноста и досегашното применување на ова право.

  • 1.2. Министерството за труд и социјална политика ( МТСП ) веднаш да ги продолжи и во најкраток можен рок да се довршат преговорите со СОНК за примена на Колективниот договор за детска заштита во делот за платите, кој е потпишан а не се применува од почетокот на 2011 година.

  • 2.1. Министерството за образование и наука ( МОН ) да донесе одлука со која примената на наградувањето и казнувањето според резултатите од екстерното оценување се одлага на неопределено време , се додека не се постигне взаемно решение помеѓу МОН и СОНК по ова прашање.

  • 2.2. Веднаш да започнат преговори помеѓу МОН и СОНК за корекција на висината на платите во основното, средното, високото образование и науката, не земајќи ги во предвид планираните 5% од октомври за септемвриска плата за 2014 година.

  • 3.1. Министерството за култура веднаш да ги продолжи преговорите со СОНК за склучување на нов Колективен договор за култура и истиот да биде потпишан најдоцна до крајот на првата половина на 2014 година.

    - Се задолжува највисокото раководство на СОНК овие Барања итно да ги достави до наведените ресорни министерства и најдоцна до 15 –ти март 2014 година да свика нова седница на Советот на СОНК, на која ќе се направи анализа за степенот на остварување на наведените Барања и врз основа на тоа да се договорат натамошните активности на СОНК во врска со Барањата.

    О Б Р А З Л О Ж Е Н И Е

    Советот на СОНК разгледувајќи ја социјално – економската состојба во дејностите, како и реакциите на членството, констатира дека неспорен е фактот за постоење на социјален дијалог особено помеѓу раководството на СОНК и ресорните министерства , вклучувајќи ги и нивните Министри, но во последните неколку години не е решено ниту едно од значајните, односно стратешки интереси на членството. Имено, последната корекција на платите во сите дејности на СОНК е направена во март 2010 година , со која просечната плата во образованието, науката и културата беше повисока од просечната плата на ниво на држава. Точно после 4 години од спомената корекција сега просечната плата е пониска од просечната на ниво на држава, што јасно кажува за значајно намалување на стандардот на вработените во нашите дејности. Посебно загрижува состојбата во делот на платите во детските градинки, кои поради не примена на делот на платите по новиот Колективен договор, потпишан пред 4 години, за исти или приближно иста сложеност на работни места во другиот дел од образованието се значајно пониски.

    Работното време на воспитувачите и негователите во детските градинки повеќе децении наназад изнесува 30 односно 35 часа во текот на неделата, поради специфичноста на работата на споменатите работни места и никогаш не била условена останатиот дел до 40 часа да бидат во просториите на објектот каде што е сместена детската градинка. Со споменатиот Правилник од точка 1.1 првпат со акт на ресорното министерство се воспоставува обврска, која патем да споменеме не е искуство во ниедна од соседните држави, ниту пак има реално образложение за потребата од ваквото решение.

    СОНК е јасно определен за потребата од реформи во дејностите кои синдикално ги обезбедува и поаѓајќи од таа определба во сите години досега даваше активен придонес за нивно реализирање. Меѓутоа СОНК за дел од преземените реформи од ресорните министерства искажуваше резерва или даваше конкретни предлози или решенија за некои од реформите. Во тој контекст посебно е неприфатлив моделот за наградување и казнување според резултатите од екстерното оценување.

    Според Спогодбата помеѓу СОНК и ресорните министерства од декември 2008 година беше договорено новиот Колективен договор за културата да биде потпишан најдоцна до крајот на 2009 година, за жал истиот се уште е во фаза на преговори кои понекогаш се прекинати од страна на министерството и по повеќе месеци. Сегашната состојба во делот на платите во установите од културата , најблаго кажано е неприфатлива бидејќи има разлики во висината на платите за исти работни места и во иста установа , а уште е посериозна состојбата помеѓу установи.

  •   Copyright © СОНК 2011